АЛКАЛОИД И ВАРДАР ПОДГОТВИЈА ТЕРЕН, СЛЕДНИТЕ ДВЕ КОЛА СО „СКАЛП“ НАД ШАМПИОНОТ ЌЕ ВЛЕЗЕМЕ ВО ТРИЛЕР ЗАВРШНИЦА НА ПЛЕЈОФОТ

Со резултати, во однос на постигнати погодоци, како во ’90 тите години од минатиот век и со незивесност како никогаш досега, после паузата поради ЕХФ неделата и Купот на Македонија, продолжи суперлигата со 6-тото коло и три супер неизвесни натпревари.

Тиквеш, како претендент за пласман во ракометна Европа, се „провлече“ во Пролеќе, Алкалоид „остана жив“ во Бутел, а Охриѓани не успеаа да земат скалп на уште еден претендент за (нај)висок пласман.

Да одиме хронолошки, како што беа и одиграни натпреварите.

ЈОВИЌ И СТОЈАНОВИЌ СЕ НАДМУДРУВАА, ТИКВЕШ СЕ „ПРОВЛЕЧЕ“ ВО ПРОЛЕЌЕ

Тиквеш, екипа која игра солидно пролетва, по обезбедениот пласман на завршниот турнир во Купот, без ударната игла, Обина и рековалесцентот Симиќ, кој требаше да изигрува „плашило“ за одбраната на противникот, имајќи предвид немоќта за дуел игра и шут на гол поради серијата повреди, наводно како благ фаворит допатува во Пролеќе. Викаме наводно, затоа што на терен, двете екипи, водени одлично од клупата од страна на две легенди, не даваа знаци дека еден од нив е при дното, а другиот се бори за Европа. Впрочем, четата на Јовиќ, пролетва за секој противник е тврд орев, без разлика на политиката на намален буџет и амбиции за „прошетка по Европа“ во следната сезона. Како што кажавме, ова беше натпревар на тактичко надмудрување на два тренери со органичени ресурси во однос на мометалната ситуација на ростерите на двата тима. Нападот на Ацо Јовиќ, предводен од супер спортски интелигентниот Ласко Андоновски, сериозно потценет играч во однос на неговите квалитети и долготрајност, но и младинскиот репрезенативец Томи Димковски, очекувано „ја умртви играта“, досадно напаѓаше еден на еден, до обезбедување на чиста ситуација или проигрување до „габаритниот“ Арсеновски на линијата од 6 метри. За таквата игра во многу му помогна и играта на Стојановиќ, кој со стариот добар и испробан рецепт, на релативно длабока и агресивна зона, настапи против технички добро поткованите Андоновски и Димковски.

Од другата страна, селекторот на младинците, со намера да не му дозволи на противникот бсконечно долги напади, држење на време и одмор на ограничениот ростер на задната линија, играше агресивно во одбрана, но тоа од друга страна му направи проблеми во средината каде Мијатовиќ, иако доста цврст и школуван, сепак е спор за да ја следи брзата игра на противникот. Во таква ситуација, во игра на многу контакт, многу исклучувања, реакции на судењето, многу промени на резултатот во однос на тоа кој ја имаше предноста, натпреварот се реши во последните 5 минути, кога Тиквеш се спушти на 6-0, оставајќи го Пролет, уморен и деконцетриран, да решава на (по)густа зона, со играч помалку. Резултатот е две-три брзи погодоци во мрежата на Пролет и тешка, но многу значајна победа за кавадарчани во борба за пласман во Европа. Тиквеш покажа дека може да игра агресивно во континуитет, дека одржува тензија, но и дека е ранлив во ситуација кога има еден или два играчи ван стројот, што е и разбирливо имајќи предвид ширината на ростерот. Пролет, иако без резултатски императив, направи се што можеше да освои бодови. Во ситуација кога можеме голманите на двете екипи според учинокот да им ставиме знак на равенство, победата ја обезбеди зоната на Тиквеш и Мартин Манасков како играч кој треба да се потенцира како пријатно освежување, во два правци, играч кој квалитативно се издигна по доаѓањето на Стојановиќ на клупата на Тиквеш.

АЛКАЛОИД СО РАКОМЕТНИОТ БРУС ЛИ И ВОН ВРЕМЕНСКИОТ ТРАЈКОВСКИ, „ИЗЕДЕ“ МНОГУ ЌОТЕК И ГО „ПРЕЖИВЕА“ БУТЕЛ

„Сините“ од Автокоманда, една недела по победата во Купот, над истиот противник, гостуваа на жешкиот терен во Бутел, без право на грешка и во борба да се одржат шансите за (нај)висок пласман.

Лазаров, во отсуство на Стојковиќ, а со фиксна замисла дека Митев не е играч кој треба да стартува натпревар, истиот го стартуваше со Георгиев и Младеновиќ, поддржани од Петров на „црта“. Напаѓачки доста стерилна постава, имајќи предвид дека протвиникот беше доста „наапан“, мотивиран, агресивен и воинснтвено настроен. Алкалоид, на поставен напад тешко доаѓаше во позиција да упати удар, а и тоа што го имаше како шанса противничкиот голман го решаваше позитивно во полза на својата екипа. Играта комплетно се смени, кога, како по правило, после 13-14 минута на терен влезе ракометниот Брус Ли, во момнентов, најдобриот македонски ракометар на бековските позиции, играч кој ништо не може да го извади од колосек, играч со виско ниво на домашно воспитување, вистински спортски џентланен, тивок, ненаметлив, играч кој не респектира никого, но почитува и спортски сака да се надмудрува со секого. Играч кој изнуди неколку исклучувања, го „вработи“ Петров на црта (за жал без ефект), подели неколку асистенции, и постига неколку погодоци во серија. Токму тоа што му требаше на Алкалоид, на поставен напад Марко Митев е додадена вредност на тимот. Од друга страна, Кралот постави висока и релативно плитка 6-0 одбранбена формација, насочена кон сузбивање на Јевтиќ, како најкористен играч во нападот на Бутел. Во таа намера, на одреден период успеа, иако „цехот“ го плати со оставање повеќе простор за останатите играчи во нападот на Бутел, а Николов и Георгиевски тоа знаеја да го искористат. Особено на високо ниво играше (пре)мотиираниот Николов, кој покажа дека има одличен капацитет, добра техника, м.да да повелече потег, но и недостаток на фокус, оставајќи го тимот на цедило, во период во кој се одлучуваше натпреварот. Тоа дополнително го оптерети нападот на Бутел, кој и во првото полувреме се мачеше за секој погодок, и беше прашање на време кога физички, а со тоа и психички, ќе падне и ќе изгуби здив во борба против посвеж протвник. Фасцинантно е како македоснките клубови се дрзнуваат да ангажираат играч од странство, кој на натпревар како тој во неделата е практично бескорисен. Најавен како засилување, висок 202, доаѓајќи од клуб со славно минато и “го нема“ на дербито, кога Бутел треба да „преломи“. Како и да е Алкалоид остана во игра за титулата, како и на некој да му звучи тоа, особено што во следното коло дома го пречекува шампионот Пелистер. Митев „големиот“ во нападот, високата и плитка до 9м зона и безвременскиот Трајковски на голот се адути на Лазаров, но за победа против „тешката артилерија“ на Пелистер ќе мора и останатите македонски репрезенативци да го потврдат статусот на „избрани“ во македонскиот национален тим.

ОХРИД РАКОМЕТНО РАСТЕ, ОХРИЃАНИ И РЕГИОНОТ ПОВТОРНО ЈА ПРЕПОЛНИЈА „БИЉАНИНИ“

Доколку си охриѓанец или гравитираш околу македонскиот туриститчки бисер и повеќе или помалку те интересира ракометот или спортот воопшто, пролетва треба да се чувствуваш благословен, затоа што за краток период во „Биљанини“, во живо, имаш мжност да ги гледаш најдобрите македонски ракометни колективи. И, што е уште поважно, со сите нив да си во ситуација на егал или малку под/над тоа. Охрид долги години инвестира средства во ракометот, што мене лично ми се допаѓа, иако многу често не се согласува(в)м со политиката на клубот. Но, ова што се случува последните година и пол е нешто што влегува во графата сериозно, од секој аспект. Висина на буџет, тренерско решение, логистика, желба за напредок, па и квалитетен ростер. Полека Охрид станува фактор, и тоа не само во сениорскиот ракомет. Како што гледаме, ракометен Охрид е конкуретен и во младински категории. Охрид е во сериозна трка за излез во Европа, како посакуван трофеј на таткото на градот, како посакувана цел за промоција на градот кој живее од туризмот. Минатогодишниот неуспех, со пласман на „последното“ петто место, а прво кое не води во Европа, „скувано“ во други кујни, со изненадуваки резултати и освоени бодови на противникот во последните кола, не го обесхрабри Градот, како главен финансиер на ракометот во Охрид. Напротив, Општината уште посилно работи кон остварување на целта, а тоа е пласман во Европа, па и нешто повеќе во следните сезони. Охрид е убав, сончев, содржаен, посакуван за секој играч од Македонија и странство, има имиџ на редовен „платиша“, жива легенда на клупата и во иднина се полесно ќе носи „нормални“ играчи, дали од Македонија или сранство.

Во неделата, со поклопување на термините со оној од Бутел, за кој секој нормален следбеник на ракометот се „крсти со лева рака“, во Охрид во „прајм тајм“ гостуваше „двократниот“ владател на Европа, како предизвик за полна сала и уште еден  ракометен празник.

Без Томи Јагуриновски, со Петриќ назад во состав, стандардна 6-0 зона со Аларов и Лазаревски како централен блок и „црниот пантер“ на голот, Вардар, дојде по бодови во Охрид, бодови кои ќе одржуваат резултатска тензија барем до Велигден.

Аљушот со крајно флексибилна и на неколку напади променлива одбранбена зона, се обиде и во голема мера успеа да ја прекине „врската на успехот“ на црвено-црните. Да го изолира „самурајот“, да спушти зона по влез на два и да „дуплира“ Мечка. Тактички многу обемна стратегија против напаѓачки потентен противник. И самиот резултат покажува дека со поддршка на Ѓорѓески на голот, Охрид го „спушти“ Вардар на пристојна бројка на погодоци. И во тој дел, на одбранбена зона, иако може да се дискутира и бара „влакно во јајцето“ Охрид играше сосем солидно. Она што може да му се замери на „стариот“, тоа е во сегментот на нападот и на транзицијата. Две работи ми излегуваат на површина, како ситуации кои можеби ќе дадеа квалитет плус. Охрид мораше поагресивно да ја нападне 6-0 зоната на позициите 2 и 5, каде Џукиќ потроши многу минути, и на другата страна Николич и Петриќ, двајцата без голем интерес за играта во одбрана, во светот каде „само головите се бројат“. Во очекување „охридскиот самурај“ да блесне, втората работа која требаше да се случи е внесувањето на најдобриот напаѓач пролетва, Шафранко, многу порано или уште од самиот старт во игра. Јасно е дека Шафранко „го нема“ во зоната на Аљуш, и тоа е една од причините зошто не е стартер.
Се на се, натпревар на играчите од предната линија, кои и во двете екипи постигнаа значителен број на погодоци. Томовски, иако статистички не се одвои премногу над противничкиот голман, како што сме кажале многупати до сега, имаше одбрани во вистински момент и тоа ги издвојува солидните или просечните од врвните. А таков е Мартин Томовски.

По ова коло, Вардар ќе чека „скалп“ на Пелистер во Автокоманда, за да влезе во сериозна математика за титулата. Со тоа и Алкалоид ќе се прилкучи и ќе не очекува вистинска трилер завршница. Паралелно Охрид ги вкрстува копјата со Тиквеш, за конечно расветлување на тоа кој ќе игра во Европа следната сезона.

п.с викендов бев на два натпревари во Скопје, на кои имаше огромни реакации на судењето, и тоа од страна на самите врхушки на домаќините. Реакции кои делуваат невкусно, неадекватно и како лош пример за „обичната“ публика, особено онаа најмладата. Публика која е лесно запалива и спремна да ги следи „упатствата“ до сериозен инцидент. За да не се случи тоа, треба да се превенира. Дали истите беа испровоцирани од викендов слабото судење генерално на сите плејоф натпревари, треба РФМ да провери, но дали се оправдани, секако дека НЕ.

Се гледаме во сала 😉

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...