Завесата за првиот чин спуштена, Ракометна Македонија се подготвува за Европското

Фото РК Алкалоид

Во една исклучително интересна сезона по повеќе параметри, последна во овој формат, првиот дел заврши повеќе помалку според очекувањата.

Во групата А, Алкалоид ја оправда улогата на фаворит, па со 14 од 14 сериозно ја наметна кандидатурата повторно за врвот. Со мала резерва, бидејќи форматот ги оддели од главните конкуренти Вардар и Пелистер.

Охрид е во подем, тоа е факт. Како понатаму клубот ќе ги постави целите, таков ракомет и ќе гледаме. Идејата за играње во плеј офф и пласман во едно коло од европа на моменти се чини дека е прескапа, но маркетиншки, од аспект на промоција на Охрид како ракометен центар, можеби и не е така лошо. Мене лично ми недостасува веб страница, како лична карта на клубот кој би требало да е модерен со фактот дека е основан пред само 12 години. Неколкумината странци, факт е, сепак покриваат позиции каде Македонскиот ракомет е навистина најтенок. Ангажирањето пак на Алушевски на клупата верувам ќе донесе успех, но секако мора да е на долги стази.

Тиквеш е следниот клуб кој привлекува доста внимание. Слично како и Охрид со силна поддршка од локалната самоуправа и локалната бизнис заедница, можеби и ги трасираат насоките како во иднина треба да функционираат клубовите кои не се од Скопје. Одлична атмосфера, добра посета во салите, на моменти прегреана, но и тоа е дел од фолклорот, се надеж дека и Кавадарци може во иднина да дава ракометари. Таму еден експеримент со едно црномуресто леворако момче веќе ми дава и некои идеи. Тенки на таа позиција одсекогаш, мислам на Македонската репрезентација, еве една провокација за селекторот. (Тој во нашиот подкаст ја подотвори вратата за натурализација)

Струга треба со закон да се заштити. Толку можам да кажам за овој Македонски извор, гротло на таленти. Штета што градот е предаден од една погубна политика, инаку верувам дека и таму одлично ќе функционираше моделот од погоре.

Од оваа група ги издвојувам и Аеродром и Скопје кои со една сосема поинаква стратегија настапуваат. Нивниот пристап кон младите категории, поготово кај Аеродром, навистина заслужува внимание и поддршка.

Во групата Б пак, ги гледавме годинава двата најинтересни дуели несомнено. Вардар и Пелистер дадоа шарм на сезонава со нивните два дуели и двата со неочекувани резултати.

Пролет и Бутел иако во доста изменете состави и клупи ги потврдија своите позиции 3 и 4, па тука изненадување немаше. Двата клуба заслужуваат пофалби со големиот број на млади играчи кои добиваат минутажа, па пласманот во плејоф и големиот број на јаки дуели за сите нив ќе биде од извонредно значење.

Во оваа група мало разочарување е екипата на Прилеп, која никако неможе да се врати на оние славни денови на Тутунски. Од друга страна освежување беа секако екипите на Голден Арт и Мулти есенс, кои на семакедонски погон и со доста млади играчи делуваат симпатично.

Ја поздравувам и одлуката за намалување на бројот на екипи и промената на форматот за следната година, со надеж дека квалитетот ќе се концентрира и ќе се зголеми бројот на квалитетни и дерби натпревари.

Прашината полека ќе се наталожи, но не за долго, следат неколку легендарни слави, нова година и божиќ, па седнуваме сите на клупата на репрезентацијата !

Македонија е повторно дел од ракометниот крем, одиме на Европско, а таму, е таму ќе биде многу интересно!

За крај сакам само да го поздравам коментаторот на КТВ на дербито Тиквеш Алкалоид, кој на сосема живописен и егозтичен начин го коментираше натпреварот !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...