АНАЛИЗА 25-26 (втор дел): Притисок во Скопје, стабилност во Битола – две филозофии и една титула

Добредојдовте на најавната анализа за натпреварувачка сезона 2025/26. Поради обемноста на материјалот, оваа колумна решив да ја напишам во две последователни продолженија. Првото „се емитуваше“ вчера, а ова е второто продолжение

„Сезоната на македонскиот клупски ракомет стартува околу празникот на независноста. Вардар доаѓа со нов состав и многу прашалници околу тренерската позиција, додека Пелистер ја задржа базата која освои титула и е благ фаворит за повторен успех. Охрид ја зголеми конкуренцијата со сериозни засилувања, правејќи го домашното првенство поинтересно од кога било. Алкалоид созреан за прв трофеј во првенството?“

Македонскиот клупски ракомет (а и оној европскиот) се враќа на менито.
Некако непланирано, но веќе традиционално, сезоната на „куцање по тастатура“ и солење памет започнува токму околу еден од најголемите празници од поновата историја – долго посакуваната независност. Ден кој од една страна е симбол на можноста сами да ја кроиме сопствената судбина и иднина, а од друга – цврст доказ дека знаеме и умешно да возиме „рикверц“ кон комплетна девастација на општеството. Ќе биде подобро, мора да биде.

Што може да очекува еден ракометен фан во Македонија по онаа трилер-завршница во „Јане“ овој јуни?

Спортот, таков исконски, чист, како што барем ние сакаме да биде,  не може да даде повеќе од тоа што се случуваше минатата сезона, „вечните“ да добијат/загубат титула со триумф на гостински терен, иако очекувавме околу конечниот исход на табелата повеќе да се прашуваат „сините“ од Охрид и Автокоманда. Дали конечно дојде време оваа година завршницата на „најквалитетната лига на Балканот и пошироко“ да добие нов расплет, во однос на тоа кој се ќе реашава за титулата,  па и повеќе од тоа, дали е дојдено време за нов титулар, надвор од „вечните“?

📸 РК Вардар 1961

МЕЧКА „ПОД НОЖ“, ВОЈВОДАТА ВО АУТ, КОЈ ЌЕ ГО ДРЖИ ВАРДАР ИСПРАВЕН?

Најинтересно ова лето беше кај „двократниот“. По секоја основа. Екипа со многу нови играчи, и уште повеќе прашалници. Во однос на составот, во однос на „шефот“ на клупата во име на легендата на клубот, но и во однос на односот кој најголемиот спортски бренд го има спрема луѓето кои направиле нешто за клубот. Веќе познато и раскажано. Војводата не заслужи ваков третман, и тоа не е проблем само на Вардар, само на спортот, тоа е проблем на државата. Затоа и таа, а и клубовите во истата ни изгледаат како „тиква без корен“.

Притисокот над Чупко е тука, создаден е од луѓето кои спортски го водат клубот и кои го поставија како тренер на веќе составена екипа; од јавноста, но и од самиот Чупко, кој го донесе брат му во Скопје, божем одиме на „мали голчиња“ да играме, па јас бате ќе го земам од моја екипа. Времето ќе покаже. Чупко беше голем играч, со нескршлив карактер и улична школа. Роден победник со карактер, со еден куп титули и медали со „тежина“, едноставно човек за кој може книга да се напише. Но, тој истиот доаѓа да „вози ферари“, а за возачка ќе полага во јуни. Барем ние тука така си мислиме, ќе видиме колку научил од „чичко Талант“ и „Маго ди Умаго“.

Доста оговарање. Да видиме што испазари Вардар летово. Седум-осум странци и двајца македонци дојдоа, плус тројца странци во стручен штаб. Многу или премногу за еден клуб да изгледа сериозно, а да смени 60% од екипата. И тоа на фундаментални позиции, создавајќи екипа, а нема тренер на клупата. Состав на многу прашалници, но и солиден капацитет. Митровиќ е силен, но тешко ќе влезе во било каков систем каде се бара одговорност во играта. Марчинијак сеуште не знае дали е во Скопје или Пулави, а Јака Малус допрва ќе го оправдува статусот. Борозан не знаеме каде е, и дали сеуште е во ракометот. Се надевам дека Талески и Чера Атанасовски, па и Танкоски ќе „трошат“ минути. Се гледа дека, некогаш најголемиот талент на мак ракометот „не го играле многу“ на Иберискиот, Марио неодамна доби „шут карта“ како прекуброен, па сега е сламка на спасот на „шефот“, а Чера не бил во ваква средина, каде притисокот е огромен. Но, ќе бидат корисни, убеден сум.

Сепак, главен проблем на Вардар, во моментов е повредата на Милан „Мечка“ Лазаревски и санацијата на истата, која хируршки се реши, со доцнење од неколку месеци. Недолично за двократен европски шампион. Требаше Чупко да дојде за да го сфатат и адекватно на тоа, да го решаваат проблемот сериозно. Нејсе. Мечка ќе фали во два правци, ќе фали неговата енергија, лидерство. Вардар сега личи на Пелистер од пред две години. Секој си брка својата работа, а колективот „кој го шиша“.  Го нема Војводата на клупа, а на одреден период ќе го нема и Мечка на терен. Коренот е сериозно разнишан.

Тактички гледано, Вардар (со враќањето на Мечка), ќе има конкурентност на централните позиции, со опции за играње 5-1 зона, со висок и низок играч на преден, без потреба од измена напад-одбрана. Проблем, слично како и во Охрид, може да биде зависта од еден играч, во името на Хорига, во ситуација кога Борозан е аут, а Тале засега не е корисен како напаѓач. Во таа ситуација, напад со двајца „разигрувачи“ и минимум една измена е реална ситуација. Сепак, очекувам Вардар структурно „скоцкан“ да го видиме од 1 декември натаму. 

📸 РК Пелистер Еурофарм

РУБЕН (ЌЕ) УЧИ ВО ОД – БИТОЛА (ЌЕ) СЕ „КРСТИ“ ВО „КОСТУРОТ“ КОЈ ОСВОИ ТИТУЛА

Слично на својот најголем ривал, и шампионот на Македонија, прво бираше играчи, па на истите им додаде „стручњак“. Повторно, слично како Вардар, и Пелистер се реши за тренер со минорно искуство (и самиот тоа го изјави при доаѓањето во Македонија), поранешен играч од солиден калибар, и човек кој доаѓа од систем и држава која во однос на тоа како ги продаваат тренерите и нивната врзаност како свински црева, потсетува на оној во српската кошарка. Првите импресии, на играчите во клубот, во однос на Гарабаја, се позитивни, а расплетот кон крајот на мај ќе му ја одреди судбината. Дотогаш, Рубен ќе се учи како да води екипа, „ќе расте заедно со неа“, ќе создава CV од ЛШ, и ако излезе нешто како Лајпциг, дим да го нема. А ние тука, прстот во уста и пак ќе чекаме „мршојадците“ од менаџери да ни продадат нешто бајато или недораснато. Кога не веруваме во нашите тренери, и не им даваме да возат „бесни коли“, па ако се ербап да ги имаме тука на долги стази. Ајде здравје!

Како и да е, во отсуство на тренер, управата на Пелистер, се чини дека испазари подобро од конкурентот. Барем на „прва топка“ така изгледа. Но, уште поважно, го задржа костурот кој освои титула и знае што треба за да го повтори „филмот“. Фитиљ, Св. Никола, Жаре, Деки, Хосни и Тајник се основа на оваа екипа, со Богдан и Илија како сериозна поддршка. Можеме да кажеме дека Битола е благ фаворит за титула токму заради оваа база од играчи, домицилни или асимилирани, нешто што пред Фитиљ и Св.Никола Битола го немаше. Од она што го пазареше ова лето, Иранецот, иако на еден натпревар, со односот и статистиката покажа дека ќе биде засилување, а од неговата повреда, се „роди“ и уште една сериозна опција на голот, младиот Давид Брестовац, кој, сега, и официјално е во сериозна конкуренција за место во тимот. Левораките Видомски и Хекбарт нема да носат игра и креираат разлика, но ќе бидат солидна замена во преку потребната ротација, во ритамот среда-сабота. Валид и Хенингман се напаѓачки сериозно ограничени, но и не се големи потрошувачи на топки. Ќе бидат дел од сериозен бедем пред голот на Пелистер, заедно со Абутовиќ и Павле Атанасиевиќ. Напаѓачки, и оваа година, тимот во голема мера ќе зависи од двоецот Фитиљ – Тајник, соработката со Жаре и моменталната инспирација на Хосни и Павле. Очекувам „браќата“, пред се заради нивната комплетност во играта, во два правци, да имаат убава минутажа, особено, во констелација кога Жаре не игра зона,  Деки, па и Тајник  мораат на „краен“, а Хенингман е релативно неупотреблив во напад. Или „браќата“ на позиции 4 или 5 (зависи за кој е работи) или опцијата со две измени. Две измени во модерен ракомет, со ривал како Алкалоид или тимови код ЛШ не баш опција која ветува успех.

Да резимираме.

Пелистер е повторно фаворит за титула, оваа година, многу, многу потешко од минатите години (иако не знам што е понеизвесно од лани), но во однос на освојување бодови во Охрид и Автокоманда. Има костур кој освојувал, уиграност и најдобри голмани во лига. Евентуална повреда на круцијален играч и притисокот на Чкембарите, може да биде каменот на сопнување. Алкалоид е фаворит број два, многу блиску до Битолчани, пред се ради стабилниот ростер, сериозна уиграност, заради клупата, но и заради филозофијата на игра, која е единствена во лигата. Вардар, мислам ќе му треба време да проработи и да освои бодови со конкурент во лигата, а бодовите се пренесуваат од есенски во пролетен, како промена на новата власт во ракометот. Тоа бара будност и константност, од прво коло. Вардар, доколку не се консолидира, може да заврши трет, па и четврти, иако тоа е тешко веројатно. Охрид, ќе се обиде за почеток дома да земе бодови против големата тројка, а во некои нокаут натпреварувања, како завршницата на Купот, во еден натпревар да освои трофеј. За титула во првенството или место на водечките две, ќе треба низ Охридско езеро да помине уште многу вода.

БОРБАТА ЗА ПЛЕЈОФ ВО ВТОР ПЛАН, РЕГРУТИРАЊЕ ПРВ ЕШАЛОН МАКЕДОНСКИ ИГРАЧИ – ПРИОРИТЕТ

Борбата за плејоф е исто така супер интересна. Дури пет екипи: Пелистер 2, Прилеп, Бутел, Пролет и Тиквеш. Тоа се екипи каде доминантно шанса добиваат младите македонски играчи, кои се на едно скалило до „кремот“. Пролет храбро уфрли 2008-ма во сениорски состав, Бутел, сега во нова улога привлече талентирани деца и ќе им даде шанса да се развијат, Двојката со својата филозофија, но и со еден дел потрошени таленти, ќе има што да каже, Прилеп е повторно стабилен финансиски и тоа е доволно да биде проблем за секој од оваа група, а Тиквеш, кој најмногу менуваше, со Грчевски ќе биде екипа која комбинација на млади македонски ракометари и искусна поддршка од странство. Во секој случај, за мене лично, оваа група е исто толку важна како онаа погоре, во различна насока, не заради тоа кој ќе игра плејоф (за кој само на нас неколку стотини ни е важно), туку да видиме кој од овие ќе „лансира“ повеќе играчи на повисоко ниво.

п.с Ракометно екс-ју и балканско класико на стартот од ЛШ. Во Битола доаѓа „големиот“ Загреб. За мене лично, поатрактивен натпревар отколку ПСЖ или Берлин. Еден од конкурентите за последното место во групата, кое обезбедува 1/8 финале. Бодовите се важни.

Среќно Пелистер!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...