Фото РК ВАРДАР
Поминаа едвај 24 часа од воведниот настан за следната сезона во Лигата на Шампиони во ракомет, извлекувањето на групите, а јас сеуште номожам да се освестам од тоа што го доживеав!!
Во начинот на подготовка, организација и егзекуција на самата ждрепка добиваме огледало. А ова што ЕХФ го приреди со воведот во Лигата на шампиони е токму тоа — огледало на една организација која сè повеќе зборува и се грижи за елитата, а сè помалку наликува на елитна институција, се прашувам дали некогаш и воопшто тоа била?
Новиот формат звучи модерно: 24 екипи, шест групи по четири, првите две продолжуваат во следна фаза, третата и четвртата се префрлаат во Европската лига. За момент ќе помислите дека ЕХФ ги отвара вратите, го зголемува бројот на екипи и се грижи за промоцијата на ракометот!
И тука почнува заплетот.
Ждребот личи на се освен на процедура со спортски, витешки дух, Тоа е административна вежба која ни самите извршители не кријат дека е глупава, цитирам Личи малку комплицирано!!!
Тука нешто е длабоко погрешно. Кога за да разбереш кој со кого може, кој со кого не може, кој мора во прва половина, кој во втора половина, колку Германци, Французи и Данци смеат да се најдат во ист дел од натпреварувањето, ти е потребна вештачка интелегенција, јасно е — тогаш спортот веќе одамна е напуштен, а на негово место е поставена бирократска сценографија.
ЕХФ сака да продава елита, но премногу често испорачува евтин елитизам. Тоа е суштинската разлика. Елита значи квалитет, јасност, достоинство, спортска логика и доверба. Елитизам значи затворен клуб, комплицирани правила, „апгрејд“ барања, политички рамнотежи и вечна потреба некој во Виена да објаснува зошто баш така морало да биде. За сезоната 2026/27, кај мажите тие одобрија 13 од 16 барања за надградба, меѓу нив и Вардар. Тоа е добра вест за македонскиот ракомет, но и уште еден доказ дека Лигата на шампиони веќе одамна не е чисто шампионска, туку селектирана, филтрирана и обликувана според интереси.
Како ракометот да стане сеприсутен и широко прифатен кога тимови од огромен број на европски земји неможат ниту да сонуваат да бидат дел од Лигата на Шампиони.
Која е смислата на терминот Европска, просто не разбирам?
А на декадентните лидери на ЕХФ им треба само малку поглед кон минатото, и горе кон фудбалот, тогаш ќе им биде појасно. Во Лигата треба да учествуваат сите шампиони и евентуално вице шампиони од земјите со врвен ракомет. Па така би имале неколку квалификациски кола како во фудбалот и секој би добил шанса. Врвен ракомет ќе се гледа и игра и во Грузија и Бугарија, во Ерменија и Литванија, портал кон модерен и атрактивен спорт.
Но, да бидеме искрени: Со оваа мумифицирана гарнитура таканаречени ракометни лидери сево ова останува во жанрот НФ. Тие просто работата само на себе промоција, строга контрола и седење мадро.
Се прашувам од друга страна дали нема наскоро да дојде и моментот кога и клубовите ќе излезат од зимскиот сон и ќе побараат дел од маркетиншкиот колач со кој со години се кити ЕХФ?
Малку и за Вардар, македонскиот шампион и двократен освојувач на лигата на шампиони во европа, доби група која не е невозможна. Напротив, ова е група во која има тежина, но има и простор. Нант е најквалитетниот противник на хартија — клуб од првиот шешир, со француска физика, длабочина, брзина и европско искуство. Мелсунген е германска машинерија и актуелен освојувач на Европската лига, што автоматски го става во редот на најсериозните ривали. Висла Плоцк е незгодна полска екипа, тактички цврста, со публика и со европска навика да игра тешки натпревари.
За Вардар, ова не е група за плачење. Ова е група за играње.
Првата реална цел мора да биде Вардар да не биде турист во Лигата на шампиони, нешто на кое не навикна Пелистер. Не е доволно да се каже: „се вративме“. Вардар не е клуб кој треба да слави само учество. Вардар има историја, има тежина, има публика и има име кое сè уште предизвикува почит во Европа. Но, исто така, Вардар денес не смее да живее само од 2017 и 2019 година. Тоа се златни страници, но не се тактички план за во иднина.
Клучот ќе биде домашниот терен. Ако Скопје повторно стане ракометен притисок, а не само убава носталгија, Вардар може да земе бодови од секого. Нант дома мора да биде меч за храброст, не за страв. Висла дома мора да биде меч за победа. Мелсунген дома мора да биде меч во кој Вардар ќе покаже дека германската дисциплина не е поважна од македонската емоција кога таа е под контрола.
Распоредот, според провизорната најава, почнува тешко — гостување кај Мелсунген, па Нант во Скопје, потоа двомеч со Висла, дома и гости. Тоа значи дека Вардар нема време за загревање. Првите три кола ќе кажат дали ова ќе биде сезона на амбиција или сезона на преживување.
Најголемата опасност за Вардар не е ниту Нант, ниту Мелсунген, ниту Висла. Најголемата опасност е илузијата дека враќањето во Лигата на шампиони само по себе е успех. Не е. Тоа е врата. Успехот е што ќе направиш откако ќе влезеш.
Реално, пласман во првите две места ќе биде тежок, но не и невозможен. За тоа ќе треба најмалку една голема победа на гости, против Нант или Мелсунген. Третото место би било коректен европски резултат и продолжување на сезоната со достоинство. Четвртото место не би било катастрофа според новиот формат, затоа што и тоа носи продолжување во Европската лига, но би било сигнал дека Вардар уште не е на нивото на кое името го обврзува да биде.
Вардар мора да влезе во оваа група без комплекс, но и без самозалажување. Европа веќе не паѓа на име. Европа паѓа на одбрана, голман, транзиција, дисциплина, ротација и карактер. Ако Вардар ги има тие пет-шест елементи, групата Б може да стане нешто повеќе од свечено враќање. Може да стане почеток на нова европска релевантност.
А ЕХФ? ЕХФ ќе продолжи да ни објаснува дека сè е модерно, сè е стратешко, сè е во интерес на ракометот.
Само што ракометот одамна знае: кога правилата мора да се објаснуваат повеќе од играта, проблемот не е во публиката. Проблемот е во оние што мислат дека ја поседуваат играта.
