За ракометна Битола, Пелагонија и земјоделието.

Македонската ракометна публика конечно имаше сезона.

Шампионот го дозна на самиот крај, паѓаа облози, многу неизвесност и возбуда. Некои на крајот задоволно се смешкаа, некои беа бесни. Но така е во животот впрочем. Оние пак неутралните можеа да речат, да македонската лига е една од најдобрите на Балканот, хм, најдобра на Балканот.

Возбудата и неизвесноста ја создаваа двата во моментов, ама и историски гледано најдобри македонски клубови Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер. Причините беа различни, но и едните и другите се среќаваа со сериозни предизвици, ракометни и неракометни.

Дека Пелагонија ми е генетски предодредена, почнувам оттаму.

Некаде пред 2-3 години се врати Битола на ракометната мапа, македонска па полека и европска. Битолската публика која епитетот најракометна во потполност го заслужува, сепак покажа една друга слабост, трпеливост. Не тие не беа трпеливи, напротив, беа подготвени за брза офанзива и победа на македонскиот ракометен фронт.

Делумно поради сериозноста на проектот, делумно поради составот на играчите кои почнаа да доаѓаат во Битола, делумно поради слабостите на шампионот Вардар, но и делумно поради авторитетот тренерски кој го презема Пелистер.

И навидум се одеше во вистински правец.

Но Пелистер почна да се сопнува на некои не така незгодни пречки пред се во Лигата на Европа. Па некаде пред новата година битолчани почнаа да ги селектираат виновниците. Имаше листа на играчи, но најгласно и најтранспарентно беше навивањето Бабиќ Оди си !

Легендата битолска и македонска, Иван Марковски, во една од првите епизоди од подкастот Само Ракомет рече: Кога битолската публика ќе Ве прозива, кога 5000 публика ќе вика оди си Бабиќ, значи дека треба нешто да промените ! Следеа натпревари во кои Пелистер делуваше поспремно, не така хаотично, дојдоа и добри резултати.

Делуваше дека се оди во правец на консолидација, но и на конечна победа по помалку сензационалната победа во Скопје, но не беше така.

Пелистер ги загуби трите најважни натпревари сезонава, па и пошироко, последниве 17 години.

Загуби дома од Нексе, во обидот за влез во 8 најдобри во лигата на Европа, загуби од Вардар во Битола за првенствена титула и загуби со звукот на сирената во Кавадарци повторно од Вардар, овојпат за куп титула. За битолчани беше јасно дека јажето и гранката имаат кандидат.

Некаде пак во февруари годинава, ние се обидовме да шпекулираме што би било најдобро за Пелистер, Битола и Македонија, од ракометен аспект. За нас беше совршено јасно дека човекот кој за следната сезона планира да се занимава со агруми, аронии и останати витамински култури, нема да пие кафе на Широк Сокак долго, ако воопшто и пиеше.

Дека Пелистер порасна до ниво да за гол или два губи титули сигурно пред 3-4 години никој неможеше ниту да сонува е факт. Напредокот е неминовен, но него го следат и апетитите. Дали ние како најстроги критичари на Бабиќ, можеме да кажеме дека тој е единствениот виновник?

Секако не ! За големи подвизи потребно е многу работа и трпение.

Но дека “Бабиќо” не не убеди дека вложи максимум е неспорно. Тој не ги освои симпатиите ниту на Битолчани, уште помалку на медиумите. Дека неговиот престој под Пелистер ќе остане запаметен исто така е вистина. Тој покажа дека може да се создаде респектабилен тим, но покажа и слабости, од кои Битола се надеваме многу ќе научи.

Во очекување на новото тренерско име, можеби уште неделава, му посакуваме на Пелистер многу успешни сезони, пред се во европските лиги каде ќе треба заедно со останатите учесници да собираат бодови за македонскиот клубски ранкинг, а на новото име му велиме …

Добродојде на жешкото столче !

П.С. Дали ќе треба превод на шпански за текстот сеуште незнам.

Продолжува …

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...