Битола очи в очи со ЕХФ

По незнам кој пат се чувствувам понижено патувајќи низ Македонија.

Просто неможам да разберам на кого му ја дадовме Македонија овие 3 децении? Па имаат ли тие луѓе тронка совест и чест. Патиштата се срам за секој Македонец, пораз за секоја власт, црна дупка на крајот на тунелот, место светлина која ќа ја води државата кон просперитет. Врската на Скопје со Кавадарци, Прилеп и на крајот Битола е шокантно лоша и после 30 и нешто години од самостојноста!

Во Битола заминав со нескриени надежи за добар натпревар. Во пресрет на еден исклучително важен ден по повеќе параметри, во Битола се врати Фитиљо, Бранче со искуство повеќе и еден противник сериозен, јак, но не недостижен.

Впрочем така и беше. За жал времето во Битола вистинско есенско, со еден досаден дожд, па делот со собирање на енергија по Широк Сокак изостана. Изостана и преполна сала, се чини дека Битолчани малку се заситија од неуспех, иако тие што недојдоа има навистина за што да жалат.

Отварањето по сценарио, прва акција, цепелин за Кузановски, 1-0 за Пелистер, завесата е крената, Фитиљот се врати дома, Чкембари на нозе, воведот полн погодок.

И целиот натпревар мина во едно вистинско надмудрување од клупите. Менуваше Бранче и во нападот и во одбраната. Не се плашеше да нападне и 7 на 5, на полувреме во соблекувалната поделените совети ја свртија играта. Пелистер гризеше, напаѓаше разнолико и жестоко му се доближуваше на Пик кој во првото полувреме успеа да направи предност од 3 гола.

Во целата претстава во главни улоги се појавија и оние кои никогаш на канстингот не се пријавени за тие ролји, напротив треба да бидат тивки и невидливи, авторитативни и праведни, да ја делат а не да ја диктираат правдата. Па така двајца французи со блискоисточни или афрички корени, се дрзнаа да градат авторитет онаму каде што не треба. Каде што беше пенал за Пик, за Пелистер пробивање или ништо, каде обичен фаул за Пик, за Пелистер 2 минути и се чини чашата ја прели, признавањето на голот на Бомбач, но не и на Борзаш кога топката минуваше зад гол линијата но завршуваше надвор од мрежата.

Битола ја запозна и таа страна на ЕХФ, па следеше за нас добро познатиот рефрен од трибините, ЕХФ МАФИА…

Ако во цела мака има нешто добро, тоа е дека вака некако грмеше и Борис подоцна и Јане, на патот на освојување на двете Шампионски титули на Вардар.

Ако пак пребарувам низ статистиката и барам емпириски причини за поразот, кој и не е можеби реален, примајќи гол на 8 секунди пред крајот, овојпат запирам кај изгубените топки. Да, сеуште не ми е јасно што е изгубена топка а што техничка грешка по стандардот на ЕХФ. Оти ако ги пресметам по некоја логика, а базирајќи се на извештајот на натпреварот, домаќините имале 19 изгубени топки и 15 технички грешки а гостите 16 со 11, или збирно незамисливи 34 на домашните со 27 на гостите. Па ако е ова возможно во натпревар со по одприлика пеесетина напади од секој тим, тогаш сигурно ние навивачите половина од натпреварот воопшто и не го гледаме оти тој се игра во некој паралелен ЕХФ универзум.

Да се вратам на мојот застарен метод на броење на изгубени топки, па забележувам 44 минута резултат 19-19 и бројам до крај, 3 изгубени за Пик, 5 за Пелистер, Просто е !

Пелистер конечно изигра машки, борбено и разновидно, не дозволи никој да биде газда во неговата куќа, сем овие двајцава пофранцузинетиве, делуваше дека точно знае што прави. Враќањето на Кузмановски како инфузија која допрва ќе треба да ги даде резултатите и еден исклучително харизматичен тренер на клупата мене ми делуваат како гаранција дека екипата е на прав пат.

Дали сето ова ќе биде доволно за бодови во Лигата на Шампиони и за овојување на двојната круна во Македонското првенство времето ќе покаже.

Битола, Македонија 22.11.2023 година ЕХФ Лига на Шампиони

Еурофарм Пелистер 27 Пик Сегед 28

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...