За Македонските ракометните авторитети !

Фото Александар Табаковски ДЕРБИ

Вториот текст во контекст на Македонскиот женски ракомет, а во едиторијалот Европско првенство, го посветувам на клучните спортски фактори во една земја.

Не така одамна пред триесетина години, непризнатиот од западната цивилизација, источниот систем, јас ќе се фокусирам на спортската секција од тој систем, функционираше беспрекорно!

Спортот беше организиран темелно и систематски а и така функционираше и се развиваше. Тимовите од истокот, даваа врни спортисти, а источните селекции беа во самиот врв каде и да се појавеа.

Се започнуваше од најмала возраст, на училишниот спорт му се придаваше огромно значење. Тој пак регрутираше и селектираше деца за различни спортови, кои понатаму дали преку СОФКите дали преку локалниот клуб се градеа во здрави спортски личности и потенцијални спортисти.

Општините имаа важна улога во масовниот спорт а локалните индустриски капацитети огромна улога во елитниот спорт. Во тоа време се знаеше кој е кој, кој е одговорен и кој заслужен. Државата имаше систем кој градеше и ревносно ги одржуваше спортските капацитети, па така немаше село, град или регион кој немаше стадион, сала, отворен терен или нешто слично. Сите функционални !

Па така најголемиот број на клубови го носеа името на градот или името на големиот индустриски капацитет. Зад сето тоа стоеше војничка организација на федерациите.

И тогаш дојде западната цивилизација и маалски кажано уништи се!

Во училиштата спортот е на маргините, СОФКите непостојат, општините трошат пари по клубови без концепт и стратегија. Неретко дел од парите завршуваат кај “заслужни граѓани”. Државата има “повисоки приоритети”, па така не и останува време да се грижи ниту за младите ниту за спортистите. Сетете се дека за лечење на деца и младинци од тешки болести се собираат пари по смс, додека за скапи и луксузни потреби на таканаречена политичка елита секогаш има пари во буџетот. За спортот на државата ќе и текне дури после некој успех и тогаш ќе и послужи само за фотографирање и делење на безвредни благодарници и пофалници.

Спортот го добил префиксот бизнис, сосема погрешно. Па така сега најголемиот број на дечиња првите спортски чекори ги прават во приватните школи, каде нивните родители ревносно плаќаат 20-25 евра месечно со надеж дека детето правилно ќе се развие, најчесто очекуваат да порасне или да ослабе, но неретко и да стекне меѓународна слава и успех. И во тој момент се случува куршлусот. Кој заслужил а кој имал добро лоби?!

Во контекстот на бизнисот од компаниите се бараат постојани спонзорства, никој или ретко кој застанал зад клуб како вистински подржувач без очекувања, а со чувство на општествена одговорност и потреба да возврати на локалната заедница за тоа што нему му е пружено. Спортот е трошок и тоа никој не се обидува да го демантира.

Денеска за состојбите во спортот виновни се сите!

Државата која нема ниту концепција ниту желба па ниту капацитет да создаде и да гради стратегија за развој на спортот. Таа е толку кратковида што воопшто и не е свесна за придобивките од врвниот но пред се од масовниот спорт.

Локалната самоуправа која опседната од краткотрајноста не ни помислува на спортот повеќе од малски кош или детско игралиште, кое потоа се остава на забот на времето. Секако постојат исклучоци каде општините спонзорираат клубови кои се во сопственост на нивни стратешки бизнис партнери, но се разбира таму нема никаква стратегија, само желба за краткорочен успех.

АМС која делува дека е само парадна институција во заштита на државата, не на спортот и спортистите.

Федерациите кои оставени сами на себе најчесто и поделени се борат за завземање на позиција. И кои само доколку најдат вистински мецена функционираат како што би требало да биде.

Клубовите кои во сиот овој хаос понекогаш и забораваат зошто постојат.

И на крајот сите ние граѓаните, родителите, пријателите кои со години дозволуваме да живееме во овој бесмислен систем.

За Франција и начинот на кој функционира спортот знаат многумина, за тие што незнаат во една од следните емисии на нашиот подкаст ќе организираме тема. За Холандија која е најбрзорастечка велесила во ракометот знаеме дека има регистрирано околу 40,000 ракометарки. За Романија која е ветена земја за голем број на ракометари и ракометарки а да не заборавиме произлезена од истата онаа лоша источна страна, веќе на многу им е јасно. Дека во Македонија има едвај 3-4 полупрофесионални клубови, дваесетина севкупно, не повеќе од десетина интернационалки, со одприлика 400-500 ракометарки, зборувам нели за женскиот ракомет, и дека најголем број од девојките не земаат воопшто, хонорар или стипендија, а оние кои земаат, земаат не повеќе од 1000,00 до 3000,00 денари месечно, незнам дали сакате да Ви раскажувам. Дека скоро и да нема клуб кој има стручен штаб, да не зборувам за физиотерапевти или нутриционисти, за теретани и топли сали, за можност за подготовки летни и зимски, ееее отидов во длабокото….

Драги мои, љубовта кон татковината, кон спортот, кон нашите синови и ќерки, со 3-4 постови на фејсбук од кои 90% се навредливи, не се искажува !

Инаку синоќа во вториот натпревар, Македoнија се судри со Холандија. Најголем број голови примивме од контра по наши грешки. Но факт е дека во неколку наврати врзувавме по 4-5 минути добар ракомет и во одбрана и во напад. Факт е дека сите беа помалку разочарани, селекторот, играчите, поискусните и најмногу. Но факт е дека публиката и вчера пееше и ги храбреше девојките, факт е дека атмосферата е убава. Факт е дека и покрај се искажано во диспозитивот и по него, верувале или не не сме најлошата одбрана на ова европско, е ама да сме најлошиот напад но ако земем впредвид дека девојкава од насловнава има само 15, а и другите не се многу над 20, верувам дека доколку барем малку од искажаното се промени, Македонија може да има убава иднина !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...