ОМАЖ

Македонија се пласира на Европско првенство. Ја продолжуваме традицијата за пласман на нашите омилени “Зимски Јануарско-Февруарски спортови”. И тоа за среќа не е некоја новост што којзнае како ќе оддекне меѓу вљубениците во спортот, посебно меѓу нас, затресканите во ракомет. Не е новост, затоа што овие момчиња не навикнаа и не разгалија секоја зима да ги гледаме како трчаат и се борат на герфлор подиумот.

Она што беше ново и што сакаме да го издвоиме од овие 6 квалификациски натпревари е, фактот дека сосема надмоќно го изодевме овој пат и што изигравме натпрeвари кои освен во допадливоста, надмоќноста над противниците немаа ништо друго заедничко.

Ајде да одиме по ред.

Почнавме некаде есента и ако се гледа целиот циклус ние изигравме 6 одлични меча. Дури и двата меча под водство на Брестовац, со Финска и Швајцарија беа одлично изиграни.  Тоа ни даде надеж дека и на хартија доделената виза за Египет е сосема заслужена, дека таму одиме да победуваме и да се надигруваме. Некои дури почнаа да ја гланцаат и порта Македонија (за секој случај, де). Но од таму за жал ни дојдоа само неколку врели шлаканици и некако се оладивме до страотно ниво дека толку беше со нашиот омилен спорт и со нашата омилена репрезентација. И веројатно лесно можеше да дојде до тоа, да не се случеше она што сите знеавме дека ќе се случи, само не знаевме кога.

Кире за селектор.

Дури уште подобрата варијатна ја добивме, Кире за играч и за селектор.

Море најдобрата варијанта ја добивме. Кире играч – селектор, во тимот се враќа Жути, а на клупа покрај Кире седнуваат и прекалените и докажани гладијатори, Бранче Ангеловски и Ацо Јоноски. Пуф, бомба.

И така и бидна. Уште на првиот меч. Совладан е актуелниот светски првак. Чии гради сеуште мирисаа на египетското злато.

Потоа следи доделената победа кај нив дома, и за крај на циклусот последните два одлични меча против Финска во гости и против Швајцарија дома.

За овој циклус можеме да кажеме дека како никогаш досега видовме интересен но сосема разновиден пристап кон сите натпревари.

Речиси сите 6, или ајде да зборуваме за последните 4 меча, ги почнувавме со различен тим, имавме непредвидлив старт и развој на натпреварот. Имавме меч со Данска (дома), кој го контролиравме од самиот старт, како резултатски така и во самата игра. Со Данска, еј! Светскиот првак. Сосема непрепознатливо. Со Финска и Швајцарија покажавма друго светло, повторно непрепознатливо. На овие два меча бркавме резултат. Требаше да ги изиграме оние натпревари за кои се вели дека се најтешки. Оние однапред добиените. И тука покажавме сосема нова силина и квалитет. Игравме без паника, знаевме дека сме поквалитетни и знаевме дека ќе дојдат тие 5-10 минути кога се добива натпреварот. Што би рекол колегата Стерјов од МТВ, ги добивме на сув квалитет. И така и бидна. Без резултатска важност, изигравме за Македонија, за верба во себе, за свој раст и самодоверба. Тоа се важни придобивки, за кои кога некој од играчите ќе во иднина ќе блесне, со гордост ќе се потсетиме дека тоа е плод на овие 4 погоре споменати натпревари. Секој за себе посебна школа.

Што друго добивме?

Митревски. Можеби никогаш досега не сме имале волку стандарден голман. Ладнокрвен, смирен, концентриран.

Пикери, без дилема, секогаш сме биле јаки на овие позиции. Радува она што се гледа, дека Стоилов полека се смирува и остава Кире да ги “кара” и подучува “младите”.””

Крилата, Џомба како старо вино. Ладнокрвен како Ентони Хопкинс, во филмот со јагнињата. Костески, ја има дрскоста и секако е иднината на таа позиција.

Манасков и Маџовски, одличен тандем. Само Деки да се среди со повредите, тогаш мислам и Маџовски како втор избор ќе биде порастеретен и ќе прикаже повеќе. Верувам дека е само мал пад на формата.

“Младите”, Кузмановски и Талески. Фитиљот очигледно ги разбрал советите и сватил што се очекува од него и каде му е местото. На Талески му го зголемувам рокот со дадените шанси. Очигледно е дека кога работи со Кире има напредок. Штета што и тој и Мишевски немаа повеќе минутажа кај Алушевски. А мораше да ја добијат повеќе во и онака изгубената сезона за Вардар. Така барем и Алушевски ќе можеше слободно да се пофали дека иако сезоната за Вардар е пропадната, ама барем ги дигнал и двајцата на повиско ниво. Сепак гледам потенцијал и кај двајцата.

И време е за вистинските, младите. Одличен избор на селекторот со фрлањето во оган на Ѓорѓиев. Момчето има меѓу нозете и уште поважно меѓу ушите. Такви момчиња ќе ни требаат многу.

Се на се, одлични квалификации. Многу новини, многу промени, многу тактики, многу нови имиња.

Очигледно е дека 20 и повеќе годишното присуство на терените на Лазаров на врвно светско ниво си дало резултат.

Едвај чекам да ги видам со добиена шанса и Аларов, Младеновиќ, Стојковиќ…и уште многу други деца…

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...