Разочаран од напредокот и развојот на некои свои пулени кои многу ветуваа(т), Алкалоид се наоѓа пред нова одлука, дали ќе продолжи по истиот пат, трпеливо чекајќи ги Марко, Тино и Даме или ќе посегне по засилувања од странство, како Малус, Хорига или Јанкоски или подобри од нив, за да остане конкурентен во битката за титулата?
Викендов ни донесе скопски дерби дуел на две, до неделата, непоразени екипи, по кој домаќинот остана на максимум бодови, а гостинот веќе загуби четири. Натпревар кој го обележа враќањето (на дерби натпревар) на ракометниот Брус Ли, на задоволство на неутралната публика во „Јане“ и на оние кои го следеа натпреварот преку директен пренос.
Ќе ни треба „малиот“ во Јануари во Данска!
Самиот натпревар, напаѓачки квалитетен, незивесен, нервозен и тензичен на терен, ама и покрај аут линијата. Можеби не до самиот крај, но секако во поголемиот дел од истиот. Барем според она што го „кажуваше“ семафорот. Публика, онаа која дошла да го бодри „двократниот“, знаеше зошто е дојдена, школска, во однос на начинот на кој го „носеше“ својот тим и беше „ветар во грб“ кога најмногу требаше. Штета што Скопје не е поголем град, па еден голем бренд како Вардар да може да прибере 5000 луѓе на натпревар, против еден од своите најголеми ривали, последните години. Но, што е тука е. Ако почнеме тука за причините, отидовме на над 2000 зборови во оваа колумна. Во секој случај, времињата се други, луѓето се други, алатките се други. Оние времиња „кога тато за раче ме носеше на Градски“ ги заменивме со нереално, „паѓање во несвест“ по Ливерпули и Арсенали, и „сечење вени“ по Интери и Барселони. Маркетингот и обложувалниците ја однесоа шегата и сега децата наши наместо со Вардар и Пелистер, ги „доиме“ со Меси и Роналдо. После Цацко ни е крив.
Нејсе!
Што видовме на терен?

ЕФИКАСНЕН НАПАД, ПОРОЗНА ОДБРАНА – НА ДВЕТЕ СТРАНИ НА ТЕРЕНОТ
На стратот, две зони, модифицирани 5-1, со акцент на различен дел од нападот на противникот, но со ист ефект според успешноста. Голема нула. Чупиќ беше тој кој многу брзо увиде дека „французот“ „нема глава“ за преден, иако располага со одлични физички предиспозиции, па брзо ја „спушти“ зоната на 6-0, но и понатаму работите не се променија. Вардар има широк ростер, но и проблем на позиција три и четири. Недостасува уште еден стабилен играч, фокусиран на зона. Во моментов, и Хорига и особено Борозан, или не знаат или не сакаат да ја покријат таа позиција доволно квалитетно, поради нивните запазени улоги во нападот и начин на кој го играат ракометот. Мечка сеуште го чекаат, а Тале го „попратија“. Зоната, впрочем, заедно со под просечниот Валах, беа причина што Вардар, во неделата, долго време не можеше резултатски да се одлепи и порано да го реши победникот.
На другата страна, Лазаров, со Џонов како „истурена“ двојка, која треба да спречи добар залет и проток на топка и Маркоски во централниот бедем, постави зона, која, долго време е на неговото „мени“, зона која е сериозно воиграна, но и зона која многупати до сега функционирала и носела резултат. Но, не и овој пат. Селекторот во овој сегмент беше надигран од својот конкурент, кој на зоната на гостинот одговори со развлекување спрема лев бек и ситуација, габаритни играчи како Хорига и Борозан и брзи и спретни играчи како Боно и Малус, во полн залет да напаѓаат зона (пивотот на Вардар стоеше помеѓу 5 и 6) и лесно да пробиваат во делот кој треба да биде најцврст. Без разлика дали на таа или тие позиции беше Маркоски, Карасманакис, Аларов или Стојковиќ. Исто така, лошата соработка меѓу играчите на тие позиции овозможи (пре)многу примени погодоци од средината на теренот, без шанса, голманите да одбранат шут од крило, на поставен напад. Иако Алкалоид беше во егал до 48-49 минута, она во неделата беше убедливо нај неквалитетно одигран натпревар на тимот од Автокоманда, кога зборуваме за сегментот одбрана. Добиени дуели кои се бројат на една рака, нула хомогеност, меѓусебна поддршка и покривање, инертно и дефокусирано. И како капак на се, без никаква поддршка од голман.

ВАСИЛ ГОГОВ Е ЈУНАК НА НАТПРЕВАРОТ – ЌЕ ГО ИГНОРИРАШ ИЛИ СТИМУЛИРАШ
Што се однеусва до нападот, тоа беше сегмнетот, во кој, двете екипи беа на висина на задачата, но со различна филозофија и нормално, различен епилог за двете екипи. Од една страна, Чупко со широк ростер на бекови, ротираше максимално, одмараше одредени играчи во дадени моменти и во секој момент од натпреварот имаше барем двајца разиграни играчи од задната линија.
На другата страна, Алкалоид почна без недоволно подготвениот за натпревар Ѓоргиев, без Марко Митев и без повредениот Борзаш, па во таква ситуација на принудно скратен ростер, Серафимов иако долго играше симултанка со зоната на домаќинот, поддржан од Иваноски и Стојковиќ, не беше доволен за позитивен резултат.
Конечно, натпреварот го реши зоната на Вардар, која одигра 15 минути квалитетен ракомет, зона која е физички силна, агресивна и мотивирана, но и во голема мера поддржана од феноменалниот Васил Гогов. Оној Васил Гогов, кој веќе подолго време заслужува да биде повикан на поширок список на националниот тим. Можеби, во моментов како нереална опција за во први 16, но секако, како порака од селекторот дека ја следи неговата форма и развој, и најважно како стимулација за уште подобра работа и зголемена самодоверба во иднина. Истото важи и за уште еден македонски ракометар, Кристијан Анастасовски, кој заслужува внимание и повик, како начин на зголемување на базата на мак ракометари, а и како „будење од зимски сон“ за дел разгалени новокомпонирани репрезентативци. Прашање на воља е дали ќе ги игнорираш или стимулираш. Но и двајцата се тука, дел од Вардар, имаат пристојна минутажа и играат солидно. Барем засега.

ПОСЛЕДИЦИ ОД ДЕРБИТО И ПОГЛЕДИ КОН ИДНИНАТА
За крај, овој дерби натпревар, без разлика дали ќе остане запаметен како пораз или победа, истиот брзо ќе се заборави. Но бодовите, тие ќе се „влечат“ до јуни. Така налагаат новите правила и прописи.
Резултатот, или подобро кажано односот на силите на терен, само ги нагласи некои стари, но и откри неколку нови разлики меѓу двата тима, но и извади на површина некои веќе „излитени“ муабети. Што е попаметно или поважно,за клубот, за мак ракометот? Вардар, како победник, со многу нови имиња и (пре)многу странци во ростерот, полека, очекувано и најавено уште на стартот на сезоната, игра сè подобро и делува сè покомпактно. На некој начин, ја оправдува својата политика на „легија на странци“. Тоа е добро за клубот и за тие што го следат. Но…
Имајќи предвид дека оваа екипа ја формираше некој друг, не би било изненадување ако на полусезона следуваат промени во ростерот во однос на засилувања, но и заминувања. А кога на сето тоа ќе се додаде и враќањето на Мечка Лазаревски во тимот и во соблекувалната, се наметнува прашањето: дали е тоа доволно за титула и за враќање на Лигата на шампионите во „Јане“ догодина?
На другата крајност, прв пораз и веќе изгубени четири бодови во првенството, од кои два на домашен терен, Алкалоид веќе утре гостува во Охрид, а следната недела во Битола. Концептот на „трпење“ на младите македонски ракометари, чекајќи тие да стасаат и да „пораснат“ за титула, не е ниту лесен, ниту блескав. Сепак, овој клуб веќе покажа дека знае да создава и да освојува, со Куп и Суперкуп титули во последните години.
Сега, пред тимот на Лазаров следи период што неодоливо потсетува на оној „пред Фарски“, само што сега таличниот месец мај е далеку. Разочаран од напредокот и развојот на некои свои пулени кои многу ветуваа(т), Алкалоид се наоѓа пред нова одлука, дали ќе продолжи по истиот пат, трпеливо чекајќи ги Марко, Тино и Даме или ќе посегне по засилувања од странство, како Малус, Хорига или Јанкоски или подобри од нив, за да остане конкурентен во битката за титулата?
Филозофијата на клубот, која ја ценам и поддржувам, на неносење странци по секоја цена, можеби ќе биде ставена на најтешкиот тест досега.
Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
