Фото: РК Алкалоид / РК Вардар
„Враќањето на Џедајот“ во Автокоманда носи нова надеж за Вардарци, дека не е се загубено во битката за титулата. „Џедајот“ со персонификација во македонскиот „самурај“, поддржан од „црниот пантер“ и „големата мечка“ во еден здив ги „изедоа“ децата на Кралот. И сега некој ќе рече, цело време, децата на Кралот. Имаат ли тие деца свое име, дали се воопшто деца или мажи, мажи со свој идентитет, оставиле ли дел од нив свој потпис во мак ракометот. Имаа(т), ама во тренажниот процес се изгуби, избледи..
Вардар го совлада Алкалоид, во дербито на колото. Веќе два дена, сите оние кои директно или индиректно се занимаваат или следат ракомет веќе имаат свое мислење, до каде се едните или другите, кој е важен „штраф“ во едните, кој ја „зезна“ работата кај другите. И тоа е најнормално, сум пишувал и претходно, го обожавам и уживам во тој колорит од коментари. Искрено, се надевам дека и некој друг ужива или барем му е интересно ова што тука го пишува.
Она што мене ме натера на ваков начин да ја почнам колумнава е мојата загриженост за „децата на Кралот“ кои истовремено се значаен дел од Македонската ракометна селекција, онаа истата што во мај треба да „ги добие“ Фаранските братучеди. Велковски, Серафимов, Ѓорѓиев, Џонов…бледи како крпа, мили како мачиња, фини и културни, непрепознатливи (барем Серафимов и Велковски кои имаат играно сериозен ракомет и претходно во Автокоманда), незадоволни затоа што почнале или не почнале натпревар, со изгубен поглед, без жар во очи, без радост и среќа која треба да ги носи играњето на омилениот спорт, играњето на ниво на кое секое дете сонува, како прв чекор кон нешто повисоко. Овие момци се несреќни, преморени и психички оптеретени. Секој, кој барем еднаш стапнал на терен (не само ракометен), знае дека во таква состојба играчот, спортистот, не е подготвен да прими и изврши наредби, да превеземе одговорност, да одлучи резонски и, најважно, да даде 100% од своите моментални можности. Навистина беше тажно да се гледа реакцијата на Серафимов, при направена грешка или промашен шут, нерезонски, за играч кој, технички, одлично го владее ракометот, но, уште повеќе загрижува реакцијата на истиот тој Мартин, после постигнат погодок. Со тажен поглед во празно.
А сега малку за самиот натпревар. Како јас го видов.
Двете екипи настапија без одредени играчи, поради повреда. Одамна кај Алкалоид ги нема Стојков и Петкоски, но и пивотот Симоноски. Кај Вардар, после пократка или подолга пауза се вратија Николиќ (кој беше во Кавадарци но со лимитирана минутажа) и Јасухира. Голем хендикеп за Вардар беше настапот без класичен десен бек, имајќи предвид повредите на Јагуриновски и Бакар. Особено отсуството на Јагуриновски на позиција два во зоната на Вардар.
Двата тренери со 6-0 зона го стартуваа натпреварот, различни според поставка но и физиономија на „главните играчи“ во истите. Неиграњето на Јагуриновски создаде проблем (или недоумица кај стручниот штаб) во функционирањето на зоната на Вардар, во однос на тоа, да се избере помало зло помеѓу менување на играч (Мишевски) на „долга страна“ или оставање во игра на Џукиќ, на, за него несоодветна позиција. Оваа конфузија и недореченост кај Вардар, ја искористи Алкалоид и преку брз центар (кога Мишевски или Аларов не стигнуваа да покријат на двојка) или на поставен напад еден не еден (Митев на Џукиќ) го одржуваше натпреварот во егал, во првата четвртина од натпреварот. Во продолжение од натпреварот, иако Вардар правеше, принудно, две измени во однос напад одбрана, предводен од „разбивачот“ Милан Лазаревски, со огромна помош од солидниот Аларов, подели доста „ќотек“ на младите противнички играчи и беше важен фактор на триумфот. Во успешноста на функционирањето на зоната на Вардарци, но и немоќта на бековите на домаќинот да се изборат за простор, во многу „кумуваше“ лошата игра на Стојковиќ на „црта“ и ровитоста на Петров. Кога сме кај нападот на Алкалоид, иако стартуваше со Митев од прва минута, не успеа да ги искористи слабите страна на зоната на Вардар, на позициите два и пет (неконкурентноста на Џукиќ кога не се менуваше и заморот на Николиќ кој е аут од тренажен процес и игра во два правци), обидувајќи се да помине „со глава низ ѕид“ каде што е најцврсто.
Би било некоректно, кога зборуваме за одбраната на „двократните“, да не го напоменеме Томовски, како голман кој прави разлика во однос на противниците и еден од „трите столба“ на Вардар оваа сезона.
Што се однесува до зоната на Алкалоид, иако резонски плитка и висока, сепак во недостаток на комуникација меѓу играчите, фокус, доволно висока агресија и борбена готовност, тешко се справуваше со трпелива и конкретна игра на Вардар, предводена од Јасухира како командант на играта и Лазаревски како „сидро“, играч кој многу напредува и претставува проблем за секоја зона. Тоа го видовме и во неделата, каде Јапонецот го „хранеше“ Лазаревски со „употребливи“ топки, а пивотот на Вардар, со својот габарит и натчовечки физички предиспозиции, привлекуваше по двајца, па дури и тројца противнички играчи, создавајќи простор за сите останати. Во таа констелација на работите Николиќ, Срдановиќ, па и Џукиќ знаеја да искористат и да поентираат. Србите до максимум ја искористија играта и компатибилноста на преостанатите „два столба“ на „двократниот“.
Сепак, во оваа лавина од критики и коментари кон Лазаров, за играта и крајниот резултат, мора да се потенцира дека селекторот како никогаш до сега беше конструктивен и се обиде со бодрење на играчите кои направиле грешка, да ги охрабри и врати во колосек. Се обиде и со ротација во нападот, да ја најде вистинската постава, се обиде со 7-6 како „давеник“ да извлече последни атоми од играчите, се обиде со 5-1 или 5+1 на Јасихура, да го дестабилизира нападот на противникот. Но, залудно. Се чини проблемот е систематски (види горе во текстот) и невозможно е да се реши со било каква тактика или поставка на самиот натпревар. Оваа група на играчи (или огромен дел од нив) ВО МОМЕНТОВ не е подготвена да прими и изврши наредба од тренерот и ја нема потребната самодоверба, на „своја рака“ да реши одредена ситуација, затоа што не може да се носи со „последиците“, при евентуален неуспех во решавање на истата. На тој начин невозможно е да се игра било кој спорт, па и овој нашиот.
Алкалоид и покрај тоа што како домаќин дербито го играше во сала која не е адекватна и доволна да ги исполни желбите на сите оние кои сакаа во живо да го следат натпреварот, покажа дека организациски ги поставува работите на највисоко ниво. Професионално обезбедување, „средени“ влезови, монтажни ВЦ-а пред влезовите, чиста сала, амбулантно возило со три медицински лица, преслатки девојчиња на тајмаут и многубројна логистика, соодветно брендирана и обележана. Штета (или за среќа) што спортскиот дел не го „испрати“ организацискиот.