Фото РК Еурофарм Пелистер
Кон последното дерби во Битола, кое домаќините го добија во еден многу интересен натпревар со две лица.
Во тој дух, признавам, на полувремето имав друг наслов, “Владо врати се …” Пелистер покажа таква надмоќ и буквално го размонтира Вардар, па сите, чие срце чука црвено црно, верувам беа на апарати. 22-13 и 30 минути во кои ништо добро немаше за вардарци, па повикот кон стариот тренер да се врати делуваше прилично едноставвно решение.
Да ми го уништат насловот и да ги исклучат од оптек сите можни шпекулации се погрижија двата тима. Домаќините кои пред време ја славеа високата победа и гостите кои со влезот на нивните навивачи како да воскреснаа. Пелистер се мачеше, а Вардар трпеливо ја стигаше предноста. Дали има нешто сомнително во овој развој на настаните или просто фортуната се заврте навистина не знам. Но факт беше дека двата тима беа сосема различни.
Долго време бев убеден дека овој формат на супер лигата во кој имаме и плеј оф, а големите фаворити се судираат повеќе пати е одличен. Но полека на виделина излегуваат и недостатоците. Покрај спортската, тимска и лична мотивација да се победи, некоја поголема и нема баш. Оти и да загубиш некој натпревар, под наводници непланиран, имаш цел еден плеј оф да надокнадиш. Па во тој дух последните две дербија од кој едно новокомпонирано, ни дадоа увид дека ниту Алкалоид во Јане а ниту Вардар во Боро, нешто посебно не се вознемирија по поразите. Да, поголемиот број на дуели е добар за сите, тимовите, играчите и се разбира и публиката, но има едно НО…
Кога сум кај публиката. Ова дерби, натпревар меѓу Вардар и Пелистер, помеѓу Чкембари и Комити, помеѓу Битола и Скопје, станува тема. Јас само од срце посакувам да постои и да се развива почитување, лично, спортско, се Македонско. Оти малку сме, уште и скарани ако сме, не ни се пишува добро.
Следат недели на затишје а потоа после стара нова година, сите повторно на дијазепами (кој користи расол и блага ракија не му треба) игра Македонија на светско !
Со срце за Македонија !