Битола и Македонија последен пат оваа сезона, во живо, гледаа европски машки клубски натпревар. Пелистер со очекуван пораз ја затвори евро сезоната на домашен терен против данскиот гигант Алборг. Битолчани, па и ракометните вљубеници од останатите градови имаа раритетна можност во еден краток временски период во живо да гледаат ракометни гиганти и икони кои “дрмаат” со светскиот ракомет последните 10-тина години. Најдобриот и најскапиот голман, нај корисниот играч во историјата, нај доминантниот светски пивотмен, маркантниот Данец со еден куп титули од големите смотри, вон временското лево крило од шампионскиот Вардар итн ….да се повторам, вистинска “посластица” .
Со надеж дека оваа сезона беше убава школа за македонскиот ракометен шампион, од организациска, логистичка, ПР и маркетинг и секако ракометна смисла.
Пишува(в)ме, критикува(в)ме, потенцира(в)ме и глорифицира(в)ме. Се со цел движење напред, и не само на ракометна Битола, затоа што таа сама по себе, колку и да е само бендисана, не може да функционира засебно, туку и за останатите наши колективи. Најчесто се занимаваме со струката и ракометот, но во друга прилика ќе напишеме ред два и за делот со уште еден многу важен сегмент на спортот воопшто, а тоа е спортскиот маркетинг и нужната потреба од ПР стручњаци. Од комуникација со јавност, присутност на дигиталните канали во вистинска смисла, промоција и истакнување на скапо платените играчи, доближување на истите до фановите, промоција на партнерите кои не поддржуваат, едукација на играчките кадар во однос на тоа како комуницираат со медиумите итн…
Што може да се издвои од натпреварот во средата против Хансен и компанија?
Првата работа е дека, без разлика кој е на терен, во однос на тоа која боја на пасош има, Пелистер е изгледа, подобро од пред неколку месеци, барем во однос на начинот на кој ги губи натпреварите во ЛШ. Тука е секако вечната “војна” на двата табори. Ние кои туркаме нашите деца да играат и стручниот штаб и клубот кој бара и посакува успех, по секоја цена. И тоа е нормално, без некој да ни земе за зло што сме досадни и некогаш и премногу критично настроени.
Втората работа е Фитиљот. Контроверзниот Фитиљ, битолскиот бисер од генерација ’96, кој на задна врата влезе во младинскиот погон на Металург, во генерација со многу поголеми таленти од него, со многу малери во однос на повреди пред големи смотри во јуниорски категории. Тој Фитиљ, кој направи вселенски трансфер во еден од најголемите ракометни колективи на светот, актуелни европски прваци, и тој истиот Фитиљ кој од пред нова година се ресетира, враќајки се назад на “местото на злосторот”, каде и ја почна својата кариера.
Фитиљот кој е многу критикуван, барем од моја страна, во секоја можна прилика. Признавам.
И не затоа што не игра доволно добро, или нема пристап кон играта…само заради тоа што неговиот потенцијал е многу многу поголем од она што досега го даде и постигна. Имаше еден тренер во Вардар, Пелистер и потоа во Металург, Јошко Петковиќ. Викаше “kad ja tebi vičem, ti kod mene igraš”. Така и со нашиот Фитиљ, викаме и критикуваме, затоа што знаеме дека може и мора подобро. И затоа што “такви” како него едноставно ги немаме.
Антропологија, физички предиспозиции, рамен појас, дланки, мускулна маса, се си е на место.
Но, имам впечаток дека постојано нешто недостасува, мал сегмент, финеса, детал, за да биде во самиот светски ракометен крем.
Дали е тоа фокус, психолошка подготовка, техничка надградба, искуство од носење екипа на големата сцена, “држење соблекувална”, преземање одговорност против најдобрите европски екипи …не знам. Не ми е јасно.
Само знам дека овие последните фактори, како многу важни во развојот на еден спортист, конечно му ги овозможи неговиот Пелистер, неговата Битола. А тој, им врати со се што располага, и повеќе од тоа. Како “девојка за се, игра на сите можни позиции во одбрана, влече транзиција и како лав се бори во нападот. Командува, пцуе и ги поддржува своите соиграчи. Прави се што се бара од него, па и малку повеќе од тоа.
Ова е ОДА за Фитиљ, кој треба да ја донесе РАДОСТА на битолската публика, кој во стилот на Бетовен “испорача” ДЕВЕТ симфонии во мрежата на силните Дански ракометари и кој е на пат да “влезе” во ХИМНАТА која ќе ечи од илјадници грла на новата гарда Чкембари.
Во стилот на Химна(та) на Европска унија, по текст на Фридрих Шилер и музика на Лудвиг Ван Бетовен.
Оваа моја колумна ја завршувам со еден сегмент од една моја прва колумна, откако Фитиљ се врати во Битола:
Цитат: п.с „Фитиљ“ се врати дома, по (не)успешната авантура во најсилната лига на светот. Битола многу очекува од него, што може да биде меч со две острици, за играч кој долги години не е лидер на една екипа. Враќањето на еден млад играч дома од многу посилна лига може да значи нов почеток или почеток на крајот. Времето ќе покаже…
Затворен цитат.
Времето покажа дека враќањето назад, (ќе) значи нов почеток за Фитиљ, за многу посилен Пелистер и продолжување на Македонската ракометна бајка на големите смотри.
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
#ЧитајРакомет#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија