Возев утрово накај Радожда, македонската врвна дестинација за дегустација на ендемичната пастрмка која е во изумирање и се обидував да најдам совршен опис за вчерашниот натпревар во култната Блауграна, која патем речено слави јубилеј.
Не, неуспеав. Впрочем проблемот произлезе од премалкуте впечатоци за играта, а преголемиот шок предизвикан од атмосферата.
Па некако вака се обидував (неуспешнo за жал), Сум бил на саем за автомобили, каде беше повозбудливо, сум бил на погреб на кој во текот на ручекот, нели за душа на покојникот, атмосферата екслодира па имаше и песна… сум бил на родителска каде имаше повеќе искри…
Дали шпанците билетите ги продаваа на туристи дојдени од трети земји, кои и не чуле за ракометот, или пак терминот беше преран, а тие уште беа во сиеста режимот, не знам? Но шокот сеуште ме држи. Да дефинитивно на погреб сепак има многу повеќе енергија и емоции.
Барселона победи без никаква дилема и по Н-ти пат ќе оди на Ф4.
Тоа пак што се случи подоцна и далеку горе на ЛАДНИОТ север, тоа треба да се прераскажува.
Мојот Ел Команданте, за кого секогаш во сеќавањата ќе го споменуваме и по бегството од репрезентацијата, како да го стигна клетвата.
Попусто тројно поголем хонорар, попусто петпати поголем буџет, попусто градови на светлина, музеи, луксузи и врвна гастрономија. До титула се доаѓа со состојки кои се непознати во материјалниот универзум.
Натпреварот врвна претстава. Ладните германци на трибините како да сакаа да покажат дека се исклучителна публика.
Првото полувреме по мерка за светците и кога сите помисливме дека искуството на Раул и скапата постава без проблем ќе се пласираат, се случи Винчек или Рајкинд, Ландин или Дуле, или Јиха можеби.
Попусти беа безброните одбрани на Жерар во заминување, германците беа решени да ја покорат Франција.
Ќе се вратам уште еднаш на кармата, Команданте, кога ќе ги пишуваш своите мемоари, сети се на нас, македонците, како брзо не освои, како брзо те посвоивме и колку ефтино не продаде!
Дали го имаме најсилниот можен состав за Ф4, безмалку сум сигурен, кој би бил фаворит е небитно. Чинам дека сите помалку бегаат од таа улога. Како и да е на 18 ти и 19 ти јуни Келн ќе биде домаќин на уште еден спектакл, овојпат со публика со домашен тим, со бранителот на титулата и со два многу гладни тимови од кои едниот никогаш и не го почуствувал шампионскиот дух.
ПС Да не бидам малерот, лани пред почетокот на сезоната го загубивме Металург во европските купови по санкциите на ЕХФ, а Вардар се провлече, но годинава?