Имам досега најлесна задача во најава на натпреварот во третото коло на ЕХФ ЛШ, Вардар го пречекува Олбор ! Имено не така одамна им посветив должно внимание, кога сосема неочекувано за ракометната јавност допатуваа во Келн во борба за титула. Го пренесувам текстот од 8 ми јуни безмалку во целост.
Тим, Игра, Играчи
Првото и можеби најголемото изненадување од третиот по големина град во Данска. Олбор, како што некако би звучел на дански изговорот. Нешто слично како кај девојките, Вајперс и Олбор е основан во 21 век поточно 2000 година а оваа форма ја има само од 2011 година. Тоа не ги спречи да бидат 5 пати шампиони на Данска. Интересно во лигата на шампиони два пати стигнале до осминафинале и двата пати испаѓале од Барса со огромна разлика.
Но овојпат тие се сосема поинаков тим. Играат безгрижно и полетно, како да се без некој императив, во групата со Барса, Кил, Нант, Веспрем, беа четврти, а во осминафиналето го елиминираа се посилниот Порто, на гол во гости. Вистинскиот сјај нивни го видовме во дуелот со германците со дански шмек, Фленсбург, дуел кој беше олицетворение на модерен ракомет, многу возбуда и напнатост.
Составен од исклучиво скандинавски играчи, базата данци, меѓу кои најистакнати крилата Ласен и Странгард, бековите Мелгард и Кристенсен, како и фантастичниот пикер Сауструп. Од Норвешката прва помош го имаат одличниот на крило Бартолд. Шведската колонија е позначајна и со поголемо влијание. Па тука се одличниот голман Агерфос, како и фантастичните бекови Клар, Самуелсон и Сандел.
За мене мала енигма и тренерот, Стефан Мадсен, 44 годишник за кој не успеав да најдам ниту една информација плус од тоа дека е данец на чело на Олбор.
Интересно, но во кратката историја, имале само еден не скандинавски играч во својот ростер и тоа никој друг но Ловро Јотиќ во сезоната 2017/2018.
Едно е повеќе од јасно, играат на многу голови, даваат но и примаат во просек по 30 на натпревар. Растеретени од притисок, а квалитет имаат, као што би рекол Вујо, Раул припази, публико Врзи се !
Во најава на еден моќен тим во кој доаѓаат сериозни скандинавски ѕвезди, овој Олбор фантастично го трасира патот кон врвот!
Единствена разлика од тогаш е во ростерот, навидум ослабени со заминувањето на ветераните Кристијансен и Странгард, како и феноменалниот пивот Сауструп, но и во искуството од минатогодишната одисеја во лигата на шампионите и учеството на Ф4. Сепак вреди да се забележи дека тие ги донесоа врвните имиња од бундес лигата, Ларсен, Бјорнсен и Нилсен, како и мегаѕвездата од Барса, Палмарсон. Последните информации околу неговата здравствена ситуација сеуште не се објавени, но шансите да заигра се сведени на минимум.
Традиција
Оваа категорија е сосема бланко. Вардар и Олбор досега немаат играно меѓусебе.
Судии
Северните соседи, Николиќ и Стојковиќ, ќе ја делат правдата. Чинам дека честопати ни останувале должни.
Мотив
Олбор е во една исклучителна серија. Рака на срце во првите две кола играа исто како и Вардар, со реално послаби тимови. Но успехот од минатата сезона, надоврзан со прилично новиот тим на Вардар, секако за нив ќе претставува можност да се нападне.
За Вардар прв сериозен испит. Ниту Пелистер, ниту Мешков, па ни Елверум не се тимови од европскиот врв. Локација на која Вардар повторно со насмевка погледнува. Од друга страна, публиката полека се враќа, а Вујо и Столе гласно говореа дека Вардар со пубика е сосема друг тим. Моментумот е на страната на Вардар, но дали техничко-тактички па и физички се доволно подготвени ќе знаеме в среда вечер. Коефициентите во кладилниците на страната на Олбор, но неретко сме сведоци дека ракометот и не им е баш специјалност. Публиката е подготвена, но дали Вујо и Вардар се подготвени?
Што треба Вардар да направи
- Да одигра моќна одбрана
- Да нема технички грешки, со што ќе спречи контри
- Да игра стрпливо и ефикасно
Среда 29.09.2021 Домот на двократниот европски шампион, Македонија 18:45 ч
ЦЕЛ ЖИВОТ ЕДНА ЉУБОВ !