Фото ЖРК Металург
Почнувам со горчливиот вкус на очајната организација !!!
Повторно како и во Скопје, организаторите, дозволија насилството да ги добие своите 5 минути. Неможам да разберам како е можно на финале на куп да влезат навивачи со палки, железни шипки и пиротехнички арсенал. Па ние една пластична вувузела неможеме да внесеме, ние обичните навивачи, скен до гола кожа и прилично агресија при секој влез во сала. Не навистина неможам да се сложам со насилство од било каков вид во спортот! Во публиката, жени, деца, љубители на спортот, на ракометот. Не, навистина тие не се должни да бидат жртви на 300-400 вжештени глави.
Сега и за ракометот.
Женскиот Ф4 донесе многу неизвесност. Да, можам да забележам дека и нивото беше за нијанса повисоко од ланското, но во уши ми одекнува одговорот на директорот на АМС, Мојсоски на барањето од ЖРК Куманово за зголемување на ваучерите со цел подобрување на условите пред се и инвестирањето во младите играчи, а со крајна цел зголемување на нивото на женскиот ракомет. Одговорот беше, парафразирам, Вие подигнете го нивото па ние ќе ве подржиме???
Малку како магарето со морковот, нели?
Како и да е, 4 екипи покажаа достојна борбеност и желба за победа. Продефилираа еден куп репрезентативки и потенцијални репрезентативки, видовме и убави потези. Конечно целиот куп остана во сенка на една девојка која допрва доаѓа. Македонија одамна немала таков раскошен талент, кој на 15 години е најдоброто што во моментов македонските женски клубови го имаат на располагање. Браво за Ива Младеновска, МВП на Ф4 турнирот. Металург подобри од преродените Ѓорче Петров.
Тема за Мојсоски, зошто Ива нема посериозна сениорска конкуренција?
Машкиот дел од турнирот, во исчекување на реваншот на Вардар и Пелистер. Едниве сталожени по победата во Битола и одбранетата титула, другиве нервозни и во потрага по барем еден трофеј.
Во двете екипи недостасуваше најмалку по еден важан играч, Моралес и Табоада, двајцата кубанци. Па може да се каже дека немаше простор за поплаки.
Натпреварот со исклучок на забелешката од воведот, одличен, Јасмин преполн, јужна за Вардар, северна за Пелистер. Навивање, возбуда, неколку одлични потези.
Во два наврати одеше во едносмерна улица. Во моментот кога Вардар отиде на 8-4, а Пелистерци како да не беа дојдени во Кавадарци и во моментот кога Пелистер беше доминантен, а Вардар како безмалку да крена раце.
Но не беше така. По незнам кој пат, а првпат зборувавме за тој Битолски синдром некаде во март 2021, потсетувајќи се на времето кога Алушевски го водеше битолскиот клуб, Пелистер изгуби натпревар во самиот крај.
Она што го потцртуваме на крајот нафрлано би било вака некако, Вардар и Македонија дефинитивно ги добиваат Томовски и Талески како фактори. Периќ и Обрадовиќ се одлични играчи. Карапалевски покажува карактер и нешто повеќе, луцидност. Вардар водеше на почетокот и во последните 5 секунди. Комити и Чкембари мора да разберат дека на спортските терени нема место за насилство. Ваква сезона одамна не сме гледале. Со нетрпение ја очекувам наредната но и разврската со иднината и ростерот на двата во моментов најјаки клубови, Вардар и Пелистер.
Ах, на крајот но никако неважно, ниту Дејвис ниту Бабиќ ја немаат сеуште донесено одлуката дали остануваат.
За Дејвис делува појасно, тој освои двојна круна, го довлече Вардар и до осмина финалето на Лигата на Шампиони, ги оствари целите зацртани пред сезоната.
За Бабиќо, кој рака на срце на изненадување на медиумите синоќа се појави на прес, а за кого ракометна Битола одамна има донесено пресуда, многу нејасно. Тој успеа во еден краток период да ги изгуби трите најважни натпревари, дома од Вардар во борбата за титула, дома од Нексе во борбата за четвртфинале на Лигата на Европа и во Кавадарци од Вардар повторно, во борбата за купот.
Ракометот е прекрасен спорт, а Македонија знае да ужива во секој ракометен натпревар.