Фото ГРК ОХРИД
Во неделава на европско тло, фигуративно речено, оти европа упорно не не смета за присутни, три наши екипи ќе истрчаат на герфлорот со големи амбиции.
Убаво е чувството да си дел од нешто важно. Значи дека работиш правилно, добро целиш. Македонија, таква каква што е, со Ракометот бележи парадокси.
Екипи во Лигата на Шампиони безмалку три децении, екипи во останатите купови во континуитет. Годинава освоена титула преку ликот и делото на најмладиот наш ракометен колектив, РК Алкалоид. Незнам дали некој од нашето опкружување може да се пофали со вакво присуство.
Денес Вардар излегува прв на дуел со еден добро познат муштерија. Кристијанштад со години беше топовска храна за црвено црните. Работите се сменија но дали и навиката. Во еден силовит занес е Чупко со својата легија на недоречени странци и дома и во европа (простете за малото е, но мали се во душата, им прилега). Коефициентите, на кои уживам да им се изнасмеам кога во прашање е ракометот, повторно во европски дух. Не потценуваат…
Дали егото на старата курва или пркосот на Балканот, дали префинетиот режим на тренирање или сировиот квалитет, ќе дознеме вечер. Вардар по потврда на непобедливоста оваа сезона.
Во Битола пак пристига еден сериозен и машки колектив, кој се здоби со неколку силни удари изминативе денови. Колектив создаван за високи дострели, но многупати во спортот сведочевме дека сето тоа не е доволно. Пелистер како никогаш досега игра зрело на крилата на Митревски и Манасков и самоуверено на база на Кузмановски. Влегуваат во секој натпревар со една цел, независно кој е отспротива. Ние сме Шампиони е девизата на зелено белите!
Пред точно 2 години, еден поинаков Пелистер беше на праг на голема победа, избега за минута две. Дали е време за одмазда?
Во еден од најубавите градови на планетата, Охрид пак, расте една нова приказна. Делумно препозната меѓу ракометните работници но сеуште недокажана.
Ја градат приказната збор по збор, сите алтани. Вистинско задоволство е да се пратат нивните чекори. Го дигнаа нивото и ја создаваат големата четворка. Градот споро одговара, но како што рече еден наш голем спортист, по првите успеси ќе пристигне и поддршката. Во дуелот со едно легендарно име од балканската ракометна митологија, Слога од Добој, Охрид ја гледа својата шанса. Ова всушност е шеснаестфинале и со победа Охрид тропа на вратата на големото друштво во третиот куп.
Со позитивна мисла и верба во 3 победи на македонските клубови!
