Фото РК Вардар
Викендов стартува новата сезона во најпопуларниот спорт во државата, неговото величество ракометот. Реално или од популистички причини повеќемина го најавија како нај интересно до сега, иако рака на срце лани беше навистина супер интересно, а и годинава имаме на што да се надеваме.
ВАРДАР НА ПАТОТ КОН КОНСОЛИДАЦИЈА ЌЕ БРКА ТИТУЛИ ВО ПРВЕНСТВОТО…
Во еден од минатогодишните коментари, во еуфоријата при враќање на титулата во градот на конзулите, напоменав дека Вардар, најголемиот спортски бренд во државата, формиран од моќното политичко раководство на минатиот систем, долго време „туркан“ и подржуван од државата, еден од последните македонски национални бастиони и обележја, во поново време, учесник и освојувач на престижната Лига на шампиони, ВЕЌЕ НЕ МОЖЕ ВАКА. Коментарот беше, или ќе се реформира или самозапали. Како што веќе знаеме, оваа година, преку еден не така добро организиран прес, без технички можности за комуницирање со „седмата сила“, без модератор и подготвени говорници, го престави новото раководство и новите планови….Со, можеби, најмал буџет, и веројатно се уште не затворена финансиска конструкција, но со голем ентузијазам и две живи легенди внатре во институциите, „црвено-црните“ најавија, првенствено застанување на нозе, а во годините што следуваат и атак на сите титули. Кој не ги знае Војводата и Министерот, ќе помисли дека Вардар оваа година ќе биде спотер, ќе работи во подигање на „базата“ и ќе ги гледа Битола и Автокоманда во борба за титулата. Жими мајка, ТИЕ се победници кои оваа година уште посилно од лани ќе атакуваат на титулите. А првата, пред некој ден, како најава на првенството ја спакуваа за Скопје.
Својствено на буџетот, а размислувајќи трезвено, генерално “пазареа” играчи за локална намена, млади, релативно евтини и формираа симпатична екипа, кај која се знае „кој коси кој вода носи“. Впрочем на Војводата и додека беше капитен и креваше титули во ЛШ, а и сега кога седи на клупа и (не)очекувано води екипа, тимот му игра и му гине за секоја топка, како одличен рецепт за покривање на недостатоците. Резултатот е тој што го видовме во Струга, а богами и во Струмица.
ТРИТЕ СТОЛБА ВО ТИМОТ НА ВОЈВОДАТА И МИНИСТЕРОТ…
Секако, во сите тие засилувања, мораме да издвоиме еден играч кој има, какво такво, искуство со ЛШ и кој уште од самиот старт се промовираше во еден од трите столба на екипата. „Самурајот“ кој дојде од Висла Плоцк, со низок раст и атипична антропологија уште еднаш им покажа (особено на сите млади спортисти) дека во спорот правилото кој може да го игра истиот е дека – нема правило. Јапонецот е главна движечка сила во нападот на Вардарци, и човек од кој тргнува се.
Од фундаментално значење за „новиот Вардар“ е, или беше останувањето на вториот столб на екипата, „пантерот“ Мартин Томовски, за кој вардарци „молеа Бога“ да не најде добар ангажман во странство, и барем уште една година, да го направи својот клуб доминантен во сегментот голмани, во однос на конкурентите.
Иако пристигна минатата сезона, по супер успешна сезона во „дежелата“, имајќи предвид багажот на Војводата и (не)опрвадано слабата минутажа минатата сезона, после долги години супер напорна работа, надградба, вложување, градење карактер и чекање на ред, популарниот Мечка се промовираше во еден од главните столбови во нај успешниот ракометен колектив во државата. Со стартот на сезоната, Милан Лазаревски подготвен ја прифати големата „роља“, да се замени долги години незаменливиот Стоилов, со евидентна предност во играта во одбрана и простор во напад секој ден да биде се подобар. Македонија, конечно го виде неговиот потенцијал, а ракометната фела го очекува неговиот повик и настап во дресот со националните бои. Се останато ќе биде во најмала рака, некоректно.
Петриќ и Срдановиќ се млади, а Николиќ корисен и сите тројца во стилот на засилувања на Михо, кој милуваше играчи од „северот“, а тројцата „андеболисти“ од Иберискиот полуостров само ќе држат место на некој МКД играч. Штета за Марио Стојановски, кој по одличното СП, тешко дека ќе помине некоја минута на терен.
Вардар е засега консолидиран екипа, а за клуб со “сите нишани” ќе треба да помине уште многу вода низ реката со исто име, но ако одиме според тоа што го слушнавме, еден ден ќе биде и тоа. За почеток, после неколку години Вардар има пријавено екипи во сите младински селекции. Тоа што досега немаше беше чисто фијаско.
ПЕЛИСТЕР СО МНОГУ РАКОМЕТАРИ, НО МАЛКУ ИГРАЧИ ВО СОСТАВ.
БИТОЛЧАНИ СО РЕСПЕКТАБИЛНИ ФИНАНСИИ, МНОГУ “БАБИЦИ” НА КЛУПАТА И ВО КЛУБО…
На другата страна, кај новиот шампион на Македонија, со сериозни главоболки околу инфраструктурата и високите критериуми на ЕХФ, се формираше сериозна „легија на странци“, поддржани од младиот македонски бран, водени од двоецот или троецот МКД тренери. Навистина импресионира, во овие тешки економски времиња, во една минорно мала економија, буџетот на битолчани, педантноста на извршување на обврските спрема екипата, ентузијазмот на „фамилијата“ и поддршката на градо (во секоја смисла). Пелистер се промовираше во тим со сериозни финансии, но и со многу „бабици“ на клупата и надвор од неа, тим кој за да се заштити од нападите на Кралот, ги потпиша и преплати младите македонски играчи, кои сега задоволени и како бубрег во лој живеат во нај ракометниот град во државата и тешко дека ќе се напрегнат да направат нешто повеќе. Знаеме, добрите и комотни времиња создаваат слаби карактери и личности. А овие од Битола ќе ни требаат за војна во Јануари. На другата страна, собрани се релативни просечни играчи од странство и реално, на спортски план го очекува многу тешка сезона.
Ѓорговски и Павле Атанасиевиќ нема да ги гледаме како носат екипа и оваа година, Танкоски ќе добива мунутажа „на кашика“, „Аир Струга“ како нај константен доби супер-скапа конкуренција во титуларот од Флензбург кој остана без клуб и праќаше ПР текстови за промоција и реклама, а за жал, на Кизиќ му се случи Вардар, по вторпат. Трет голман во време кога треба да носи, да решава , да добива и губи…
Супер просечни странци од типот на Нилсен, Сери, србинот од Норвешка и бекот од Брест ќе изнесат од МКД сериозни девизи и ќе ни ги наполнат устите со коментари, кога ќе видиме каде се истите во однос на елитата. А тие истите после оваа „берба“ ќе се вратат во своите клубови, во тешка маргина. Секоја чест на исклучоците… Пелистер има топ голман(и) и коректен (за условите) среден и десен бек.
Неверојатно е, како и после 5 години од „Платформата за Битола“, луѓето задолжени за спорт не создадоа база од „локалци“ (играчи кои ќе бидат подолг период во клубот) кои ќе „држат“ соблекувална, ќе кренат рачна кога ќе тргне колата низ брдо, ќе им „посакаат“ добредојде на новите играчи, покажувајќи им како треба да се гине за дресот со зелена боја, „објаснувајќи им“, ако треба и со непопуларни методи дека во Битола ракометот е религија, и дека шетање по Широк сокак е опасно за луѓе кои се дојдени на „лешинарење“. Еурофарм Пелистер е во супер елитната ЛШ оваа година и ако сака да остави добар впечаток (свесни за буџетите на конкурентите, не очекуваме и не треба да очекуваме чуда), овие играчи ќе мора да „го изедат“ паркетот, а не да се фолираат.
За да не не сфатат погрешно, Еурофарм Пелистер заслужува голем респект, прв е фаворит за титулата и ќе биде “фенси” оваа сезона со играњето во ЛШ. Клубот донесе одличен спортски работник, на позиција спортски директор и по некој солиден играч. Само да се постават на вистинско место, со конкретни задачи. Клубот ќе напредува неминовно, во сите сегменти, логистички, организационо, играчки, спортски, инфраструктурно..
Ако битолчани направат од ЛШ настан за семејно уживање, а не само спортска трка во која еден мора да изгуби ќе “навлечат” широка група на популација и ќе направи вистински потег.
Им посакуваме многу среќа и успех
фото РК Алкалоид
АЛКАЛОИД СО МНОГУ МАКЕДОНЦИ ВО ЕВРОПА, А СО ГРАНИТНА ОДБРАНБЕНА ЗОНА И ЛЕСНИ ГОЛОВИ, ДО ПОСАКУВАНАТА ЦЕЛ ВО ДОМАШНИОТ ШАМПИОНАТ..
Во сенка на големото ривалство на Скопје и Битола, минатата година Алкалоид одреди кој ќе биде шампион, и во само една сезона, на МКД погон успеа да обезбеди пласман во ракометна Европа. И покрај големите озборувања, за носење на цела дузина на „легинонери“ за пополнување на дупките, „сините“ од Автокоманда донесоа двајца искусни играчи и ги оставија 14-15 македонски играчи да се „печат“ во Европа и да се „вооружуваат“ за тоа што мене, тебе, сите нас неутрални фанови во Македонија не интересира, а тоа е настапот на македонскиот национален тим на ЕП во Јануари. Процентот од над 85% МКД играчи во еден клуб кој ќе игра во Европа, Македонија одамна не го памети и покажува една конзинстентност во размислувањата каде и на кој начин треба да се стигне до целта.
Од она што го видовме, Алкалоид се засили минимално со Бинго и Ромеро, на позиции кои или се релативно неважни или веќе имаше некаков квалитет на истите. Бинго треба да биде “двојка“ во одбрана, со висина и агресивност, а Ромеро треба да му даде на Галец уште една година „луфта“ пред неговото “устоличување” на голот на Алкалоид. За жал, „сините“ не се засилија на нај чувствителната и воедно фундаментална позиција, лев бек и според она што го видовме нападот ќе биде доста стерилен и не може да се очекува многу од истиот. Но, затоа одбраната е сериозно гранитна, агресивна и подвижна, а ако голманите имаа убава сезона, Алкалоид ќе „лета“ на погон на транзицијата и директни и „лесни“ голови. Во спротивно ќе има проблем и со екипи од трет ешалон во нашето првенство.
Охрид и Тиквеш последните две години, на сметка на намалени финансии во Полет и Бутел се промовираа во екипи од втор ешалон, со стабилни финансии и амбиции за излез во Европа.
Охрид донесе големо име на клупата и за жал, смени пола екипа, што гарантира од една страна добра стратегија и во исто време турбулентна сезона. За големи работи тимот нема голман и командант во напад, кој и кога греши, неговата послушна војска ќе победува.
Стартот не ветува многу, но времето можеби (ќе) работи за нив. Градоначалник кој во својот вокабулар го нема зборот не и не може, заслужува повеќе.
Сакав во овој коментар да напишам и збор два за симпатичната екипа со супер мал буџет од Дубочица, која втора година по ред не враќа во реалноста и ни покажува каде се нашите екипи од втор и трет ешалон во однос на оние каде ракометот е крајно маргинализиран. За да не летаме во облаци…
Честит празник – Денот на независноста
Во време кога сме зависни како никогаш претходно од каубојците, швабите, жолтите, “червените” и најстрашно, од “сограѓаните” од едно општество за сите…
Се чека да дојде до за да се разбудиме и обединиме.
До тогаш #ЧитајРакомет
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
#ЧитајРакомет#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија