Вујо. Зошто ДА и Зошто НЕ

Освен навивачки, Вардарски на друг начин и не можев да направам анализа, зошто би било добро Вујо да се врати на кормилото на Вардар и зошто не би било добро.
Секако оставам простор и за дебата и за дискусија околу ова прашање и тврдам дека ќе има уште многу аргументи и на двете страни.

Дека Вардар и неговите навивачи не се задоволни од тоа како во моментов овој наш омилен клуб се води, не е некоја голема тајна. Значи промената на Алушовски е потребна, но секако не со било кого. Дека Вујо е далеку од “било кој” во историјата на Вардар и во срцата на неговите навивачи и тоа не е енигма.
Значи за ова прашање имам едно големо ДА.

Дека Вардар е разнишан и е далеку од формата, далеку од амбициите и пред се далеку од победничкиот дух што го красеше пред само неколку години и тоа е општо познато.
Дали Вујо може да го врати Вардар на тие патеки?

Ајде да пробаме да анализираме.

Дали Вујо може да го врати тимскиот дух? Оној кој што се гради во соблекувалната и на тренинг?
Сметам дека во моментов, на кратки патеки, за ваквиот Вардар, од целата стручно – ракометна струка што е достапен и спремен за таква кнедла Вујо е најсоодветниот човек. Намерно велам на кратки патеки, дека тој е најсоодветниот, но сметам дека за подолги пловења Вујо не е баш идеалниот. Не дека тој ќе заборави да ги мотивира играчите, туку се плашам од судирот на суетите. Вардар и во моментов иако здраво десеткуван од пред неколку години сеуште во своите редови има неколку играчи кои играле неколку final four турнири, кои подигале шампионски пехари и кои сами по себе со својот пркос, се прилично суетни и горди на својот табиет и менталитет. Впрочем не така далеку, Кале ги памети искрите помеѓу Вујо и Столе. Секако тој споменат пркос во услови кога играш врвен спорт е повеќе од добредојден. Да не заборавиме каков пркосник беше и самиот Вујо додека беше играч. Најдобро го паметат битолчани од пред 20-тина години, оние што беа во салата Младост.
Значи по ова прашање сум за ДА, но со можен ризик за брзо доаѓање во ситуација да има искри.

Дали Вујо ќе го подигне квалитетот на играта на Вардар?

Сметам дека ДА, затоа што е многу поискусен како тренер од Алушевски, затоа што знае да го извозе мечот до крај, затоа што знае да дигне глас кога е потребно, затоа што знае да направи притисок на судии и на Записник. Врпочем секоја друга слика за Вујо, би била голема чудо.

Што Вардар би добил, а што би изгубил со Вујо?

Една од многу битните работи, што премолчено Вардар речиси и ја немаше во времето на Раул Гонзалес и на Роберто Парондо (читај во времето на Самсоненко), тоа е 100%-ната поддршка на Комитите.
Да. Тие доаѓаа на трибини и кога тој не беше тренер, доаѓаа кога беше потребно, но не секогаш. Да. Е тоа беше вулкан, кој со чест на одредени мечеви во Јане Сандански (со Киел, со Рајн Некар и пред со онаа фамозна со Пик Сегед), речиси и да го немаше.
Зошто ги споменувам Комитите.
Нивната речиси “татковска” врска е повеќе од јака. Овде дури се прави и она трето својство. Мислам на комитите на Вујо и на Михајло. Сите тие имале одлични релации еден со друг и со трет.
Тоа би било одлично за атмосферата во сала и за оние “старите” но уште повеќе за новите играчи. Тие, постојните “нови”, а и оние нови што допрва доаѓаат во Вардар, конечно ќе можат да сфатат во кој тим дошле и со кого си имаат работа. Убеден сум дека првиот таков натпревар со полна сала, со Вујо на клупа и со Комити на трибини ќе биде доволен показател каде сте и за кој тим треба да гинете на терен. Гинете на терен, свесно не е напишано во наводници. Затоа што за Вардар се гине.
Значи и по ова прашање сум за ДА.
Но…
За жал има и едно мало но, кое лесно може да стане големо, а тоа темпераментот на Вујо, кој охрабрен со поддршката од трибини, само полесно и побрзо ќе го изгуби своето трпение. А тоа значи дека лесно може да добиваме казни за празнење на трибини, казни за играње пред празна сали, разно разни уфрлувања на терен, бакли, факели, тапани, столчиња, луѓе и што ли уште не.
Да биде ризикот поголем, тука постои голем ризик и за взаемна и коорднирана рекација ид страна на Комитите. И тие прилично лесно пламнуваат кога Вујо е на клупа и кога со раширени раце ќе побара поддршка од нив. Е тоа тек да видите за каква љубов се работи. Значи тука имам едно мало НЕ.

И последното нешто што сакам да го анализирам тоа е дека, Вардар според многу нешта (форма, играчки кадар, финанска моќ) е доведен во ситуација како што беше пред 7-8 или 10-тина години. Да, беше силен тим, но далеку од амбиции за некаков си final four или final eight.
Да се потсетиме, тогаш во Вардар доаѓаа и играа недокажани и млади играчи од соседството. Можеби таленти, но пред се’ имиња со кои морало многу да се работи, а нивниот успех и прогрес не бил никогаш загарантиран, а со тоа ни успехот на тимот.
Но и да се потсетиме дека во тоа време, главен беше Михајло.
Да се потсетиме дека на клупа беше и Вујо.
И да се потсетиме дека некои од тие надежни и недокажани таленти беа Карачиќ и Абутовиќ.

Што би се рекло, условите, времињата, состојбите се повторуваат. Сето ова ни дава надеж дека и тоа 18 годишно момче (што според исти оние шпекулации кои го носат Вујо во Вардар), доаѓа заедно со него, можеби крие некој нов Карачиќ.
Значи одговорот на ова прашање, ми е апсолтно и голема ДА, за Вујо.

На крајот онака тимски запишувам и уште неколку дошепнати коментари:

Вујовиќ покрај импресивната играчка кариера има и богата тренерска. Па така во далечната 2000 освојува 4 то место на Олимпијадата со тимот на тогашната таканаречена, Југославија. Со Сиудад Реал во Шпанија освојува два Кралски купа и две ЕХФ Куп титули (2001-2003). Станува светски шампион со Србија У19 (2002). Блиску за нас, со Вардар освојува три Првенства, три Купа и една СЕХА (2012). Има титули и од престојот во Катар (2009-2010). Во Хрватска со Загреб, две Првенства и два Купа (2014-2016). Игра и неколку успешни сезони во Лигата на Шампионите, па така со Загреб успева да ги победи моќните Рајн Некар Левен, Кил, Висла, Вардар. Од друга страна пак после одличното 5 то на олимпјиадата во Рио 2016 и вонсериското трето место со Словенија на Светското 2017 та, како врв на неговата тренерска кариера, Вујовиќ неможе да се пофали со некој позначаен успех во поново време. За волја на вистина, тој и не водеше некои посериозни тимови одтогаш. Една сезона во Копер, една во Железничар, една нецела во Загреб и оваа последнава во Бања Лука. Па се наметнува прашањето дали Вујовиќ одмараше од посериозни предизвици или тие едноставно ги немаше.

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...