Фото позајмено од социјана мрежа.
Оддалечен 995 километри од арената во Вараждин, се обидувам да си ги соберам мислите, емоциите, со цел заклучоците да не ми бидат базирани на паушалност.
Ме окупираат неколку факти.
Хрватска наш деклариран пријател, при изборот на градови домаќини, не елиминираше, иако беа свесни колкав импакт ќе имаме како навивачи туристи, на локалната економија и на духот на првенството воопшто. Прво прашање, дали тоа е нивна одлука?
Изборот на пријателски натпревари на Македонската репрезентација, укажуваше на две вистини, или Лазаров се плаши од тешки натпревари или сака да сокрие нешто. Оти натпреварите со Нови Београд, Панчево или Сесвете или кој и да беше веќе, дефинитивно нема да го привлече вниманието ниту на Чема, ниту на Олсон ниту на било кој друг!
По бруталната егзекуција од судиската организација, на долгогодишниот и еден од најуспешните претседатели на истата, Драган Начевски, а по филмската местенка од страна на една Данска телевизија, ми лебдеше прашањето, дали ќе се задоволат само со тоа или не? Веднаш како фон на прашањето, ја слушам тивко па се погласно како ечи … ЕХФ МАФИЈА, ЕХФ МАФИЈА…
Македонија можеби за прв пат, не сум сосема сигурен, на пат кон интернационалната слава се упатува со семакедонски трупи. Факт значаен или не, мене многу прашања ми отвори. Во предвечерието на првенството многумина мои пријатели и познаници, побараа од мене мислење, се обидов да ја смирам можната еуфорија: нашите се млади, исклучително, со неколку исклучоци и сите играат дома, Пелистер, Вардар и Алкалоид, а тие, тие доаѓаат со играчи од светски гиганти…
Јас како притисок го прочитав и кодексот за однесување на натпревар, а уште масло на огнот додадоа некои Македонски медиуми кои тоа веднаш го преведоа-Забрана за внесување на знамиња со сонцето од Кутлеш. Дали и оваа кампања беше оркестрирана?
Во неколкуте изминати години, внимателно следење на Македонската ракометна сцена, и трпеливото чекање на промената на генерација, за жал во моментов немаме минато за промена на генерации иако работите почнуваат да се менуваат, ја поставив тезата, 3-3-5, три Македонски екипи, три европски купови, 5 години искуство и калење, искачување на подиум. Или поедноставно првите врвни резултати треба да дојдат 2026 година. Она што го видовме досега ми измамува насмевка. На добар пат сме!
Следно прашање, зошто во два клучни меча на Македонија и судат Скандинавски двојки, нели можеше да имаме судии од Африка или Јужна Америка, од Азија или Америка, па нели сме на светско, или можеби и тука има инженеринг?
Мојот поклон за Македонската Радио и Телевизија. Со каква страст идеја и посветеност го подготвија ова првенство, просто мораме да одиграме уште десетина натпревари.
Го додавам и моментот на бегството на скандинавската асоцијација, Холандски ракометари, Шведски тренери и Дански судии по крајот на натпреварот, апсолутно неиспочитуваји го протоколот, домаќините, ривалите и на крајот и самата ИХФ, под изговор дека биле прскани со света вода наместо пиво и вино како што тие очекувале! Последниов пасус, карикиран врз база на неколку изјави на Холандски ракометри.
Животот одамна е мистерија за нас луѓето, едни бараме објаснување со поглед во небото, другите копаме длабоко во слоевите на земјината кора. Ниту овие ниту оние неуспеваат докрај да ги потврдар своите тези. Поделени сме на два света, длабоко.
Така е и во секоја сфера на човековото живеење. Едни ќе речат судиите не испокрадоа, други со 15 изгубени топки тешко ќе поминеме и со Гвинеја, но неколку факти се неспорни:
Со речникот на македонските ракометни аналитичари и експерти: Македонија има и опаш и глава!
Со ваква пожртвуваност, борба и инает спортски, ние сме победници во секој меч, без разлика на резултатот.
Кралот, аплицира за доктор!
Добиваме нови херои, Никуч, Фитиљ, Џуле и Жаре, Марко и Марко, Серафим и Мечка, Близнаците, Батакот, Томи и Џона, Велковски, Симба и Кизо, Галец и Тино.
Нас Македонците животот никогаш не не галел и мазел. Така е и денес. Со векови назад сите имале претензии кон нас и кон нашето мало парче света земја. Елени и Римјани, Турци, Германци и Англичани, Амери и уште кој се не, ни потпишуваа и сеуште ни потпишуваат договори за нас без нас. Варшавски, Дејтонски, Преспански, Охридски, Француски, Бугарски, Рамковни и незнам веќе какви се не.
Но Петре ќе рече, Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и Коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.
Е Пиреј сме ние, а Вие, Вие, дали знаете воопшто кои сте?
Кон фантастичните два натпревари на Македонската ракометна репрезентација на 29 то Светско ракометно првенство. Македонија изигра нерешено со Унгарија и загуби под необјаснети околности од Холандија. Не очекуваат уште најмалку 4 натпревари во борба за пласман. Во едно лудо сценарио и разигрување за медали, сеуште е можно!