Минатото нè учи, сегашноста нè тестира. Нашите екипи во Европа и ставот на селекторот, „комитите“ во „Јане“ и противникот на Вардар. „Сопнувањата“ на големата Барса во Скопје и утрешниот дуел во распродадениот ракометен храм „Боро Чурлевски“
Актуелната ракометна сезона полека го достигнува својот зенит. Првенството е во полн ек, а и сите македонски екипи во машка конкуренција веќе настапија во Европа. За (не)успехот покажуваат резултатите, а за причините ќе пишуваме во некоја друга прилика. За Алкалоид и „несеќата“ од ждрепка која го снајде веќе пишувавме, а и за последиците по самиот клуб, напоменавме во претходните колумни. Охрид „налета“ на Азербеџански Баки и го „преплива“ во два завеслаи. Очекувано. Бутел минатиот месец, после „брејкот“ и стекнатата предност во Луксембург, против Диделнаж, на домашен терен беше елиминиран од истиот противник. Ако е сето тоа несвесно, боли, а ако е свсно многу пече. Тиквеш, слично како Алкалоид, во нај неквалитетното натпреварување, „го доби“ турски Бешикташ и највероајтно, уште викендов ќе се „одјави“ од европските натпревари. Три погодоци во едно полувреме се за забележување, како евентуален репер за тоа до каде сме како спорт. Или можеби грешам, се работи за инцидент. Ќе видиме. „Лигата е многу силна, но и многу спора и така не можеме во ракометна Европа“, изјави селекторот на поткастот кај Жика од Балкан Хандбал. Во земја со многу новинари (школовани) и двајца не едуцирани, не виодв некој медиум да ја „покрие“ оваа теза на најголемиот спортист кој го имала државата, а од истото тоа да се развие и дискусија за вистинитоста на истата. Да изјавеше нешто тренерот на Кристал Палас во Премиер е друга работа, оваа изјава не е вредна за дискусија и ќе чекаме праксата (односно (не)успехот на нашите тимови во Европа) да ни покаже дали Лазаров бара изговори или ја зборува вистината.
Пелистер и Вардар се преостаните два тима, кои, засега, заедно со Охрид и понатаму ќе не претставуваат во лигите организирани од европската куќа на ракометот. Додуша, Вардар денес стартува во ЕХФ Лига Европа, благодарение на вицешампионската титула од минатата сезона, а Пелистер веќе одигра неколку кола во ЛШ.

СТАРТОТ ВО ЛИГА ЕВРОПА – ВАРДАР ГО ТЕСТИРА СВОЈОТ ПОТЕНЦИЈАЛ
Да почнеме со скопјани, кои денес, во „Јане“, на стартот од групната фаза од Лига Европа, го пречекуваат хрватски Сесвете, екипа која е трета/четврта по ранг во Хрватска, веднаш позади Загреб и Нексе. Екипа, која, имајќи предвид од каде доаѓа, има ростер на играчи кои треба допрва да го достигнат зенитот и да одат да печалат пари во странство (нормално, преку Загреб како трансфер лост на хрватските ракометари во странство), условно кажано деца родени 2006/07/08 и играчи кои своето во „сериозниот“ ракомет го завршиле и сега се некаде на нивото на просечноста во хрватскиот ракомет. Иако релативна непознаница, очекуваме Сесвете, кој од клупата, до неодамна беше предводен од „плачкото од Татаран“, а од пред неполн месец на таа иста клупа се врати „големиот“ Игор Вори, да игра „модерно“, да трча и надигрува со фаворитот во групата, нашиот Вардар. Убава можност, „комитите“ и оние што се помалку „комити“ да покажат лојалност, припандост, следбеништво кон брендот со најголема тежина во македонскиот спорт. А не само кога „душманите“ од Битола ќе гостуваат во Скопје. Чекаме демант и убаво пополнет „Јане“ како најава за успешна сезона на „двократниот“ во Европа. Сите услови се исполнети, времето работи за Вардар, во однос на уигрување и имплементација на тоа што го замислил стручниот штаб. Толку. Се гледаме во „Јане“.

ИСТИТЕ ЈУНАЦИ, НОВИ ПРИКАЗНИ – ПЕЛИСТЕР ГО ПРЕДИЗВИКУВА ЕВРОПСКИОТ СПОРТСКИ ГИГАНТ
На другата страна, во, небаре, дијаметрално спротивна ситуација, во однос на противни(ците)кот, во нај квалитетното европско натпреварување е големиот битолски бренд, Еурофарм Пелистер. Утре, во Битола доаѓа најголемиот спортски колектив на планетата, тимот со најмногу трофеи во ЛШ, големата Барса. Со изменет состав, малку подмалдена, но со исти амбиции како и секогаш, да се победи на секој натпревар и да се освои трофејот. Се друго за нив е неуспех и е подлежно на анализа, критика и промена.
Не е првпат, Барселона да доаѓа во Македонија како голем фаворит. Со најкомплетниот пивот на денешницата (заедно со Салструб од Магдебург), Фабрегас, најдобриот голман во светот на ракометот, Емил Нилсен и вонвременскиот Дика Мем, Барса делува непобедливо. Но таа иста Барса, доаѓала во такво својство и претходно, па таа 2013/14 двапати се „сопна“ во Скопје. За оние помладите читатели вредно е да се спомене нерешениот исход на Вардар, а особено големата победа на Металург, пред преполн „Борис“. Оној „Черваров Металург“, кој изминатите неколку колумни го компарираме со денешниот Пелистер, на Гарабаја. Оној Металург, кој со тројца здрави играчи на надворешните позиции (Циндриќ – Миркуловски – Вугринец) и „демоде“ ракомет успеа да го совлада тимот на Никола Карабатиќ и Кирил Лазаров, во тој момент, најдобрите светски играчи на левата и десната бековска позиција.
Значи дека е возможно. Колкави се шансите, тоа е друга работа.
Многу паралели има во утрешниот натпревар, многу приказни испреплетени во еден дуел. Секако, највпечатливи, кога зборуваме за овој денешен „Черваров Металург“ се две. Онаа на Богдан Радивојевиќ, од полуфиналето во Келн, кога Србинот беше дел од бундеслигашот Флензбург, кој се врати од -6 и ја совлада Барса, во еден од најтешките порази на Каталонците во поновата историја.
И, секако, своевидниот подвиг на популарниот Никола Митревски, во легендарниот дуел во Скопје, кога „Свети Никола“, во дресот на Металург, влезе од клупата како замена за Дарко Станиќ и со своите одбрани ја „откажа“ Барса, најавувајќи го „земјотресот“ во „Борис“.
И двајцата, денес, се дел од тимот од Битола, кој утре ќе му се спротивстави на шпанскиот спортски гигант.
„Боро Чурлевски“ е веќе распродадена, покажувајќи уште еднаш недоволен капацитет за интересот кој владее во Битола и регионот, за натпреварите на Пелистер во ЛШ. Битола, пред се од економски аспект (5000 сезонци) мора да размислува за поголема сала.
Веднаш!
ИКО И ПАНЧО – ЛУЃЕТО СО ГОЛЕМО „Л“
И за крај, ама овој пат е дефинитивно.
Македонскиот ракомет, од вчера остана „посиромашен“ за една маркантна фигура, Илија Темелковски. Човек кој од како знам за себе е во ракометот. Човек кој е вклучен во најголемите успеси на македонскиот машки ракомет, од 2009-та, кога Македонија, ракометно, повторно се роди, преку 2012-та кога беше супер-изненадување, па се до 2017-та, најавувајќи го новиот бран ракометни ѕвезди од генерација ’96. Популарниот Ико, иако можеби „piccolo“ во однос на европскиот и светски ракомет, но со „big одраз“, во името на човечноста и разбирањето, го најде своето место на пиедесталот на македонскиот ракомет. Пред се, Ико беше добар човек, со многу пријатели и познаници. Тоа е и повеќе од доволно и многу поважно од се останато.
Почивај во мир селекторе!
п.с. Утрово, со огромно жалење ја примив веста дека нашиот Панчо не успеа во борбата со повредите, настанати во пожарот во Кочани. Планирав, вториот хуманитарен турнир во мини-ракомет „Со Срце за ДНК“, да биде обележан со негово присуство. Но, за жал, не требало да биде така.
Почивај во мир другар Панчо!
Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете