Фото РФМ
Во Црна Гора, се одржува европското првенство во ракомет за играчи до 18 години. За жал, ЕХФ, во својата кусогледост, заборава дека развојот на играчите почнува многу порано, па натпревари за помлади категории не е способна да организира. ШТЕТА.
Морам да признаам дека оваа генерација, или прецизно генерација 2006 та и помлади, не ја познавам. Воопшто не сум ги гледал, со исклучок на 2-3 деца, па оттаму верувам дека селекторот, Наум Таневски, кого исто така не го познавам и не сум ја прател неговата ниту играчка ниту тренерска кариера, ги одбрал најдобрите.
Е тука му се јавува првиот проблем, што ако навистина ова е најдоброто од генерацијата 2006?
После фантастичното издание на постарите, 2004 та, на првенството во Словенија и освојувањето на 9 тото место со само еден пораз и со одличен впечаток за тимска игра, уиграност, борбеност, тактика, стратегија, посветеност, упорност… победа на гигант Франција, некако летвичката отиде многу високо.
Но во Црна Гора на виделина излезе нешто сосема друго. Рака на срце лошата временска прогноза пристигна на пријателските во Грција, но по фантастичното прво коло и поразот од Франција со само 1 гол разлика, помисливме дека метерологијата и не е наука.
Но не било така, по поразот од Германија, следеше соочување со реалноста. Пораз од Полска, тешка победа против тоталниот аутсајдер Украина, против која сите билдаа гол разлика и финале мачниот пораз од Грција, земјата на ватерполото и кошарката.
Овој наш тим за жал нема ни глава ни опашка. Делуваат уморно, не мотивирано. Банални задачи не воиграни, од типот кој прима топка по одбрана и кога голманот смее да фрли контра а кога не. Во напад екипата нема акции, или има многу малку или воопшто не ги игра. Принципот дајму ја топката на Митев кој или ќе даде гол или ќе му асистира на Ристевски, не доволен за настап на сериозна селекција на европско првенство. Почнувам да се прашувам дали е време да се исфрлат бесконечните вкрстувања без интенција за напад? Во тимот недостасуваат леваци, многу евиденто, недостасуваат и голмани, како подршка на малиот Николовски кој и не е така лош.
За жал гледањето на овие натпревари е вистинско мачење.
Оттука, како што би рекол почитуваниот Видевски, влечам неколку согледувања.
Селекторите и тренерите на сите генерации мораат тесно да соработуваат со селекторот на сениорите и да ги бетонираат ракометните текови, принципи и определби.
Младите ракометари мораат да гледаат модерен ракомет, Олимпискиот турнир задолжителна лектира, брзиот проток на топка, брзото донесување на одлуки и латералното движење на играчите први лекции.
Тренинзите во клубовите не се доволни, деца мора да работите индивидуално и на физички и на технички план.
Последната забелешка се однесува на минутажите. Деца излезете од своите конфорни зони и барајте минутажа, не е битен клубот и лигата, Вас ви се потребни тешки натревари во кои ќе растете!
За кадетите остануваат уште неколку натпревари во кои може да го подобрат впечатокот, но од нив најважно во овој момент ќе биде да го сочуваат статусот на прволигаши. Враќањето во Б шампионати за една ракометна земја како Македонија е тежок удар.
За Македонија и во пораз и во победа !