Фото РФМ
Чувството кога твојот тим победува, со еден збор не се опишува. Кој барем еднаш бил в сала, кога Македонските ракометни херои се пред тежок испит, да се биде или не, кога почетокот е исклучително тежок, но следи пресврт и крешендо, знае за што пишувам.
Од временска дистанца, кога адреналинот веќе се стабилизира, сакам да нотирам неколку факти. Факти кои со години не ми давале мирен сон.
Бројот на изгубени топки!
Кај тимовите од првиот ешалон се движеле во маргините до 9, кај нас, незнам во кој ешалон би се сврстил, многу често над границата од 15 (замислете во натпревар во кој има просечно 45 напади, вие сте продале 15 топки!!!).
Овој пат, ако и верувам на ЕХФ статистиката, а не е за верување, подоцна и ќе го докажам тоа, имавме само 7 изгубени топки. Ако оваа ставка стане правило, имам право да се надевам дека наскоро ќе може да го замениме нашиот ешалон.
Листата на стрелци!
Кај нас по правило имало не повеќе од 7-8 стрелци, врвните, оние од ешалонот за кој сонувам, не ретко 10-11-12!
Во последните натпревари имавме, со Естонија 12, со Литванија 11. Одлично! Имајќи в предвид дека во составот ги немавме нашите два најдобри среди бекови, недостасува и по некое крило, бек и пикер од потесната ротација, заклучокот е исклучително позитивен.

Фото РФМ
Противничките голмани Херои!
Стана флоскула, за противничкиот голман да се каже дека го направивме херој. Често во важни натпревари го имавме тоа горчливо чувства дека голманите ни ја запечатиле судбината. Да имавме и ние одлични голмани, наши легенди, министри за одбрана, но често противничките голмани биле сопката за прогрес.
Овој пат наш Херој, Фениксот Томовски, во последните два натпревари статистиката му изгледа вака, со Естонија 68%, со зборови шеесет и осум проценти одбранети удари, со Литванија 55%, со зборови педесет и пет проценти!!!
Се навраќам на површноста на ЕХФ кон статистиката и зошто не им верувам, Во официјалната статистика зад името на Митревски стои една одбрана, а сите видовме два одбранети пенали во завршницата, додека првата одбрана му беше на почетокот на натпреварот!
Клучните играчи повредени!
Ќе се појави некоја Унгарија или Шведска, во составот ќе нема 2-3 исклучитено важни, ќе се понадеваме и ќе не треснат од земја.
Овој пат, Литванците во нашите чевли. Ако можеле дома ќе можеле и во Скопје, надеж или мотивација незнам, но сигурно потхранета со отсуствата на Марко Митев, Игор Ѓоргиев, Филип Талевски, Костески постариот, Марко Стојковиќ, ликови кои последниве години беа дел од стандардниот состав на Македонија, а неретко Митев и Ѓоргиев и најистакнати поединци.
Толку за ова.
За крај би сакал да истакнам уште неколку интересни моменти.
Како прво Столе повтоно го нема. Стана пракса, откако на клупата е Лазаров, помошниците да исчезнуваат и тоа најчесто поради Лични причини!?
Лазаров многу емотивен на крајот, со насмевка отпоздравуваше на публиката, ретка слика. Публиката пак прилично нефокусирана, водена од водител со многу мало познавање на навивачки стратегии, беше 8 ми, но прилично просечен играч. Навикнати сме Фалангата да го води орото, песната да не запре, а противниците да се подизгубени од првиот свиреж.
Фан зона повторно немаше. Колку ќе беше поубаво да имавме можност за целодневна претстава, со пиво и скара, со голови и младински репрезентативци на платото пред Јане, со можност за сите дечиња кои дојдоа, а ги имаше во огромен број одблизу да се запознаат со топката, со ракометот, официјална продажба на реквизити и дресови… но нејсе, ова ќе биде задача за новото раководство на РФМ.

Фото РФМ
Македонија во стил се пласира на своето деветто европско првенство. Таму ни е местото, во ракометниот крем, сонуваме ден кога ќе станеме јаготка.
Да живее МАКЕДОНИЈА