Конечно дуели за титула. Како помалку да заборавивме дека натпреварит се играат за пехари и медали.
Во Автокоманда, која однадвор заликува малку на етноселата на Кустурица, најпрво се одигра финалето во женска конкуренција.
Куманово во одбрана на својот прв освоен куп тргна доста сериозно. Играше 6-0 во одбраната и се потпираше на корпулентноста и агресивноста, што и даде резултат. Младите вардарки, многу интересна одбрамбена формација ! Зона човек на човек но плитка, даваше резултат на почетокот. Проблемите дојдоа во нападот. Кога вардарки изгубија неколку топки искусните кумановки брзо казнија.
Вардар се враќаше во игра но немаа решение за чудо, кога беа во напад со играч повеќе !
Второто полувреме донесе и уште разлики. Кумановките физички подобро подготвени, трчаа повеќе и на крилјата на репрезентативките пред се Боризовска но и Кипријановска и Јанкуловска ги држеа сите конци во рака. Имаа повеќе решенија, пикерите добиваа добри топки а имам впечаток дека и голманките беа подобри. Вардарки погодија повеќе стативи од голови а проблемот со играч повеќе се продлабочи.
Во моментите кога разликата растеше, бркањето на младите и неискусни скопјанки им донесе уште повеќе грешки.
Тутулата повеќе од заслужено остана во Куманово.
Нотираме и дека во Вардар минутажа добија и двете кадетки Стефановска и Коцева и дека двете оставија одличен впечаток.

Машкото финале, долго очекуван судир на двете во моментов најдобри екипи во македонското првенство. Вардар кој преклани ја изгуби титулата од Металург решен да ја врати, како подобрување на мозаикот за оваа сезона после прилично лошото издание во ЕХФ Лигата на Шампиони. Пелистер кој решен да го детронизира Вардар, после првиот пораз во првенството, решен да покаже дека тоа било слаб ден.
Но не беше така барем во првото полувреме. Вардар почна силно со неколку одбрани на Ристовски но и прецизна егзекуција во нападот. Разликата беше создадена и сега Пелистер мораше да брка.
Вардар играше мудро и на крилјата на распуцаниот Дисингер сигурно ја билдаше предноста. Пелистер споро се прилагодуваше па се мачеше во нападот. Рака на срце беа и без Мандалиниќ, па единствено Периќ и мојата омилена надеж на центар Танковски успеваа да направат нешто. Сепак на полувреме разликата огромна 16-10.
Второто полувреме започна со грешки на вардарци. Така и продолжи до самиот крај. Тие мислеа дека натпреварот е решен, но Периќ и Танковски не мислеа така. Кога на сево ова се надодаде и фантастичниот на гол Чаневски, разликата почна да се топи ко северните глечери.
Адреналинот растеше, а необично за еден црногорец, енергичниот и загреан Радовиќ, постигна неколку голови но и со еден исклучително груб старт го нокаутира Дисингер. Германецот навистина беше овојпат изгубен и не се врати до крајот на натпреварот. Вардарци изгуби опција во нападот, која неможеа да ја надополнат денеска очајните Шеваљевиќ и Талески.
Благодарение на одличната одбрана, за која Ангеловски рече дека е составена од играќи со македонски пасоши, Пелистер се врати на гол негатива. Во една исклучително драматична завршница, каква и прилега на финале на куп во земјата со најјака лига на балканите, сепак искуството и смиреноста на шампионите дојде до израз. Победа на Вардар за 14 куп титула 26-24.
За нотирање еден куп детали. Издвојувам, Танковски одличен, вртената на Дибиров во критичните моменти, прекрасниот избор на музика за тајмаутите, дозволата од Стоилов пехарот да го крене Чупиќ а како crème de la crème потегот на Ристовки кога добиениот пехар за најдобар голман му го предаде на сепак подобриот денеска Чаневски.
Одличен ракометен ден ! Честитки за РФМ за одлично и професионално организирање на ваков турнир во прилично нејасни корона времиња.