VAR на Охридски, МТВ ја купува Илон Маск?

ФОТО МТВ

Во наплив на инспирација на темата Ракометен Туризам, дербито во Биљанини Извори, неизбежно.

Резервирајте соба во хотел Тино Свети Стефан (мој избор, а Охрид изобилува со прекрасни капацитети), ќе Ве пречекаат со насмевка, фантастичен поглед кон безвременската убавина на Охридската Котлина и одлична Македонска кујна. Одморете стари и уморни коски во “Спато”, појдете на пиво во Ноа на пример, нека Ве маѓепса езерото. И кога ќе сакате да го смените ритамот, појдете в сала! И бев…

Алкалоид е вистинска провокација, билетот 100 денари, живо џабе, а треба ли да е толку ефтино? Салата безмалку полна. Публика доаѓаше се до 15-20 минута од натпреварот. Шарена и убава публика, припадничките од нежниот пол, сериозно застапени. Навивачката група Рибари, под полна борбена подготовка. Време и терен, загреан со плински тајфуни, среќа што зимава е блага, идеални за игра. Време е за ракомет!

Натпреварот напнат, тензичен, борбен и на моменти исклучително динамичен. Победи подобриот, тимот на Охрид, а она што ќе остане да се памети се следниве три моменти.

Во периодот на изедначена борба со малку погодоци и одлични голмани, една судиска одлука, ги зовре страстите. Полетаа најсочни и најкреативни пцости и клетви, гестикулации од фестивал на пантомимата, но шоуто го украде еден лик, пополнет пристојно, со лежерна кошула, во динамичен колорит, кој од вториот ред на таканаречената ложа со три чекори небаре врвен паркурист, се најде на нестабилната и ниска ограда со намера да ги, благо речено воспита судиите. Само нежните раце на редарите и припадниците на МВР Охрид го делеа од теренот. И ништо немаше да биде невообичаено, ако се работеше за некој верен и жесток навивач, а не за градоначалникот на градот под заштита на Унеско.

Вториот момент го краде МТВ. Тие упорно и цврсто стојат на определбата да не натераат да се заљубиме во Уметничкото лизгање. Легитимна заложба. Ракомет можат Тие и со една камера и без анимација да пренесуваат од каде сакаат и кога сакаат. Резултатот и така не е важен, важно е да се учествува. А кој сака да знае време и скор, нека си дојде в сала ! Впрочем кога овие преноси ги видел Илон Маск, а кога му ја пратиле и снимката од најновата софтверска верзија на VAR системот донел конечна одлука да даде понуда!

Третиот момент, а тоа е моментот кој ја запечати одлуката на Маск, е спорната ситуација некаде во незнам која минута, кога судиите не видоа како се случи еден судар на двајца противнички ракометари. Тие притрчаа кон записникот и побараа VAR !? Настана една исклучително пријатна пауза, која луцидниот домаќин Жанко Зш одлично ја искористи да ја распее цела сала, се додека записникот и судиите беа во потрага по видео запис на Youtube на своите телефони. Безценето !

Ракометниот Туризам, веќе има свои фанови, па стигнаа и првите прашања: Каде следниот викенд?

За крај, најдов и една фотографија, за која не знам со сигурност од каде потекнува, но повеќе од јасно е дека тамошните судии сериозно се мачат со вакви студиа !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...