Добредојдовте на најавната анализа за натпреварувачка сезона 2025/26. Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија, од кои денес ќе оди првото продолжение.
„Сезоната на македонскиот клупски ракомет стартува околу празникот на независноста. Вардар доаѓа со нов состав и многу прашалници околу тренерската позиција, додека Пелистер ја задржа базата која освои титула и е благ фаворит за повторен успех. Охрид ја зголеми конкуренцијата со сериозни засилувања, правејќи го домашното првенство поинтересно од кога било. Алкалоид созреан за прв трофеј во првенството?“
Македонскиот клупски ракомет (а и оној европскиот) се враќа на менито.
Некако непланирано, но веќе традиционално, сезоната на „куцање по тастатура“ и солење памет започнува токму околу еден од најголемите празници од поновата историја – долго посакуваната независност. Ден кој од една страна е симбол на можноста сами да ја кроиме сопствената судбина и иднина, а од друга – цврст доказ дека знаеме и умешно да возиме „рикверц“ кон комплетна девастација на општеството. Ќе биде подобро, мора да биде.
Честит празник Македонијо!
За разлика од многу други сегменти од нашето битисување, за чудо, долги години наназад македонскиот ракомет, оној кој е под светлата на камерите и јавноста, чекори напред. Барем кога станува збор за финансирање, купување играчи и формирање екипи (за клубови, сепак, треба нешто повеќе). Целта е секогаш иста: поднесување кандидатура за висок пласман, или барем место во плејофот.
Кој за што е скроен!
Што може да очекува еден ракометен фан во Македонија по онаа трилер-завршница во „Јане“ овој јуни?
На прашање на еден добронамерен ракометен фан, со таблици од одамна уништениот ракометен центар Велес, кој случајно го сретнав на бензинска кај „Русите“ во Прилеп, „Кој ќе биде шампион, Вардар или Пелистер?“, мојот одговор беше едноставен: „Ниту едните, ниту другите.“
Спортот, таков исконски, чист, како што барем ние сакаме да биде, не може да даде повеќе од тоа што се случуваше минатата сезона, „вечните“ да добијат/загубат титула со триумф на гостински терен, иако пред стартот очекувавме околу конечниот исход на табелата повеќе да се прашуваат „сините“ од Охрид и Автокоманда. Дали конечно дојде време оваа година завршницата на „најквалитетната лига на Балканот и пошироко“ да добие нов расплет, во однос на тоа кој се ќе реашава за титулата, па и повеќе од тоа, дали е дојдено време за нов титулар, надвор од „вечните“?
Како се однесуваа „вечните“ ова лето, носејќи тренери на веќе скроен ростер, можам да се обложам дека ќе биде така.
Да почнеме наопаку!

СУПЕР АМБИЦИОЗНИОТ ОХРИД, КАКО ФАКТОР ЗА ОДЛУКА НА НОВИОТ ТИТУЛАР
Градот со најубавото езеро, Градскиот ракометен клуб Охрид, на чело со „таткото на градот“, дефинитивно (од она што го видовме прво во Струга, а особено на турнирот во Охрид) изгледа подобро, поквалитетно, поорганизирано… како сакате наречете го. Донесоа тренер со биографија, човек кој знае да создаде екипа и да ја издигне на ниво. Секако, како странец и тој ќе биде под специјална лупа на овие редови – но тоа е тема за друга прилика.
Ројевиќ со години го градел повеќекратниот шампион на соседна Србија, и сега треба да „преслика“ некои работи и кај нас. Ситуацијата не е ни малку иста. Имено, тука, во Македонија, други го „водат орото“ и одамна не им даваа(т) „шамивче“ на останатите.
Охрид, сепак, направи сериозни засилувања. Двајца легионери од Бундес лигата се реални засилувања на екипата. Стрмљан, иако делува малку нежно и детинесто, има одлично читање на играта, брзи нозе и силна дуел-игра, додека Иванковиќ, како трактор, игра во два правци и е најкорисен играч на тимот. Шпанецот на „тројка“ е школуван, пивотот од јужниот сосед е технички поткован и корисен на повеќе позиции во одбрана. Блажевски ја зголемува конкуренцијата меѓу голманите, додека Вејин, со хронични повреди, тешко дека ќе го оправда епитетот „засилување“.
Изненадување може да биде нашиот Савревски, доколку е паметен. Може и треба да игра добра зона на „двојка“, користи се што ќе создадат „бундеслигашите“ во нападот, по рецептот на финалето на турнирот во Охрид. Надвор од тие рамки, да создава тој ситуација и да „вработува“ пивот, може само да биде контрапродуктивен. Конечно, Охрид ќе има цврста одбрана, тоа е сигурно. Голманите ќе мора да дадат свој придонес во клучни моменти ако сака тимот исчекор. Недостаток? Очигледната зависност од Анте Иванковиќ, во два правци. Против „големите“ тоа може да испадне клучен проблем. Чаре? Агресивна зона, со Шпанецот како „заден“ и без Анте во неа.
До каде се – ќе видиме веќе во среда, во Автокоманда.

ТИТУЛАТА ЛЕГИТИМНА ЦЕЛ, АЛКАЛОИД Е ПОБЛИСКУ ОД КОГА БИЛО
Шампионот од минатата сезона во Европскиот Куп на ЕХФ, сега и официјално крунисан, но и парадоксално, исфрлен од европските купови за оваа сезона. Клубот од Автокоманда ризикуваше (и тоа, според мене, сосема оправдано), но по крајно неповолната ждрепка не успеа да стигне до групната фаза на Европската лига. Штета, пред сè за петнаесетината македонски ракометари кои останаа без дополнителното искуство на европска сцена.
Но, она што го видовме во Автокоманда, а и што го слушнавме од Германија, вели дека Алкалоид „знае каде тера“. Екипата игра на супер високо ниво и, плаќајќи го данокот на неискуство, на двата меча не успеа сериозно да го намачи големиот Хановер. Викаме да го намачи, за елиминација ќе треба уште некоја година.
Тимот со најголем буџет во домашното првенство, својствено на политиката на делување, пазареше минимално, барем што се однесува на играчи кои ќе бидат фактор во тимот, веднаш оваа година. Борзаш го најавивме како големо засилување, и иако покажа недостатоци, верувам дека ќе го подигне нивото на дисциплина во игра и ќе биде фактор кој ќе треба да „разбие“ од надвор. Неговото партиципирање во двата правци, особено во одбраната ќе биде интересно да се види, со цел тимот да не менува напад-одбрана и да создава предност, во тој сегмент, во однос на ривалите. Неговата „физика“ може да го следи тоа, но Србинот, ретко кога е заинтересиран да игра во одбраната, едноставно погодоците се негов „лајф мотив“.
„Рибарот“ од Исланд, во стилот на некогашната машина за голови, а сега тренер на големиот Гумерзбах, ќе го користи системот на транзиција за да полни мрежи, но прашање е колку ќе биде корисен за тимот ако го немаме на 5-1 како „индијанец“. „Аир Струга“ и Аларов ќе бидат сигурно додадена вредност на тимот и што е поважно, нема да бидат во „Боро“ и „Јане“. Ќе биде многу интересно да се следи ситуацијата со, некогаш, најголемиот талент на македонскиот ракомет, стружанецот Емилијан Ѓорговски. Потроши 4 години во Битола, без да направи ништо за себе, а и за клубот. Кој е крив, ќе ни одговори оваа сезона. Или можеби до декември ќе знаеме на што сме со Емка.
Алкалоид ќе „трча“ со ривалите, ќе игра на погодок повеќе со секој од нив и според мене, оваа година сериозно се доближи до титулата. Ама сериозно „дишење во врат“ на „вечните“.
Во утрешната колумна ќе читате: Мечка „под нож“, Војводата во аут. Кој ќе го држи Вардар исправен?

Автор: Goran Gjorgonoski
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете