Конечно започна првенството. Она долгоочекуваното, со сехашите од првиот ден.
Рака на срце истие имаа повеќе од лесна задача на почетокот. Вардар со новаците Скопје, а Пелистер со својата експозитура од Битола.
Она што за нас беше интересно беа мечевите во Автокоманда и во Бутел. Во кои гледавме 3 тима кои атакуваат на третото, но со скриени срамежливи апетити и за второто место.
И можеби тоа не беа врвни ракометни претстави но повеќе од јасно е дека оваа сезона ќе биде една од најинтерсените во поновата македонска ракометна историја.
Бутел дома со филмско сценарио во последните минути со гранитна одбрана го сврте изгубениот натпревар и дојде до победа. На трибините имаше публика, можеби сеуште сме далеку од жешките амбиенти но присуството на колку толку публика очигледно е мотив плус за сите.
Она што требаше да биде дерби по повеќе критериуму, освоените места и меѓусебните дуели од лани, делегирањето на нашите врвни судии, па и конечно изборот на МРТ натпреварот да оди во директен пренос, можеби по квалитет да не ги оправда очекувањата но секако по текот и борбеноста сигурно.
Да не биде дека годинава Металург е се поблиску до стабилизација, се погрижија секако самите. Најпрво дозволија врвните засилувања од Франција, тн Њокаси, да бидат професионалци до крај, па при првото неисполнето ветување веднаш си заминат. Потоа дозволија едно младо надежно крило на два дена пред почеток да одлета, за на крајот апсолутно невнимателно да го спроведат лиценцирањето на новите странци, па на натпревар да излезат со 7 играчи и 3 голмани. Слика од минатата сезона во евролигата, која многу ја кудеа а од Металург сепак не убедија дека победил спортот и дека младите добиваат шанса. Што на крајот најверојатно и испадна дека е така.
Ајде за натпреварот, кога жолтите видоа колку е часот веќе си ги запишаа бодовите. Но натпреварот не беше почнат. Незнам како Бошковски ја смени тактикта, но уште понејасно ми е како Марковски воопшто постави некаква. Тој имаше на располагање следното, врвно крило едно, кадет на крило еден, пикери 3, лев бек ветеран кој можеби не изиграл напад од времето на деновите во Вардар, еден, среден бек младинец еден, и толку. Голманската секција исто беше покриена бројно. Од самиот почеток Металург играјќи пред се во одбрана безмалку бескомпромисно стави до знаење дека ќе се бори. Залудно Доне викаше на тајмаутите играјте брз ракомет а не брзоплет, грешките се редеа па иако Пролет во најголем дел водеше со максимум 2, на моменти домаќините израмнуваа па стигнаа неколкупати и да се во водство. Сепак уморот ги стигна и потклекнаа во последните неколку минути. Се наметнува прашањето, ако Автокоманда се стабилизира и заиграат сите кои ги има во моментов, дали еден ваков Пролет ќе може да одбрани +2 во возвратниот дуел напролет.
Во очекување на второт коло кое ќе дојде побрзо од планиранот…