Фото РК Еурофарм Пелистер
ВАРДАР ЈА НАПОЛНА „БОРО ЧУЛЕСКИ“ И ОСТАНА СО ПРАЗНИ РАЦЕ ВО БИТОЛА.
„ГОЛЕМИОТ НИКОЛА“ ОД ДЕНЕС ВО ГРАДОТ НА КОНЗУЛИТЕ, НАЈАВА ЗА СПОРТСКА „ПОСЛАСТИЦА“ КОЈА ЗАСЛУЖУВА ПРЕПОЛНИ ТРИБИНИ.
.
Ракометна Битола се „освежи“.
После релативно лоши и тмурни шест месеци, во кои на меѓународна сцена (не)очекувано тешко доаѓаа до можност за егал натпревар, а на домашната после два натпревари со лутиот рувал, дигитронот кажуваше негативен меѓусебен дуел, од саботата, комплетно заслужено, Пелистер и официјално ја „поднесе“ кандидатурата за освојување на трофеите во македонскиот ракомет. Натпревар во знакот на оддавање почит на Силјан Мицевски, човекот кој, како со папочна врвца, на овој или оној начин е поврзан со (не)успесите на битолскиот ракомет. И до ден денес. И најважно, остави семка или аманет кај семејството да продолжи приказната. И ќе продолжи….
Што накратко би издвоиле. Одлично воден натпревар од клупата. Авторитет. На моменти агресивност и „Вујовиќ речник“ на паузата, се во функција на „будење“ на играчите. Детали, кои се презентирани и вежбани на тренинг и за истите потсетник на тајм-аут. Консолидација. Тимот, „прочешлан“ со заминување на одредени ракометари, а оние кои останаа, командувани од Бранко Ангеловски на клупата и „човекот од доверба“ Тајник на теренот, понесени од енергијата на Фитиљ и стабилноста на Лесјак, изгледа, барем за наши услови, и повеќе од солидно. (По)широк ростер, силна мотивираност, полна сала и ранет противник. Се беше на страната на битолчани, иако во добар дел од натпреварот Вардар, свесно „гушејќи“ ја играта одржуваше баланс, и играчки и резултатски. Се чини дека отсуството на „самурајот“, во услови на ограничен фонд е во моментов не надоместливо. Иако, не можеме да ги гледаме на тој начин работите, Вардар е сепак во друга фаза, фаза на консулидација. Доколку обезбеди стабилни финансии, повлече неколку паметни потези, ќе биде сериозен конкурент за освојување на титулите. Многу тактички детали, карактеристични за Ангеловски, како многу посветен тренер, кој „има око“ да фати детал и да го пренесе, со свои мани и доблести, засега покажа дека може да носи екипа од ваков ранг. Би му дал малку ветар во грб, повеќе да ги вклучи нашите деца во игра, што и веројатно ќе се случи на останатите дуели. На тој од саботата, едноставно Пелистер немаше право на грешка. И затоа, се одигра со одреден број на играчи, се изнесе теретот и сега полесно се дише на Широк Сокак во Битола.
А кога сме кај Широк Сокак, уште денес, на таа фамозна и легендарна „модна писта“ ќе го видиме најголемиот ракометар на сите времиња, најкорисниот играч кој го играл овој наш спорт, човекот со (можеби, не тврдам) најмногу трофеи од големите настани и елитните европски натпреварувања, Големиот Никола. За последен пат во Македонија (не дека дошол многу пати). А утре на терен, заедно со Стејнс, Пранди, Шипжак…како дел од „ѕвезденото небо“ на ПСЖ, најскапиот тим на денешницата, предводен од клупата од човекот кој „ја донесе“ првата титула во ЛШ во машка конкуренција во Македонија, Раул Гонзалес. Вистинска спортска „посластица“ за секој искрен љубител на ракометот во државата. Македонски тим против гигант (барем според буџет и играчи) од светски рамки, без резултатски товар. Плус легендарното лево крило Дејан Манасков ќе дебитира во дресот во кој неговиот татко демонстрираше атомски ракомет и се промовираше во најдоминантен лев бек во светот на ракометот, своевремно…
Најава за убав настан, можност да се видат големи играчи на терен, да се биде горд што Македонија во еден сегмент (спорт, ракомет) е конкурентна и опстојува, ако сакате фигурира на мапата и тоа треба да се респектира и цени. Настан за промоција на ракометот, локално, регионално, на ниво на држава. Ние што сме „долу во базата“ најдобро знаеме што значи голем настан, во однос на „свежа крв“ во сала, нови деца кои, засега сакаат да бидат нов Карабатиќ, Хансен или Митев, деца кои допрва треба да се „зацапуваат“ во ракометот, а за тоа некои работи треба да ги промениме, систематски што би рекле многу аналитичари, без образложение што тој збор означува..
Полна сала ќе значи едно ГОЛЕМО БЛАГОДАРАМ, за луѓето кои го овозможија ова, фамилијата која финансира, која е „инфицирана“ до немајкаде со ракомет, до луѓето од клубот, играчите…Вардар ја распродаде „Боро Чулески“, за ПСЖ чекаме (пре)многу денови да се случи истото. Не знам дали да бидам среќен што, конечно, како Премиерлигата во фудбал или Бундеслигата во ракомет, на тамошните екипи им е поважно да покажат припадност против „локалниот “ конкурент, отколку некој европски гигант ИЛИ да сум разочаран што Никола Карабатиќ и друштвото не можат да „соберат“ 3-4000 македонски ракометни фанатици?
Очигледно Битола повеќе си ги сака своите или ги нејќи оние од црвено-црните, отколку што се воодушевува на туѓите ѕвезди.
За среќа
#ЗаМакедонЦкиотРакомет#МакРакомет#Ракомет#Македонија
Поранешен ракометен репрезентативец и основач на проектот Ракомет За Секое Дете