МЛАДИТЕ МАКЕДОНЦИ ПОКАЖАА ДЕКА МОЖЕ ДА СЕ СМЕТА НА НИВ, ПУБЛИКАТА ГО ПРЕПОЗНА МОМЕНТУМОТ!

Еурофарм Пелистер го запиша и 11-иот пораз во елитната ЛШ. Очекувано, имајќи предвид противникот со кој се судрија битолчани синоќа, пред преполна „Боро Чурлевски“.

Габаритот, искуството, па ако сакате и сировиот квалитет на играчи е на страна на суперскапите гостински ракометари.

Околу самиот натпревар, што би можеле да кажеме? Што е тоа што можеше да се направи, да се повтори првото полувреме од натпреварот во Франција, каде Пелистер беше рамноправен.

Не многу во однос на ротација на играчи, како би се добило на квалитет, можеби кратко тактичко изненадување или поставка во одбранбена зона. Како прво, имајќи предвид дека го следев натпреварот „на лице место“, почувствував доза на импресионираност, или подобро кажано, (пре)голем респект кон противникот, и тоа од играчи со „минат труд“, со странски пасош и „дебели“ договори. Состојба на играчите која дополнително им ја олесни работата на Французите, носејќи го натпреварот во полесен тренинг. А не би требало да биде така. Навистина не можам да дефинирам, дали овој ПСЖ (или некој друг тим претходно) е до таа мера доминантен, да едноставно не можеш да се спротивставиш, барем на краток рок. Мислам дека не постои екипа во светот, против која ако имаш сериозна физичка подготвеност, висока мобилност и пристап, без многу респект и најважно, железна дисциплина во извршување на задачите и меѓусебен договор, не можеш да пружиш отпор. Тука не зборуваме за резултат ниту за освојување бодови, иако во минатото „сините“ од Автокоманда против вакви гиганти со многу Македонци и 3-4-5 странци освојуваше бодови во Европа.

Втора работа, која ја забележав е нефункционална зона, која во минатите коментари ја потенциравме како проблем на тимот на Ангеловски, а особено кога играш со играчи од висока класа, истата доаѓа до израз. Пелистер со овој (не)габарит, во однос на противникот не е конкурентен во никој случај, во игра 6-0, колку и да е длабока. Легитимно беше да се обидеме со алтернативна зона, малку по агресивна, иако Шипжак, па и останатите пивоти ќе правеа проблем (а и вака ги правеа). Алтернативна зона, која имајќи предвид, не така широк ростер на исклучително квалитетни играчи (6-7 класа играчи + 2 голмани) ќе овозможеше, во одреден период ограничување на Стејнс како организатор, бековите да немаат добар залет, да бараат брзо решение, каде очекувано Никола Карабатиќ нема да форсира, а Пранди и Тонесен би ги ставиме во ситуација да покажат врвни технички карактеристики и преглед на игра. Кога ќе ги тргнеме настрана овие 4-ца играчи, заедно со Холм и Мате кој е повреден, остатокот на екипата може да се стави под контрола.

Толку за самиот натпревар и тоа што би можеле.

Исто така, впечатливо беше, неочекувано тивката публика од самиот старт на натпреварот, која како да очекуваше добар старт на натпреварот, добра игра, за да даде „ветар во грб“, што секако не е исправно. Треба да биде обратно поставена ситуацијата. Битолската публика, требаше или мораше да создаде почетен притисок, врз противникот, давајќи свој придонес. И долго време, во текот на натпреварот необјасниво за мене беше тивок амбиентот во кој се играше натпреварот. Се додека не се случија неколку моменти, потези на тренерот, од кој внесувањето на Танкоски беше премиерен. Со самото влегување на поранешниот македонски репрезентативец, а по него и неколку реализирани пенали на Ѓорговски, па влегувањето на Петар Атанасиевиќ и Костески, публиката како да се разбуди, како да ги очекуваше да ги види, како тие наши деца да им се помили, без разлика на нивното искуство и квалитет, во однос на странските играчи. А кога зборуваме за квалитет, и синоќа видовме дека не заостануваат многу, а дел од нив (Костески) во моментов се и подобри. Танковски покажа дисциплина, луцидност и желба да се надигрува, Костески ја потврди класата, а Ѓорговски талентот. Битолчани ги сакаат на терен, Македонија ги очекува сите нив во црвениот дрес..

Знам дека сум досаден, но никако не можам да се помирам со фактот дека Тајник, Борзаш и особено Радиојевиќ, играчи кои се донесени за големи натпревари, покажуваат сериозна немоќ и индиферентност, Василев просечност, а нашите искусни македонци во тимот без главост и не припадност, а од друга страна Пелистер овие години успеа да донесе и собере на едно место убава група млади македонски играчи со солиден капацитет..

Спонзорите инвестираат како би ја подигнале видливоста на своите компании (брендови), но и за промовирање на истите тие компании во сегментот на општествен одговорност. Ако е така, покрај успех, врвен приоритет на економски не конкурени екипи од земји со руинирани економии, треба да биде создавање и надградба на домашен производ. Затоа што и сами гледаме дека македонските тимови многу ретко носат квалитет од странство, што заради ограничен буџет, што од незнаење.

Ракометна Битола ги посакува младите Македонци на терен, а тие нема уште долго да чекаат шанса да носат екипа и да решаваат натпревари.

Еден ја фати излезната врата….

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

#ЧитајРакомет#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...