Данска е неприкосновена, Шведска како ко домаќин и поволна ждрепка е веќе во полуфиналето. Кои се останатите 7-8 селекции, конкуренти за пресостанатите две места во полуфиналето?
Јануари. Месец на празниците, на храната, на семејството. Но и месец на пост празнична депресија и она најважното, барем за мене и слични на мене, месец на ракометот. Оној од национален интерес.
Среќна и успешна 2026 година, многу здравје и успех на сите што сонуваат и работат на исполнување на своите соништа. На сите Македонци, каде и да се!

5️⃣-то издание на Handball Camp 40×20 Macedonia
Ракометна Македонија по 9-ти пат ќе партиципира на едно европско првенство. Машкиот национален тим, во друштво на 24 селекции, на крилјата на (не)реално високите амбиции на јавноста од една страна, и убава доза резервираност од страна на стручниот штаб на селекцијата на друга, ќе се обиде да ја исполни целта. А која нашата цел на претстојното ЕП?
Официјално, не знаеме. Македонија има воигран состав, играчи кои веќе неколку години со ред се на големите натпреварувања, дузина супер искусни играчи, „најдобра лига“ во регионот, буџет за исполнување на се што е планирано во однос на подготовки на националниот тим, супер победнички „воспитан“ стручен штаб . . . Од обезбедување место во повластен барабан, до поминување на групата, каде се наоѓаат Данска, Португалија, па и Романија. Тоа се нашите амбиции, скриени, јавно искажани или наметнати.
Македонија мора да размислува на чекор напред, но мора и да биде реална за силината на противниците во групата, но и системот на ЕП.
Добредојдовте на најавната колумна на „Читај Ракомет со Горан Ѓоргоноски“ за претстојното ЕХФ ЕУРО 2026, кое од 15 Јануари до 01 Февруари, по којзнае кој пат, ќе се одржи во Скандинавија. Негови домаќини ќе бидат Данска, Шведска и Норвешка. Ветуваме објективност, издржаност и интегритет. Посакуваме, читање до последен пасус, коментари, критики, полемики и пристојност.

ДАНСКА И ШВЕДСКА ВО ПОЗИЦИЈА ДА ГИ ОЧЕКУВААТ СВОИТЕ ПРОТИВНИЦИ ВО ПОЛУФИНАЛЕТО?
Кој е кој на Стариот континент?
Од претходните два европски собири можеме да заклучиме дека двете скандинавски селекции, Данска и Шведска, се постојано во самиот врв, и заедно со Франција се повторно фаворити за поделба на медалите. Да бидеме реални, Данска, како актуелен Светски и Олимписки шампион, во моментов е едно ниво над сите останати, а за да бидам докрај конкретен, ќе поставам една прогноза, можеби малку неблагодарно и тешко предвидливо, но во насока да го направиме ова ЕП уште поинтересно.
Мојата прогноза за завршниот викенд на претстојното ЕП е следниот: Данска и Шведска ги чекаат своите противници во полуфиналето, а за останатите две места ќе конкурираат 7-8 горе-долу изедначени селекции. Во прв ред, актуелниот европски првак Франција е малку пред останатите, минатогодишните финалисти на СП, Португалија и Хрватска, „новата“ суперсонична Германија, како и ко домаќинот Норвешка, па и уште еден „северњак“ Исланд, Шпанија… и толку. Изненадувања? Не очекувам.
Не очекувам од повеќе причини. Првенствено поради системот, кој е немилосрден спрема селекциите од „третиот свет“. Како потсетување, на ЕП играат 24 селекции, поделени во 6 групи од „А“ до „Ф“. Во следната рунда патуваат првите две селекции од шесте групи или вкупно 12 селекции, кои во следната фаза ќе бидат поделени во две групи. Она што „паѓа во очи“ е големата разлика во квалитет помеѓу првите три и вторите три групи. Имено, како фаворити од првите две групи се јавуваат Данска, Германија, Португалија, Шпанија, Франција и Норвешка. Селекции од втор план се Србија и Австрија и Македонија. На другата страна, во групите од „Д“ до „Ф“, фаворити за полуфинале се Шведска и Хрватска И евентуално Исланд, а селекции од втор план се Унгарија, Швајцарија, Холандија и Фарските Острови. Ќе се согласиме дека патот на „трите круни“ и „коцкастите“ до полуфиналето е далеку полесен, од на пример оној на Франција, Германија, Шпанија и Португалија. Толку за оваа несекојдневна ситуација, овој дебаланс, кој и тоа како може да влијае на конечниот расплет за тоа кој ќе биде дел од полуфиналните борби.
Гидсел и Нилсен, Мем и Фабрегас, Клар и Бергендал, Магнусен и Кристијансон, Кнор и Куштер, Дујшебаев и Тарафета, браќата Кошта. Најдобрите светски ракометари, во зависност од поддршката на останатиот дел од тимот, ќе може да се надеваат на нај сјајното одличје во европскиот ракомет. А таму, Данска, пред домашна публика и дополнителен мотив да ги обедини сите титули (по ОИ и СП) е фаворит, голем фаворит, но, на завршниот турнир (каде секако ќе се пласира) се игра еден натпревар и оставаме простор, Франција и особено Шведска, да и го „скинат скалпот“.
Од другата страна, бившата ни ЈУ држава, уште еднаш го потврди статусот на ракометен регион и со 5 (пет) селекции ќе биде претставувана на претстојниот континентален собир. Покрај Македонија, како резиденти на големи смотри, со сериозни улоги и овој Јануари, ќе ги гледаме Хрватска и Словенија, потоа Србија и Црна Гора. Со различни амбиции, од различни стартни позиции, секоја од нив има свој есап за тоа каде сака да се види на големата европска ракометна мапа. Ќе се обидеме за секоја од нив и нивните противници во групите во кои се сместени, да го најавиме претстојното ЕП.

СРБИЈА СО „ЕЛ-КОМАНДАНТЕ“ ПОВТОРНО СОНУВА „ВЕЛИКЕ СТВАРИ“
Поминаа 14 години, откако, на домашен терен, Србија имаше супер успешен настап и дури освои медал на големо натпреварување. Наместо подигање на свеста, присуство во медиуми, зголемување на базата, финансирање на лигата (или клубовите), следуваше беспарица, маргинализиран статус во однос на фудбалот и кошарката, селектори кои се менуваат на лента, не визионерство итн… Секој Јануари, со нов селектор, странец или домашен е нова надеж. Овој пат, можеби и нај издржано, кога на кормилото на националната селекција застана, за нас добро познато име, Раул Гонзалез – „ел команданте“. Оправдано или не, Србите очекуваат многу, но и постојано потсетуваат за силината на групата во која се наоѓаат, заедно со Германија, Шпанија и Австрија. Супер покриеност на голот со Милосављев, одлични пивоти и солидна зона, крила за респект, но и супер неискусни (за големи настани) играчи на бековските позиции, со мал исклучок на лидерот, Лазар Кукиќ. Дали е доволно за изненадување против, не така убедливата „црвена фурија“ на Ривера? Зошто да не, веќе двапати ги добија последните две-три години.
Главен фаворит во групата е Германија, која има одличен пар голмани, ја има главната оска во ракометот, голман(и), среден бек и пивот(и). Волф, Кнор и Гола, надополнети со два нетипични десни бекови, Куштер, Гргиќ, Колбахер се екипа за респект. Австрија од друга страна се базира на поединци, но одамна, паралелно со тоа го негува ракометот кој „царува“ со светот.
ЧЕТИРИ СЕЛЕКЦИИ СОНУВААТ СЛЕДНА РУНДА ВО НАЈ НЕКВАЛИТЕТНАТА ГРУПА НА ПРВЕНСТВОТО
Според многумина ова е нај неквалитетната група на ЕП. Ослабената Словенија, „растечките“ Фарани, Црна Гора и инертната Швајцарија. Словенците, со проблеми со повредени играчи како никој друг, повторно е фаворит во групата, во која очекуваме секој на секого да му прави проблем. Со огромна база „зналци“, „дежелата“ очекуваме повторно да „извади“ некој нов ракометен бисер, а од друга страна крајно време е одговорност во тимот да земе Домен Макуц, големиот талент (веќе етаблиран играч) кој веќе неколку сезони игра во Барселона, а од јуни ќе игра за германски Кил. За Словенците, имајќи предвид начинот на игра, ќе биде проблематичен мечот со Фарски Острови, кои имаат историска шанса да играат во втората фаза од ЕП. Но, истото го посакуваат и Швајцарија со еден куп бундес играчи и Портнер на голот, а и „далекуметната“ артилерија на Црногорците, со Вујовиќ и Борозан, но за жал без Симиќ на голот. Кој и да помине во следна рунда, ќе биде аутсајдер за пласман во полуфиналето.
„ЛАЛИЊАТА“ ПРОТИВ ДВЕ „ГОЛЕМИ“ СЕЛЕКЦИИ ВО БОРБА ЗА СЛЕДНАТА РУНДА
Тие се сребрени од минатото СП, каде беа ко домаќини. Имаат селектор од голем калибар, за нив несвојствено, странец. Имаат супер потентна селекција млади играчи, но и играчи кои играат во (нај)големите клубови. Во група се со домаќинот Шведска и, последните години, незгодната Холандија. „Коцкастите“ предводени од Дагур Сигуртсон, двајца супер голмани Кузмановиќ и Мандиќ, десна страна како ретко кој во светот, со капитенот Мартиновиќ, Кларица, Мараш, Шоштариќ и Главаш и „малиот генерал“ Лука Циндриќ. Време е Циндра да даде нешто за „репка“, потврдувајќи го статусот на врвен играч. Недостаток на оваа селекција е нетрпеливоста и одредена недисциплина на бековите, кои сакаат да „решат“ набрзина. Тоа со „големи“ селекции може да биде решавачко. Шведска, нешто погоре во оваа колумна ја најавивме како учесник во полуфиналето, а тука, поради фондот на играчи и улогата на домаќин е главен фаворит во групата. Феликс Клар, сега во улога на главен и одговорен на терен, треба да покаже дека е достојна замена за полу-пензионираниот Готфирсон, играч кој пред четири години им го донесе на „трите круни“ петтото злато на европските првенства, а тој истиот беше МВП. Сега е друга ситуацијата и Клар треба да покаже дека е достоен да „носи“ голема селекција на ЕП. Сепак, Шведска е тимски силна со многу искусни ракометари, кои играат во големи клубови.
Холандија, од друга страна, селекција која без приговор и во целост го прифати скандинавскиот ракомет, и каде селектор е легендата на светскиот ракомет, Штафан Олсон, покажа во минатото (меѓу другото и Македонија тоа го почувствува), дека без разлика кој е на терен, играта останува непроменета, трчај и шутирај, игра на гол повеќе од противникот, технички солидно потковани со минимум технички грешки. Секако, има и кај „лалињата“ играчи кои го „возат тракторот“ како Каи Смит и Лук Стеинс. Овој првиот е аут, и ќе биде предизвик за Олсон, на турнирски систем достојно да го замени. Не се без шанси, но Хрватска и пред се Шведска се благи фаворити за втората фаза.

И за крај на првиот дел од оваа, најавна колумна, да не останеме недоречени, да ги спомнеме Унгарија и особено Исланд, како селекции кои се непредвидливи, особено Унгарците, кои секогаш „пукаат“ високо, но знаат и од високо да „треснат“ на земја, како што беше пред 4 години, кога беа домаќини. Исланд, одамна нема медал на голем настан, а има супер ѕвезди во тимот, кои се главни играчи на европскиот првак Магдебург, Барселона итн. Тие се мој фаворит, секаде и секогаш.
Во вториот дел од колумната, утре ќе читате.
Групата „Б“ на скенер, со тежиште на најважниот натпревар на тимот на Лазаров, против фаворитот Португалија. Каде е Македонија, конкурент за следна фаза или аутсајдер кој ќе се бори со Романија за подобра позиција во следниот бараж дуел?
Се читаме утре!

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
