1979 година беше, лето, Скопје живееше со својот мирен и урбан дух. Неделата беше ден во кој мувите се слушаа како летаат. Улиците ги освојуваше мирисот на летна манџа, некои имаа и јанија со говедско за ручек, па чиниш само крајче бел леб ти е потребно. Скопје сеуште беше паланка и ретко кој немаше гаража за својот Фиќо, Стокец, Милетреченто, Волга или Голф Кец. А во недела, вратите на гаражите ширум отворени, околу пладне почнуваа да се прегледуваат спојничките, свеќиците, има ли “уље” доволно? Повештите, а ги имаше доста, штелуваа и вентили, чистеа карбуратоти… какви времиња. Но некаде 30 минути пред 14,00 часот сите активности од областа на автомобилизмот се стивнуваа, почнуваше да се чувствува некаква напнатост во воздухот, мајсториве ги бришеа рацете од маслото и отвараа грч скопско, ги пуштаа радио касетофоните од автомобилите и … се очекуваше првиот свиреж! Вардар гостува на Грбавица!
Како вчера да беше, ја помнам гробната тишина и потоа гласот на Ивко Панговски, на стерео, не на многу повеќе … Градот слушаше радио пренос од гостувањето на Вардар.
Не поминаа многу викенди, а татко ми ми рече, ќе те носам на Градски, гостува Партизан!
Штама, во умот на едно осум годишно момче, ништо друго веќе не се вртеше. Следеше нешто налик на сон, незнам дали воопшто дишев тие три четири денови, а тогаш во неделата, тргнати ко за на плажа во Стомион, рано рано, да се фати место, да се купат од убавите семки зошто подоле му се стари мувлосани, да не не прегази толпата. Играше Вардар на градски !
Од како паметам за себе сум навивач !
Иако знам дека сеуште многу незнам, се дрзнувам да напишам неколку кратки правила за навивање!
Прво и основно правило за навивање е да го сакаш спортот. Натпреварите иако имаат и психотропна нишка, сепак се место за витешко одмерување на силите! Немој да доаѓаш на натпревар ако не го сакаш спортот!
Второто правило е поврзано со татковината, со градот од кој си, со маалото во него. Нема страст без љубов. Нема навивање без страст. Предуслов за морници, а тие се првиот симптом дека натпреварот ти значи, е химната или по паралела, ако игра твојот клуб, песната на твојот клуб.
Трето правило во овој мал Прирачник за навивање, гласи: мораш да ги познаваш правилата на спортот. Безцелно е се, доколку не ја разбираш темата. Подготви се добро, оди со пријател кој е добро упатен и дозволи му да те води.
Четвртото правило се однесува на љубовта кон својот клуб. Љубовта кон својот клуб незначи омраза кон другиот. За жал низ деценииве изминати бевме сведоци дека спортот многу често и многу вешто се злоупотребува(ше) во пред се, евтина и дискриминаторска политика. Политика со која злобниците, профитираа делејќи ги луѓето. Да не заборавиме дека сами ако сме, нема со кого да играме, ќе нема и за кого да навиваме. Спортот не поврзува не не дели !
Петото правило е поврзано со честа, со џентлменството, со спортскиот дух. Честитај му на противникот ако те победи, а ако победиш, уживај и утеши ги противниците, дај им шанса за реванш!
Последното правило во овој мал прирачник се однесува на актерите во оваа претстава. На спортистите, тренерите, судиите и сите останати. Почитувај ги, не ги навредувај, помисли само колку често си ти во кафана а тој на тренинг, од што се се откажал за да стигне до таму, помисли на се што пропуштил поради припремите и спортскиот живот. Сети се дека сите тие се луѓе од крв и месо, сите тие се нечии синови, ќерки, браќа, сестри, некои имаат мажи, некои жени, некои имаат и деца, тие се едноставно луѓе како нас!
Таканаречената западна цивилизација се труди со сите сили и средства нас балканците да не прикаже како дивјаци, да не стимулира да се делиме и закрвуваме, а ни се потсмева одозгора. Но ние пак Македонците сме исклучок, често сме енигма за нив, кога губиме знаеме да пееме, кога сме претпоследни да славиме како да сме први, кога најмалку не очекуваш да се појавиме илјадници.
Ние Македонците знаеме да навиваме, знаеме што е срце на терен, знаеме да почитуваме!
Ги повикувам сите Македонски навивачи, на сите Македонски клубови, навивајте, пејте, бодрете ги своите, почитувајте ги и наградете ги со аплауз противниците, издигнете се над сите поделби и заговори.
Бидете вистински навивачи!
пс не е правило, но згодно е да се опремите и со некоја навивачка реквизита !