Два или три автобуси и цел македонски ракомет, од тренери, преку ракометни работници, па сè до луѓе од националната федерација и ресорните министерства, во „дежелата“, на скратен курс или малку подолго студирање и скенирање на состојбата. Па препиши, мајка му стара!
Заврши втората фаза од, можеме слободно да кажеме, досега најквалитетното Европско првенство во ракомет, барем од аспект на тоа што сме го гледале, слушале и коментирале. Иако пред стартот на шампионатот сите погледи, во однос на квалитет, беа насочени кон супер квалитетната Група 1, мораме да признаеме дека и Група 2 понуди врвен ракомет, надреална неизвесност и вистинско уживање за љубителите на оваа игра.
Буквално, ама буквално секоја селекција што се пласираше во втората фаза, во двете групи, беше во најмала рака конкурентна и до самиот крај, со свои математики, се бореше за секој одбранет напад, секој постигнат погодок, секој бод.
Епилогот е јасен: големиот фаворит Данска, две големи ракометни селекции: Германија и Хрватска и пријатното изненадување Исланд. Ако воопшто селекција со еден куп врвни ракометари може да се нарече изненадување. Но мора да се признае, Исланд одамна нема играно за медал на големите континентални смотри.
За тоа кој е кој во полуфиналето – малку подолу во оваа колумна.
Напоменав неколку работи во мојата последна колумна, некаде на половина од втората фаза, околу неизвесноста и големиот број селекции што се во игра за полуфинале. Не ми излезе баш есапот, морам да признаам.
СЛОВЕНИЈА „ПРОДАВА“ РАКОМЕТ НА ГОЛЕМАТА СЦЕНА, ШВАЈЦАРИЈА ДОПРВА ЌЕ ЈА ГЛЕДАМЕ ВО ЗАВРШНИТЕ БОРБИ
Да почнам со, според мене, најголемото разочарување на турнирот, еден од домаќините, Шведска. Иако до последно беа во игра, „трите круни“, како најтрофејна селекција во ова натпреварување, пропуштија премногу зицери за пласман.
По поразот од Исланд и мини-дебаклот, Унгарија беше селекцијата што дефакто ги елиминираше (сите знаеме што се случи со Сита во последниот напад!). Го „баравме“ Феликс Клар во препознатлива форма и со вистинска поддршка од Џим Готфридсон, но по сè изгледа дека оваа Шведска или не е кадарна, што е тешко веројатно или, пак, дел од играчите не можат да се носат со притисокот што го носи улогата на фаворит.
„Боде очи“ фактот дека селектор на национална репрезентација од „голем ков“ како што е Шведска е и воедно тренер на клуб во Лигата на шампионите, како не вообичаена пракса и многу веројатно е дека Швеѓаните ќе мора да ја напуштат таа формула. Некој ќе замине, само уште не знаеме кој.
Разочарување на теренот, разочарување и на трибините каде што Шведска, дома, во Малме, не успева да наполни сала. Јас ги „гледав“ во полуфинале, со сè што поседуваат и со ждрепка од соништата… но тоа не се случи.
Словенија. Морален победник на овој турнир.
„Издишаа“ Јанц, Макуц и останатите, но го задржаа епитетот „најголема фабрика за средни бекови“ во светот на ракометот. Школа што ужива сериозна почит, особено во делот на техничката подготвеност на играчите.
Капа доле за Зорман. Капа доле и за сите тренери во младинските категории кои секојдневно, трпеливо и систематски работат со словенечките деца.
Два или три автобуси и цел македонски ракомет, од тренери, преку ракометни работници, па сè до луѓе од националната федерација и ресорните министерства, во „дежелата“, на скратен курс или малку подолго студирање и скенирање на состојбата.
Па препиши, мајка му стара!
Унгарија. Потребна ни е силна Унгарија, горе, во европскиот ракомет.
Над 500 милиони евра за 10 години, вложени во инфраструктура, тренери, академии, едукации, елитни екипи. Тоа не е случајност. Унгарија е важна, за регионот, но и за ракометот воопшто.
Имаат младост, имаат потенцијал, но имаат и добар дел играчи од „застарен модел“, профил кој тешко ги следи модерните текови на играта. Сепак, не им треба многу за да ја преминат линијата. Тоа го видовме и на ова Европско првенство.
Само нека ги држи ентузијазмот и континуитетот во инвестирањето во нашиот спорт.
Тие се Германија на југоистокот. Според вложувања, систем и по популарност на ракометот. Но, не и според нивниот статус во ЕХФ. И тоа го видовме на натпревраот со Шведска.
Швајцарија. Најмладата селекција на турнирот и Д-р Анди Шмит.
Човекот кој, слично како „нашиот“, од патики веднаш се фати за таблата. И тоа не било каква, туку таблата на националната селекција.
Добро ја паметам таа 2009-та, мислам дека беше, кога заедно со Франк Локе со својата Амицитија играа мајтап со нашата зона. Тогаш мислев дека е „нешто лично“, но подоцна, преку неговите настапи во Рајн-Некар Левен, сите се уверивме дека станува збор за доктор по ракомет и дека многу поголеми играчи, долги години немаа решение за најголемиот играч кој го дала земајата на чоколадите или часовниците.
Е сега, гледаме како му „везе“ и екипата.
Рака на срце, оваа Швајцарија е составена од еден куп Бундеслига-играчи, кои имаат конкретна улога во своите клубови. Толку млади, а веќе калени на највисоко ниво.
Тоа е трендот во Швајцарија: играчите релативно рано ја напуштаат домашната лига, а на нивно место доаѓаат нови клинци, кои добиваат минути, искуство и простор за развој.
Систем кој создава континуитет.
И нешто што очајно ѝ е потребно и на Македонија.
БЕЗ ЛИДЕР И ЦВРСТА ЗОНА, НЕМА ПОЛУФИНАЛЕ ЗА ГОЛЕМАТА ФРАНЦИЈА
Франција. Франција. Франција.
Страв и трепет во европскиот, па и во светскиот ракомет. Импонираше со физичка подготвеност, желба за контакт-игра (Бертран Жил и Дидие Динар ми доаѓаат пред очи), тимска хемија и лидерство (некој го спомна Никоа Карабатиќ!).
Голманите по ерата на Тити Омејер секогаш биле тема, но и со „спорни“ решенија Франција освојуваше титули. Сега, оваа Франција нема широка ротација и голем фонд на екстра играчи, нема препознатлива цврстина во одбраната, го немаше Ремили, а одамна „големиот Никола“ не „кине“ патики и не паѓа на глава по Герфлорот, како показна вежба за неговите соиграчи.
Оваа Франција ги има Мем, два екстра пивоти, Мим, Брие како проект за иднината, но нема ниту еден играч што во кризен момент ќе „крене рачна“ или ќе „удри на маса“ кога колата оди надолу. Хуго Деска е супер „луд“ тип, но не игра на фундаментална позиција за да има подлабоко влијание врз атмосферата.
Затоа Франција не игра во полуфинале.
Португалија е селекцијата која е пред Франција на табелата во групата 1. Зборувавме за браќата Кошта и тимот кој се создава околу нив. Играа падни – стани на ова ЕП, пред се поради невозможниот ритам, кој го наметнува системот, но и квалитетот на групата. На крај, за своја душа, го нокаутираа „големиот брат“ од Иберискиот полуостров. Ќе играат за петто место, како потврда дека се во самиот врв на европксиот и светскиот ракомет. Пред нив се уште вакви турнири.
На „опашката“ во „групата на смртта“, Норвешка и Шпанија, како груба реалност во моментов. Имаат кавалитет, на одредени позиции, но за вмешување во борбата за медалите е потребно компетен состав. Лев бек и пивотмен, и еден супер „специјалец“ во одбраната и треба на „црвената фурија“. Норвежаните имаат структура, но ќе им треба време и квалитетни натпревари за Андерсон, Ховде и останатите.
ГЕРМАНИЈА ПРОТИВ ХРВАТСКА: ИСТИ СЕ, АМА НЕ СЕ ИСТИ
А сега накратко за полуфиналните борби.
Две селекции кои поминаа сличен пат и кои, од многу аспекти, силно наликуваат една на друга.
Селектори странци, „увезени“ од географски минијатурниот Исланд. Многу бекови во ротација, одлични шутери на сите позиции во задната линија. Одличен голмански пар на двете страни, со мала предност за Германија, поради присуството на Андреас Волф, голман со сериозен идентитет во ракометот.
Разликата се гледа во формациите што ги практикуваат.
Гисласон, барем засега, „не мрдна“ од 6-0. Сигурдсон, ладниот островјанин од северот, кој создаде врела атмосфера во тимот, екипа што гине за секоја топка и игра со самодоверба на највисоко можно ниво, не се откажува од 5-1 зоната со Мамиќ и Шушња како логична варијанта против селекции кои многу често (да не речеме постојано) напаѓаат класична 6-0 зона.
Дали ќе биде така и во полуфиналето – ќе видиме.
Се разликуваат и во делот на играта на „црта“. Германија и тука има предност во Гола и Фишер, како и во ширината на ростерот, односно повеќе играчи во ротација што можат да издржат висок ритам. Не менуваат премногу во однос напад-одбрана, и тука „панцирите“ повторно имаат мала предност, во однос на „коцкастите“ кои секако имаат две измени.
Исто така, го нема Срна, а тоа значи дека Циндриќ и Мартиновиќ ќе мора да бидат на врвно ниво, затоа што е премногу ризично Хрватите да очекуваат Мараш и Кларица да го решат натпреварот „од дистанца“.
Да го нотираме и Давид Мандиќ, крило кое игра феноменална одбрана на петка и, според мене е најкорисен (севкупно) на своја позиција на турнирот.
Кузмановиќ и Мандиќ ќе мора сериозно да го подигнат нивото ако сакаат ново финале.
ГИСЛИ, ОМАР И КОМПАНИЈА ВО НЕВОЗМОЖНА МИСИЈА?
Второто полуфинале е натпревар на две скандинавски селекции,од различен калибар.
Данска е домаќин, фаворит, земја која од секој аспект е поголема, помоќна и поетаблирана. Но Исланѓаните, оние што седат на клупите на три од четири полуфиналисти, одамна се мејнстрим. Ростерот на Снори Гудјонсон заслужува голем респект.
„Исланд е здрав. Исланд е здрав, како никогаш претходно на големите смотри.“ Го повторувам тоа до здодевност, и на ТВ, и во неформални разговори, и во кафе-муабети со луѓе што делат иста дијагноза.
Исланд има бекови од најмодерен ков. Играчи што владеат со клупскиот ракомет последните четири-пет години. Да, мислам на Гисли Кристијансон (кандидат за МВП!) и Омар Инги Магнусон, но и на Смарасон и Трастарсон. Два пивота создадени за модерен ракомет, голман од големата Барселона и традиционално опасни крила.
Од другата страна, прашањето не е кој игра во Данска. Тоа го знаат и врапчињата.
Данска ја темпираше формата како по книга, игра сè подобро и би било вистинско чудо ако не игра за златниот медал и ако на крајот не го освои истиот.
Вистинското прашање е: може ли Исланд да го издржи ритамот и ќотекот од централните дефанзифци Салсттруб и Халд?
А играта на „рибарите“ е токму таква. Досадни се во игра еден на еден, технички перфектни, трчаат многу. Селекција што може да парира во „трчај и шутирај“ на концептот на Данска, но и да понуди различен пристап во нападот на поставена зона, со подолги, потрпеливи напади.
Тешка задача за „малиот“ Исланд. Но не и невозможна.
Ќе уживаме во завршните борби за одличјата, „како и досега!“, што би рекол еден наш истакнат лик на политичката сцена 😊