Меѓу криза и катарза – Пелистер си направи „мечкина услуга“ или се врати „во живот“?

Битола повторно е во ракометен транс. А според коментарите кои ги читаме и слушаме на социјалните мрежи – „Пелистер е повторно шампион“!

Се врати насмевката на лицето на Чкембарите, што би рекол капитенот на домаќинот.

Полна сала, како потврда на фактот дека ракометот е единствено „жив“ во државата, публика, која, како и на избори, во огромен дел навива (или гласа) „против“ наместо „за“. Се’ на се’, актуелниот шампион Пелистер Еурофарм го совлада Ракометниот клуб Вардар 1961 (морам да внимавам на тоа како ги именувам, поради реакцијата на луѓето кои го водат клубот), го „приземји“ после неколкумесечно летање, истовремено оставајќи го во живот првенството, во однос на тоа кој ќе биде новиот шампион на Македонија.

А сега малку ракомет!

Синоќешното дерби потврди една состојба во мак ракометот, која е типична за Скандинавија и Бундес лигата, а тоа е супер високиот процент на поставеност на зоната 6-0 во играта на екипите кои се борат за највисок пласман, без алтернатива за промена на истата, во ситуација кога „колата оди низ брдо“.

ГОЛМАН ШТО МОЖЕ ДА ПОКРИЕ, ЌЕБЕ ОД „ОТЕКС“ НЕ МОЖЕ

Така беше и синоќа во Битола. Две зони 6-0, од кои онаа на Вардар, до сега беше, според мене нај цврста, но и со одредени „фалинки“, кои принудно или ставено на вага, мора да се истрпат. Можеби за првпат оваа сезона, таа зона на Вардар беше надиграна и „размонтирана“. Спомнав пред неколку колумни дека на Вардар му недостасува уште еден играч во таа зона, затоа што Хорига, а особено Борозан, без разлика на нивните физички предиспозиции, не се играчи кои можат да одиграат на така фундаментална позиција. Првиот, затоа што неговиот фокус е во нападот, како перјаница на истиот, вториот поради дефокусот, недисциплина и деконцентрација, како негови главни недостатоци. Премногу топки на „црта“ поминаа покрај Хорига и Борозан, премногу шутеви над нивните раце, премногу дуели загуби Јанковски, за да се надеваат на подобар резултат. Кога на тоа ќе се надополни неискуството на младиот Стојановски…

Очекувано, старо-новиот тренер на Битолчани, со две главни задачи се обиде да го најде лекот за, до синоќа, несовладливиот тим на Вардар, оваа сезона. Во напад, ќе го напаѓаме супер неискусниот (за ваков тип натпревари), Марио Стојановски на петка, а во одбрана ќе бидеме густи на левата страна од зоната, кај Хорига, па и Малус, оставајќи го Митровиќ да решава, за себе или да „вработи“ пивот или крило. Оправдано, да, делумно, Хосни беше прв човек на домаќинот во напад, и од разликата која ја правеше профитираа останатите. Одбранбено, неуспешно, поради (не)поддршката од голман. Пелистер е „смрзнат“ на солидни -3 или -4, на традиционално (кога гостува Вардар) супер жешкиот домашен терен. Вардар играше на индивидуален квалитет, покривајќи ги сите недостатоци во играта во напад, а Валах, барем привремено ја искриви сликата за (не)успешноста на зоната.

Период или потег кој го реши натпреварот, е промената на бековските позиции или поточно кажано, предолгото држење на клупа на двајцата главни играчи на Скопјани, од страна на тренерот, период кој се поклопи со влегувањето во игра на ракометниот „нинџа“, Иранецот Сеид Хеидарирад. Чудо едно е ракометот, колку важен е тој лик кој стои меѓу стативите, што може се да покрие како недостаток на екипа, да создаде можност за транзиција и лесни голови на својот тим, да го фрустрира противникот.

Што може да покрие голман, ќебе од „Отекс“ не може!

ОДОЗГОРА НЕ ДОЗВОЛУВА „НИНЏА“, ОДЗДОЛА НЕ МОЖЕ ПОКРАЈ ГРАНИТНАТА ЗОНА

Вардар сакаше дербито да го реши “од надвор”, а Битолчани имаа друга замисла и со сериозно трпелива игра, упорно форсирајќи дуел игра и додавање на “црта”, зихерашки го однесоа натпреварот на “свој терен”. Сепак, би било некоректно, целото дерби да се сведе на еден играч, или голман, и неговиот перформанс, а да не се напомене мотивираноста на екипата, желбата да се покаже квалитет и карактер, борбата до последна капка пот. Нешто што недостасуваше на дуелот со Алкалоид, а го нотиравме, тука, во последната колумна. Не може човек да не го забележи односот на Тајник, кој многупати е тука критикуван, не спорејќи ја неговата ракометна поткованост, мотивираноста на Фитиљ и секако жарот на Жаре.

Како резиме на се погоре кажано, ќе парафразирам еден тренер на Пелистер, популарниот Цане  Крстевски-Цауро, легендата на битолскиот ракомет, кој пред многу години на човекот по кој салата во Битола го доби името, на натпревар (можеби, не ме држете за збор) со руска ЦСКА, му се обрати со реченицата „одоздола не знајш, одозгора не мојш“, сега со малку видоизменет тек на реченицата, прилагодена за синоќешното дерби, а во насока на тоа дека гостинот постигна само 23 погодоци, кои во модерниот ракомет не се ама баш никаква подлога за позитивен резултат. Ракометниот клуб Вардар 1961 се обиде „одозгора“ со шутеви од надвор, ама „нинџа“ не дозволи, се обиде „одоздола“, во дуел игра, ама зоната на централните позиции со Хенингман, Абутовиќ и Атанасиевиќ, беше непропустлива.

Епилогот е тој!

УШТЕ ЕДНА „МЕЧКИНА УСЛУГА“ ИЛИ ШАМПИОНОТ СЕ ВРАТИ ВО ЖИВОТ?

Епилог, кој дојде после неколку дневното дебатирање околу тоа што би можело да се очекува во Битола, на дербито во кое двете екипи влегуваат од различни позиции. РК Вардар 1961, полн со себе, непоразен, стабилен и со 4 бодови предност, и Пелистер, на кој го „остаде“ тренерот (кој е веќе заборавен и ич не ми текнува како се викаше), во ситуација да МОРА да добие. А кога се мора не е тешко, претешко е. Но, на мака се познаваат јунаците оставајќи едно (или две, три) прашање да лебди во воздухот.

Што се случи во Битола последните неколку денови, што драматично се смени, за шампионот да изгледа како препороден, во дуел со силен противник и лут ривал?

Своеволна оставкат во облик на „бркање“ на претходниот, со бојкот на „главните“ играчи и предавање на кормилото во рацете на “бандата”, која синоќа на дело демонстрираше единство и ситуација дека кога сакаме-можеме, после која истата таа, „бандата“ де, во иднина ќе се прашува за многу работи? Или можеби позицијата пред “провалија”, во која се најде тимот (имајќи предвид дека со пораз Пелистер ќе беше на -6) го сплоти истиот (веќе видено овој јуни во „Јане“) и ги намести коцките, Битола, на голема врата да се врати во конкуренција за титулата?

Како и да е, шампионот на својствен начин успеа да излезе од „калта“, оставајќи нè нас, оние со „дијагнозата“ наречена ракомет, повторно да се прашуваме зошто тоа што се случи синоќа во Битола е добро. Дали станува збор за уште една „мечкина услуга“ направена за ракометниот гигант од Битола, или пак гледавме најава за продолжување на „зелената ера“ и уште една сезона елитен ракомет во Градот на конзулите?

Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...