Стартува најквалитетната ракометна лига во регионот. Червар, Лазаров, Ројевиќ или Чупиќ? Големи имиња, скапи ростери и сезона во која никој нема право на грешка.
Нешто помалку од 48 часа до првиот натпревар сезонава. Официјален. На кој ќе се додели првиот трофеј за сезоната 26/27. Дуел на кој ќе се сретнат најголемите фаворити за поделба на трофеите. Знам, на пола Битола сега им се превртува стомакот. И нормално. И мене би ме болело. Но, сето тоа е на хартија. Во пракса, епилогот во јуни никогаш претходно не бил понепредвидлив. Охрид како финалист во Купот од лани, и освојувачот на двојната круна, Вардар 1961, во Гевгелија ќе го играат Суперкупот. Натпревар создаден за популаризација на ракометот, промоција на истиот, натпревар – атракција. Ама и натпревар, кој веќе втора година по ред се организира „in the middle of nowhere“, за ракометни услови.
Ама за тоа, во некоја друга прилика.
Македонија, од година во година е се поактуелна во ракометниот свет. Особено за ракометните „крвопијци“, кои секоја година ги гледаме во ложите во Охрид, Скопје или Битола. Луѓе кои знаат кој е играчот од странство, како создаден за нашите врвни екипи. Но, и луѓе од крв и месо, кои како и многу други кои напорно работат, знаат и да погрешат. Нормално, на сметка (банковна) на нашите клубови, кои трошат добар дел буџетски пари. Вака или онака.
Македонија е вистинско ракометно ел дорадо. Барем според опаковката, во која е завиткан мак ракометот така изгледа. Внатре, во „кутијата“ ќе најдете се и сешто. Од најдобрите македонски ракометари, супер квалитетни странци, до ловци на уцени со македонски пасош и на крај, половична роба од надвор, која планира тука да го направи последниот крик и да собере уште некој динар.

СТАРТУВА 6-тата СЕЗОНА НА ПРОЕКТОТ РАКОМЕТ ЗА СЕКОЕ ДЕТЕ
Епа, другари и другарки, со дијагноза на ракометна треска, стартува најинтересното првенство во регионот, македонската ракометна суперлига.
Лига составена од екипи на неколку нивоа. Да, знам дека сите знаете. Водечката четворка е позната надалеку. Покрај двете екипи кои во среда ќе се борат за првиот трофеј, тука се и Пелистер и Алкалоид. За широката јавност, нај интересни. Екипи кои ќе дрмаат во Европа, ќе играат во ЛШ и Лига Европа, можеби и ќе играат меѓусебно финале во оној третиот, по квалитет, европски куп. После back to back, за мак ракометот, тоа чудо е следно.
За нас кои малку повеќе следиме ракомет, вториот ешалон е подеднакво интересен. Прилеп, Тиквеш, а особено „двојката“, Бутел и Мулти Есенс, ќе бидат во нашиот фокус. Многу млади играчи од 16 до 20 и кусур години ќе добијат шанса, да играат за плејоф, но и да се судрат со супер скапи и силни екипи. Николоски и Костов од Бутел, Дамчевски, Георгиевски, Џигероски, Матески од Мулти Есенс, Лазов од Тиквеш, Крстевски и Шулески од Пелистер 2 и малку повозрасните Цветаноски и Маркоски од Прилеп.
Никола Матлиески, Кристијан Грчевски, Бранко Ангеловски, Наум Танески и војводата Столе Стоилов. Каква група тренери, на екипи од т.н втор ешалон. Со тешка задача, да имаат успех, ама и да создаваат нови ракометни ѕвезди, за оние од првиот ешалон.
А Струга? Која направи екипа за плејоф, со Танкоски и Петров и новата аквизиција, кадетот Стефан Ѓоргиески. Каде ќе ја вметнеме ракометна Струга, која како феникс, за месец дена, од клуб во кој немаше „кој да го згасне светлото“, дојде во ситуација да ги полни ракометните таблоиди со трансфери. Катадневно. На арно нека е. И нека продолжи да ги враќа своите деца.
А сега малку за оние (нај)големите.
Накратко. Затоа што ќе имаме многу натпревари, за подетално да се занимаваме со истите.
Периодов, најмалку го гледав Пелистер. Скриен во Словенија, стариот лисец свесно крие асови во ракав пред првиот мега дуел против Охриѓани. Триумф во Битола против силниот Охрид ќе биде супер отворање. Очекувано, краток ростер на играчи му учествува на „маго“ во натпревари кои мора да се добијат. Кој не знае, Лино е тактички (пре)многу „захтевен“, за да може секој да игра кај него. Од овие што дојдоа, уште 2-3 ќе испратат до декември. И ќе донесат нешто по мерка на Лино. Лева рака сечам за тоа. Очекувам уште во сабота изненадување, на двете страни на теренот. Особено во одбраната. Дали ќе биде доволно, тешко е да се каже, но Партизан е добра насока. Мене лично ме интересираат Самуил, Калајџиески, браќата и Белистојаноски. Ако се наметнат кај Лино, ќе можат да играат кај кого сакаат во иднина. За Фитиљ и Никуч не му се секирам. Битола мора да биде трпелива, иако управата несмасно се расфрла со супер високи амбиции. Да се прашува Лино, и Бутел и Тиквеш би ги ставил во улога на фаворити, во споредба со неговиот Пелистер. За да може да ја мотивира екипата и да ја подготви „да гине“. Не се без шанси, но би им дал 12 месеци да се преструктуираат. До година, здрави и живи, ќе бидат многу непријатни. Дотогаш, треба да го истрпат шефот и да го подрасчистат дворот.
Алкалоид го гледав двапати. Во два различни натпревари. Тешка сезона за тимот на Кралот, кој, можеби очекувано, смени правец и донесе некој странец повеќе во тимот. Непосакуван исход, за мене, но егото е големо и некогаш знае и „главата да ти ја скрши“. Според мене, добар дел странци се потрошени како ќорци. Сухолезник со бајаги килограми плус не може(ше) да го следи ритамот, го чекаме Борозан да го следи. Вуко Борозан потпиша за Алкалоид. За таа развојна екипа!! Да беше први април и некако. Ама, како вика кај Жика на Балкан Кралот, некои созреваат на 30, некои на 40. Живи да сме па да видиме. Голман не се донесе, а се бараше под дрво и под камен. Но и вака Алкалоид е скапа играчка, и оправдание за потенцијалниот неуспех (што и да значи тоа), ќе нема. Загрижува атмосферата во клубот, барем од надвор. Загрижува втората операција на Тино Карасманакис и развојот на помалиот Митев. Па и комплетното враќање, како лидер на тимот на Брус Ли. Радува Симба со својот континуиран напредок и Стојковиќ со веќе етаблирана улога во тимот. Макар и во ситуација кога нема кој друг да влезе на црта. Господ да му е напомош на тој што треба да наметне дисциплина во игра кога во напад ги имате Вуко, Борзаш, Цехте и компанија.
Охрид го гледав во Струга, и малку на „Крсте Андоновски“. Многу широк ростер. Да ме прашавте пред месец дена, ќе бев загрижен од фактот, како Борис ќе ги надополни Јашихира и Реј, заедно со Пипо мајсторе. Сега е малку подруго. Јапонецот од Нант е човек и пол, може и два. Иваноски и Карапалески, како два различни профили, заедно со Стрмљан се сериозен капитал. Талески, за инат од сите е корисен како којзнае кога претходно. Во два правци. Само да не се „расипе“. Мате е непознаница, чуден лик со голем потенцијал. Анте, Томи, Савревски и Славиќ, како клуч на сезоната. Екипа која ќе има и глава и опаш. Сигурно. Скапа екипа со многу играчи, што знае да биде тешко за менаџирање. Би го издвоил нашиот Саврески, кој беше на излезна врата, а секој ден е се покорисен. Знам, не е играч кој прави разлика, ама игра два правци и како ќе созрева ќе биде се подобар. Ќосески ја користи шансата, а Мартин Иваноски веќе знае каде „удара“. Екипа која може со големиот Вардар.
А тој, големиот Вардар, како секој нормален клуб, во февруари го затвори ростерот. Чупиќ, слично како Лино, повеќе криеше, отколку што покажуваше. И во Струга и во Охрид. Фадуиљ е репрезентативен калибар, ама и проблематичен, викаат овие што го знаат од Франција. Прегледност, дуел игра, кохонес, има се да биде поддршка на „принцот од Јане“, Јака Малус, најдобриот играч во лигата. Леон Љевар е ЛШ потенцијал, но не веднаш. За година-две. Малиот од Кил изгледа добро физички, но нема да донесе повеќе памет на таа десна позиција. Гогов уште во август покажа дека не смее да биде третиран како трет голман. Дека тимот нема потреба од два странци на голманска позиција. Гогов, е веќе на списокот за СП во Германија, ако вака продолжи. Се друго е не етично. И на крај. Двајцата кадети, во името на Поповски и Ѓорчевски. Добија шанса, и ја искористија. Немаме илузија дека ќе играат „големи“ натпревари, но во домашното првенство и регионалната лига ќе ги гледаме. Хендикеп е што ќе помине уште многу вода низ Вардар, за двајцата да носат екипа. А без тоа нема голем играч.
Арена Спорт Македонија ќе пренесува ЛШ, Лига Европа, можеби и Европска лига. НО и по еден натпревар од домашното првенство. Така се збори низ град. Ако е висина, ќе има ракомет на македонски, на претек.
За квалитет и неизвесност веќе е доста кажано.
Аирлија нова сезона.
Се читаме 😊

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете
