Ракометна Европа фасцинирана од страста, пасијата па и љубовта на нашата Македонија за овој спорт. Супер промоција на малиот ракомет во градот на 365 цркви, каде викендов се славеше една нова ракометна религија.
Имено, Градскиот ракометен клуб Охрид е освојувач на трофејот во ЕХФ Европскиот куп, со што на најубав начин ја заокружи и повеќе од успешната сезона на сите фронтови. Македонија го одбрани трофејот и покажа дека има “коњи за трка” во Европа, па макар било тоа и во третото по квалитет натпреварување, во кое, како што кажавме и пред некое време, оваа сезона партиципираа, како никогаш претходно, дузина квалитетни колективи.
Тоа, впрочем го покажаа и последните две препреки кои македонскиот претставник ги имаше на патот до конечниот триумф. Охрид, како третопласиран тим во суперлигата, ги елиминира шампионите на Словенија и Грција и третата екипа во Унгарија.
Со краток коментар, пред два дена, го најавив тоа што може или би сакале да се случува во, како никогаш претходно, преполната “Биљанини”. Иако, со непријатно чувство околу конечниот исход, поттикнат од притисокот на „градот“ кој веќе слави титула, без многу чувство и претходно искуство од вакви натпревари, се плашев дека, истиот тој (притисокот де!) ќе ја згрчи екипата. За жал, не бев далеку од вистината.

Исто така, на ден пред натпреварот, гласно размислував за тоа што ни е потребно за конечен триумф. Бравура на волшебникот од земјата на изгрејсонцето, Пипо мајсторе во полн ефект, семоќниот Шпанец на свое ниво, храбро-лудиот Нишлија во елемент, Тилен – baby face како бургија на тимот, или Анте, неуморен во два правци…. или пак сите заедно во најдобро светло. Потребно за да се совлада супер скапиот државен проект на Татабања, да се совлада притисокот од локалната армија поддржувачи, кои, реално, иако сериозно неискусни од ваков калибар натпревари, па и од воопшто присуство во сала, во вистинска смисла беа „осмиот играч“ на домаќинот. Беспрекорна поддршка за своите, а не против оние другите. Како бонус на се погоре кажано, иако сум 30 години во овој спорт, не сум видел толку многу публика без намус (турска збор за срам!) да го бодри тимот пред сала, без разлика што кај нас секој заслужува да биде внатре и тој истиот „многу придонел за клубот“. Честитки за охридската публика, продолжете да го поддржувате клубот, со глас, но и со купена сезонска влезница следната година, дрес, шал, било што. Клубот ќе возврати со врвни претстави и врвна спортска содржина.
А сега за она што го видовме на терен.
ПИПО МАЈСТОРЕ, ДВАЈЦА РАКОМЕТНИ ГЛОБТРОТЕРИ, РЕЈ И НАЈДОБРАТА 6-0 НА БАЛКАНОТ

Дефинитивно. Пипо мајсторе или Кристијан Пилиповиќ, кој како џокер влета на веќе почната сезона е сериозен калибар. Во континуитет брани „двоцифрено“ и со својот изграден карактер и сигурност, на неверојатен начин пренесува самодоверба над остатокот на тимот. Замина од тимот во голем стил и остави отворена врата во градот под Самоиловата тврдина.
Дефинитивно. Охрид и Ројевиќ „патентираа“ 6-0 зона за големи работи – без разлика кој е „внатре“ и со какви предиспозиции или квалитети располага. Веќе кажано до сега, потенцирано неколку пати. Уиграност, меѓусебна поддршка, хомогеност и меѓусебна комуникација. Овој спорт е тимски, а зоната е силна, онолку колку е добра најслабата алка во истата. Играва е тимска, ама чувствувам потреба да посочам главен „виновник“ за статусот што го има – најдобра зона на Балканот. Со име и презиме. Ориол Реј Моралес. Како тивок „убиец“ на другарот Борис, силен како Блек Стена, поткован тактички до детаљ, во однос на шпанскиот систем за длабока 6-0 зона, срамежливиот Шпанец веќе е миленик на Охриѓани. Секако, тука се и останатите играчи, и тука нема ништо спорно, тука се и голманите, за тоа зборувавме пред два дена, но во ситуација кога, екипата останува без Анте и Ројевиќ е принуден да му бара партнер на Шпанецот во синоќа индиспонираниот Прибетиќ или недоволно корпулентниот Лијапис, на површина излегува квалитетот и значајот на О.Реј. Одамна не сум видел толку квалитетна одбранбена партија во нашиот ракомет.
Дефинитивно. „Детското лице“ на Тилен е само мамка за противникот, висината или габаритот на „самурајот“ не е ништо подруго. Двајцата ракометни глобтротери, во отсуство на Анте, а подржани од нашите Томи и Давид, си играа мајтап со високата зона на Унгарците. Стрмљан, во отсуство на Јотиќ, оваа сезона го одржа тимот во игра за трофеи, а Јасихура, како ракометен магионичар, го лансираше тимот кон најголемите успеси во историјата. Како ли ќе поминеше Татабања во Охрид, ако пола екипа не беше под грч и на неверојатен начин не реализираше дури 11 чисти зицер топки. Како „боса по трње“, во најмала рака.
ВИЗИЈАТА НА РОЈЕВИЌ + КАРАКТЕРОТ НА ТИМОТ + „ТАТКОТО НА ГРАДОТ“ = ЕВРОПСКИ ПЕХАР

Лесно е денес да се раскажуваат бајки. Но, во неделата во Охрид, работите не беа ни оддалеку толку розови.
Во моментите кога Борис се обидуваше да ротира, да освежи и да држи што повеќе играчи под натпреварувачка тензија, стигна црвениот картон за Анте и ротацијата практично се сведе на минимум. Во „Биљанини“ кислородот беше луксуз, температурата потсетуваше на скопски асфалт во јули, а кај дел од играчите се чувствуваа и импресијата од моментот и зрно недисциплина. Тогаш на површина исплива карактерот и заедништвото на тимот. Помеѓу тактичката минијатура на шефот, вонсериските квалитети на индивидуалци и огромната желба на тимот, Охрид најде начин да победи.
Без вистинска ротација, со грч во играта во добар дел од првото полувреме, ГРК Охрид испиша историја и се впиша во аналите како четвртиот македонски клуб што освоил европски трофеј, а во витрините на македонскиот ракомет го донесе петтиот европски пехар.
Поддржан од „таткото на градот“ и неговата верна дружина. Одамна тие не се сами. Од вчера е веќе јасно, зад нив стои армија Охриѓани, која од натпревар во натпревар станува сѐ поголема и погласна.

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
