Долго топло ракометно лето

Во далечната 1989 година, во продукција на Кроација Рекордс е издаден еден хит, сега веќе легендареn, “Дуго топло љето почиње”, во изведба на Џаволи.

Летото и легендарноста се темите кои деновиве ме окупираат.

Летото поради сиот свој пекол, легендарноста поради големиот број Македонски ракометни легенди кои во краток период се престроија и прекомандуваа.

Почнувам од назад, од две македонски ракометни легенди кои го почнуваат својот нов дел од кариерата онаму каде што и завршија, во Вардар.

Стоилов, една од најмаркантните појави на македонските и светските паркети, со две титули европски шампион, 5 ти на листата на Вардарови стрелци во лигата на Шампионите и безброј репрезентативни настапи ја заврши тивко играчката кариера. Потивко отколку што можев да очекувам. Иако кулоарите шепотеа, телото го издаваше а тимот не го пратеше, сепак кога една таква легенда си оди останува голема празнина. Столе беше се она што никој друг во Македонскиот ракомет не беше, бунтовник, борец, лидер, мотиватор, патриот, ѕверка, го сакаа и стари и млади и добри и лоши, па дури и противниците капа му симнуваа.

Столе ти си наша икона, не беше попусто испеана!

Столе ќе биде помошник на Недановски во Вардар, координатор за младинските школи, но присуството на Шампионот во Вардар е од повеќекратна корист. Кога ќе се сетам дека и уште една Вардарова легенда мечтаеше за ваков расплет …

Борко Ристовски е втората фигура кого никого и никогаш не остави рамнодушен. Министер за одбрана, човек без влакна на јазикот, 100% посветен на ракометот и на Македонија, до ден денес ја бранува мирната вода под која се кријат многу водни чудовишта.

Тој застанува на чело на Вардар и не е тајна дека по се поизвесната промена на власта во Македонија, на пролет, анатемата фрлена на Вардар од предавниците, конечно ќе може да се отстрани,

Една од летните топлотни бомби беше и завршетокот на ангажманот на Бранко Ангеловски во Мулти Есенс. Нејасно за многумина но таков е животот на спортистите и спортските работници. А дека секое зло е за добро, се потврди со неговото ангажирање за директор во Пелистер. Човек со таква кариера и искуство, со таква страст и познавање на ракометот сигурно дека на Пелистер сериозно му ја зголемува вредноста.

Коефициентот на кладилниците мора да се менува!

Во духот на стемнувањето и разденувањето, уште една македонска легенда се врати по обиколката на светот дома. Иван Марковски пред некоја година правеше чуда со клинички мртвиот Металург, па судбината но и неговиот ракометен занес го врати повторно во Автокоманда, но овојпат во друга екипа, но исто плаво бела. На Марковски му е доверена најтешката но и најслатка задача да води млада и супер талентирана екипа во борба со многу искусни волци.

Мулти Есенс, вториот тим на Алкалоид со цел да создава играчи, совршено ќе му лежи на Иван кој е исклучителен работник и перфекционист.

Во Македонија се враќа и еден од најдобрите стрелци за Македонската репрезентација, Алушевски. Беше на чело на најголемите во најтешките периоди, па се чини дека и не доби доволно време, можеби и притисокот беше преголем. Како и да е, Аљушот го презема Охрид, и ќе може од сенка да ги реализира своите ракометни идеи, во амбициозен тим, со нескриена намера да матат сметки.

Ако на оваа листа ги додадеме и Јовиќ и Шундовски кои го преземаа Пелистер, и му донесоа титула по 18 години, Лазаров кој го водеше Алкалоид до вицешампионска титула, Брестовац кој остави силен впечаток со Тиквеш, Стојановиќ кој со кадетите се пласира на светско, листата на ракометни легенди кои се активно и влијателно вклучени во македонскиот ракомет станува импресивна.

Ракометна земја со ваква структура не би требало да се плаши за својата иднина !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...