Никој како Неговото Величество – РАКОМЕТОТ!

За крај, повторно Охрид. Веќе на првиот натпревар обезбеди пласман во следната рунда од поранешниот Челинџ куп, а начинот на кој тоа го направи дава надеж дека Македонија повторно ќе има свој претставник во полуфинале или финале на едно европско натпреварување. Може некој друг колективен спорт да се пофали со таков успех???

Каква недела!

Ракометот е мејнстрим. Македонскиот ракомет го достигнува својот зенит оваа есен. Нашите екипи и повеќе од солидно го презентираат најуспешниот спорт во државата, а од друга страна, дерби средбите во домашното првенство носат сериозна доза на возбуда, неизвесност, па и ако сакате квалитет. Иако за истиот, квалитетот де, можеме да правиме компарации само во ситуација кога си го „мериме“ во Европа. Така било, така и ќе остане.

Да почнеме со ред!

Минатата недела ја завршивме со дерби дуел помеѓу Вардар и Алкалоид, за кој пишувавме и анализиравме тука. Но, она што е интересно, и  можеби или сигурно, несвојствено, „двократниот“ после неполни 48 часа веќе беше на мегдан во Европската лига на ЕХФ, против најголемиот конкурент за освојување на првото место во групата, екипа која доаѓа од земја или регион, или полуостров кој е „мајка “ на ракометот, Шведска. И тоа, на гостински терен. Сериозно, несериозно во однос на напорот на играчите и последиците кои можат да произлезат, но за среќа се заврши како што треба, барем во однос на здравствениот билтен. Така е тоа кога има важен концерт во „Јане“ во терминот кој е планиран или предвиден за дербито со Алкалоид.

ВАРДАР КАКО НИКОГАШ ПОСЛЕДНИТЕ ГОДИНИ ИМА ПОТРЕБА ОД ПОЛНА САЛА „КОМИТИ“

Но, и покрај се Вардар покажа карактер, покажа дека е, пред се „тврд орев“ и дека во ваква констелација, тешко е да го „нокаутираш“. Да го победиш, да, но не и да го растуриш и совладаш со двоцифрена разлика. Многу често, фелата во еден спорт, сака да дискутира после натпревар, и да бара виновници или оправдување, но факт е дека, доколку Вардар имаше адекватен простор (временски) за одмор, и беше малку по присебен во Шведска, пласманот во следна фаза ќе беше веќе завршена работа. Вака, веќе утре, со сите сили, против Кристијанштад дома, уверен сум, ќе го покаже кој е кој. Вардар е поквалитетен, има поширок ростер, едноставно, Вардар е екипа која оди на резултат, екипа со формирани играчи, искусни и докажани, за разлика од тимот од Шведска, кој како развоен проект, постојано „вади“ нови и нови играчи кои или преку Данска, или по директен пат заминуваат на печалба во најсилната лига во светот. Тој е концептот на екипи, држави, кои немаат „сила“ да си го „мерат“ со најскапите тимови од Германија, Франција, Унгарија, па и Данска.  

Голема предност, против такви екипи знае да биде домашниот терен во региони како нашиот, каде „крвта врие“, публиката е бучна, а противникот ненавикнат на тие услови. Затоа, полн „Јане“ со френетични поддржувачи, кои ќе прават притисок и ќе му помогнат на својот тим, до нова победа и сериозно зголемување на шансите за прво место во група и максимална екстензија на евро сезоната. НЕ е неважно!

„БАНДАТА“ ИГРАЧИ И „НОВАТА“ ПУБЛИКА СЕ ТЕШКО СОВЛАДЛИВА „ЕКИПА“

Веќе следниот ден, Битола, Македонија беше домаќин на „натпреварот на неделата“. Признание за клубо, градо, за спорто, за државата. Гостуваше непредвидлив противник, со буџет од 8 цифри во евро валута. Но и противник кој има многу осцилации во играта, и знае да добие „кај што не треба“, а да „се сопне“ каде против противник кој има 4 или 5 пати помал буџет. Во Битола се случи она второто, за наша среќа (ако воопшто среќата има врска со она што се случуваше минатата среда). Две работи ме импресионираа. Тимскиот дух или „бандата“ играчи, каде се знае кој „коси, кој вода носи“ и публиката. Веќе зборувавме дека Битола, со неколку потези (носење искусни македонски ракометари) на бившиот спортски директор, но и созревање на ситуацијата и носење на адекватни засилувања, создаде тим кој минатите две години научи да добива „тешки“ натпревари, и својствено да освојува титули. Таа хемија и хиерархија носат една цврстина и борба до последен атом на силите, без разлика на квалитетот на тимот во споредба со противникот. Особено ме радува фактот дека овој македонски Пелистер, после 10:5, падот до  -2 за гостите, се надмина себеси и успеа да го добие натпреварот, и да остане во игра за позициите кои носат 1/8 во Битола. Еден мој пријател, на привремена работа во Битола, мисли дека претерувам со ова „1/8 финале во Битола“, но јас верувам дека оваа екипа има нешто во себе, што во минатото не беше случај. Времето ќе покаже. Втората работа е публиката. Ја знаеме, многупати е посочена како фанатична, но сведок сум кога многупати паѓала на испит, кога на тимот не му одело, па дури знаела да носи контраефект. Во средата, но и претходно со Барса, не беше така. Тоа е знак на еволутивен развој, во насока на тоа дека тимот се „турка напред“ и кога победува, а особено кога не му оди. Секоја чест!

„РАНЕТИОТ ЛАВ“ ВО ОХРИД: БЕЗ ХОМОГЕНИЗАЦИЈА И МЕЃУСЕБНА ПОДДРШКА НЕМА ЗОНА, НЕМА ГОЛМАНСКИ ЕФЕКТ И НЕМА РЕЗУЛТАТ

Во сенка (за широката публика) на „европска“ Битола, можеме да кажеме, нај амбициозниот ракометен проект во државата, Охрид, после добриот настап во првото коло во Автокоманда, на домашен терен, пред полна сала, го пречека „ранетиот лав“ Алкалоид. Не знам колку епитетот лав е адекватен за оваа млада екипа, особено што пред себе како противници има екипи со 9, 10,11 искусни странски ракометари, но клубот кој лани освои европска титула и е предводен од селекторот, веќе не навикна на егал однос и паралелно промовирање нови мак репрезентативци. Сепак, имајќи предвид проблемите, и оние со атмосферата во тимот, по не преболните квалификации за Европската лига на ЕХФ, но и во однос на здравствениот билтен, каде и Митев, и Симба, не се на 100%, Батак сениор не е уште во погон, а Борзаш е со сериозна повреда, кога човек ќе погледне со што екипа истрча Лазаров во Охрид, резултатот е очекуван и реален. Колку и да се талентирани, перспективни и квалитетни, Ѓорговски, Дамјан Митев, Галевски, Иваноски, па и Карасманакис, сеуште не се играчи од кои можеме да очекуваме да „добијат“ натпревар против екипа која има 9-10 искусни странци, која има три-четири македонски актуелни или екс репрезентативци. Особено не, кога противникот не дозволува Алкалоид да ја игра „својата игра“, кога натпреварот го носи на своја „воденица“ и кога тимот нема сериозна поддршка од голмани. Разликата во играта, а со тоа и во резултатот, го увидовме во делот од натпреварот кога Митев доби минутажа (инаку многу внимателно нашиот најдобар среден бек се внесува во игра, без ризик, по цена на неуспех и пораз, што е за респект) и кога заедно со Ѓоргиев беа лидери на тимот, барем во напад. Тврдам дека Алкалоид нема никаква шанса со екипа од големата четворка, во ситуација кога поголем дел од натпреварот го игра на половина на противникот. Така беше во Охрид, каде и покрај, напаѓачки феноменалните Стрмљан и Иванковиќ, сепак одбраната е таа која што осигура позитивен резултат. Од другата страна, дефанзивната поставеност на Алкалоид повторно изгледа порозно, со слаба комуникација и недостиг од меѓусебна поддршка. Ова доведува до „пукање“ токму во средината на зоната, местото што мора да биде нај цврсто за да му даде сигурност на голманот. Во спротивно, доаѓа фрустрација кај истиот, нервоза кај тренерот и постепена де-хомогенизација на тимот.

Нејсе. Овој Алкалоид, верувам дека, со Митев во стара форма (за што ќе треба време), па и без Борзаш, но со подобрена зона, со адаптиран Аларов и без Маркоски, можеби со алтернативна формација, како изненадување, повторно ќе биде конкурентен за врвот. Следниот натпревар во Битола, можеби не е баш адекватен за некој поголем исчекор, но од друга страна пак на „маката се познаваат јунаците“. Овие јунаци од Алкалоид, се истите за кои, за два месеци ќе навиваме и во кои „ќе се крстиме“. Затоа, се надевам дека што поскоро ќе излезат од „дупката“.

За крај, повторно Охрид. Веќе на првиот натпревар обезбеди пласман во следната рунда од поранешниот Челинџ куп, а начинот на кој тоа го направи дава надеж дека Македонија повторно ќе има свој претставник во полуфинале или финале на едно европско натпреварување. Може некој друг колективен спорт да се пофали со таков успех???

п.с

За крај цитирам еден голем фан на Вардар, Виктор Настески, во пресрет на утрешниот натпревар со Кристијанштад:

Во вторник НЕМА изговори!

Ги земате децата, го облекувате црвено-црниот дрес и ПРАВЕЦ ВО ЈАНЕ!

Јане Сандански” мора да ГОРИ!

Полна сала отсекогаш било нашето најсилно оружје, силата што ги тресе противниците и адреналинот што ги крева нашите момци

Тука паднале гиганти, тука многумина дознале што значи да играш против црвено-црниот ѕид од навивачи

Овие момци што гинаат со срце на терен, ја заслужуваат нашата поддршка од првата до последната секунда

После поразот во Шведска, време е за црвено-црна одмазда и нова победа за Вардар

Да им покажеме на Швеѓаните како се бодри двократниот Европски шампион

Ајде да го наполнеме Јане до последно место

ЕДЕН ЖИВОТ-ЕДНА ЉУБОВ

Затворен цитат.

Оти за За МакедонЦкиот ракомет се работи!

Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...