Како никогаш досега одлуката за новиот тренер, селектор, или како и да го наречеме, единствениот Киро, Кире, Кирил Лазаров, ми дава можност за едно поопсежно размислување !
Македонија со години, благодарејќи на Кометал, Пелистер, Вардар и Металург и секако прво на женската а потоа во еден подолг период и на машката репрезентација, во ракометот имаше единствена шанса да биде на иста маса со европскиот и светскиот реален свет. Оптоварени од лош политички амбиент, уште полош економски, ние луѓето тажни од позицијата која ја имаме во цивилизираниот свет, преку ракометот наоѓавме сламка за спас, надеж дека можеби и не сме толку на дното. Секој натпревар, секој шут, зицер, одбрана за нас е нешто повеќе.
И кумата моја, ја знаете онаа од северот, има раце кренато, не се објаснува веќе со никого, шпанци, норвежани, хаиќани, арапи, срби и сите останати светски патници со кои работела, сите бледо ја гледаат … па тоа е само ракомет !
Епа НЕ е, во Македонија не е !
Еве една хипотетичка, Да освоевме медал, да освоевме златен медал ….Како ли ќе изгледаше пречекот ?
Ајде сега малку за ракомет !
Македонија подолг период игра прилично променливо. Ние и во најдобрите времиња не сме биле страв и трепет, но ниту Данска ниту Германија … никој неможел да впишува сигурни два пред натпревар. За жал тоа се смени па сега стрепиме од Белорусија, Австрија Украина … екипи кои порано имале постери од нашата репрезентација на своите ѕидови ! Правевме избор на селектори од кои очекувавме чекор повеќе, па така имавме и многу звучни имиња, Вујовиќ, Червар, Гонзалес, Обвран, Ѓукиќ … нашите Савевски, Шундовски, Темелковски … но некако тоа не се случуваше. Анализите некогаш наговестуваа но никогаш не даваа прецизен одговор. Генерално се сведуваше дека имаме мал фонд на играчи, и дека понекогаш немаме доволно долга клупа или недоволно добра физичка подготвеност. Понекогаш зборувавме и за атмосферата во соблекувалната, за таборите, за влијанието на јавноста за притисокот. Но како да постои една празнина, како да премалку зборувавме за ракометот кој го играме.
Египет конечно ги извади работите од под тепихот. Македонците се влечеа по теренот, беа неорганизирани, се распаѓаа тактички и физички.. го допревме дното ?
Ракометот денес во 2021 година веќе не е ист како порано. Вујовиќ во времето бараше сантиметри и килограми, но сепак најдоброто од него го видовме кога во тимот на Зарабеци и Бомбачи имаше само 3 двометраши. Денеска ракометот е супер брза експлозивна игра во која победуваат ладните и безмилосни тимови кои не престануваат да трчаат напред назад. За пример најдобриот десен бек во Египет, данецот Гидсел, има едвај 190 см, мерен со патики, и не постигна ниту еден погодок со шут од 9 метри.
Полека доаѓам и до Кире !
Синоним за успех ! Во една емисија на Мтв , во деновите на одмор помеѓу два натпревари, на европското во Србија, новинарите ги посетуваа играчите во своите соби. На масата крај креветот на капитенот стоеше книга . Психологија на успехот .
Кире е нашиот Том Брејди .
Многумина го критикуваат, му наоѓаат замерки, виновен бил тактизирал, крива рака имал понекогаш. Но неговата кариера е импресивна, неговиот придонес е неспорен, неговото присуство во тимот од типот пред и после Исус. Играл во најголемите клубови со најголемите тренери на денешницата. Ако некој заслужил да ја води Македонија, ако некој знае што е најдобар ракомет, ако има некој што подобро ги познава работите во македонскиот ракомет тоа е Кире, Капитенот !
Во Египет започна и заврши неговата репрезентативна играчка импресивна кариера. Денес започнува новата епоха во Македонскиот ракомет,
Капитену, селекторе ти ја врачувам моја Македонија знам дека најдобро ќе се грижиш за неа, посакувам , сакам, знам дека долго, долго ќе зборуваме, ќе пишуваме, ќе критикуваме но и многу многу ќе се радуваме!
Да живее Македонија !