„Двократниот“ најавува подем, Автокоманда бара излез, Битола во поход до нов европски подвиг

Во таква ситуација, повторно, домашниот тренер, требаше да најде начин да го принуди противникот да игра побрзо, особено кога истиот тој е во напад, а не да остави Фитиљ, Тајник, Пеше, па и Хосни, на искуство, да „се влечат“ и да доаѓаат до посакувана позиција за погодок. Со агресивна зона, за која можеби нема доволно играчи со добра спецификација, но има многу широк ростер, да наметне висок ритам. На тој начин, и „големите“ Галец и Кизиќ ќе имаа повеќе работа од позиции кои нив им лежат. Вака, Гарабаја го одмори Фитиљ, а со тоа и Деки (како зависен од играта на овој првиот на позиција пет), во поголем дел од вториот дел, оставајќи ги колку што е можно по одморени за она што следува утре, во Битола, кога доаѓа данскиот гигант, најдобрата фабрика за играчи во светот на ракометот, ГОГ Гудме.

Зад нас е викенд, или подобро кажано супер викенд од македонската ракометна суперлига. Четирите кандидати за (нај)висок пласман меѓу себе ги вкрстија копјата и, според резултатите уште еднаш го потврдија општото мнение дека оваа сезона ќе биде и сериозно квалитетна, но и максимално израмнета. Викенд, од кој Вардар излезе како победник, по многу основи.

📸 RK Vardar 1961

ОХРИД ИМА ЗА ШТО ДА ЖАЛИ, ВАРДАР СЕ „ПРОВЛЕЧЕ“ ДО НОВ ТРИУМФ ВО СУПЕРЛИГАТА

Да почнеме од натпреварот во саботата во „Борис“.

Поради зафатеност на својот дом во Аеродром, „двократниот“ првото дерби оваа сезона го играше, условно кажано, на терен, во сала што е не „нивна“ (иако и „Јане“ не е сала под контрола на Вардар) и тоа се почувствува на самиот натпревар. Под просечна посетеност и атмосфера која не му дава предност на скопскиот тим, во однос на конкурентите. Прашањето е, дали Вардар полека губи идентитетот или Охрид, сеуште, не е предизвик за поддржувачите на Вардар?

Што се однесува до самиот натпревар, очекувано, видовме две класични 6-0 зони, без изненадувања на двете страни во однос на формациите, но со одредени варијабли во однос на играчите кои (требаше) да го понесат товарот на натпреварот, на двете страни. Вардар, од неодамна со проширен список на повредени играчи, во кои влегува и левото крило Кеита, како прва опција во нападот, но и позицијата пет во зоната на тимот. Сериозен проблем, имајќи предвид (не)довербата на „шефот“ во резервата на таа позиција во името на Марио Стојановски. Како што се шпекулира, на пат за Скопје (иако е веќе тука) е нова аквизиција од Франција, играч кој треба убаво да си помине во Скопје, следните неколку месеци, до крајот на сезоната.

Од она што можеме да издвоиме е дека Вардар, со супер висока зона 6-0, каде ротираат Хорига, Јанковски, Талески и Митровиќ има голем потенцијал, и ќе биде предизвик за секој противник. Во моментов, на голманска позиција имаат проблем со повредени играчи, односно двајцата странци не се во строј, ситуација, која за мое лично задоволство, одлично ја искористи нашиот Гогов, кој како и лани, така и оваа година, покажува стабилност и предиспозиции за високи дострели. Знам, не е сеуште калибар на кој Вардар може и треба да се наслони, но па и да му се донесат двајца странци, не е реална ситуација. Вардар покажа напредок, пред се со аклиматизацијата на Малус, кој ќе биде лидер на овој тим во нападот, но и со враќањето на Борозан, кој иако релативно неспремен, сепак физички доминира и знае парцијално да биде корисен за тимот. Чупко, очигледно доста посмирен на клупата, свесен е дека ќе треба време оваа екипа да се „дотера“, во што и не се сомневаме. Времето не е нивен сојузник, имајќи предвид дека секој изгубен бод, тешко ќе се надополнува до јуни. Вардар има потенцијал на бековските позиции, има голем број средни бекови кои играат за екипа, но имајќи предвид (пре)многу нови играчи, не е доволно уигран. Со враќањето на Еспиња, и особено на Лазаревски, во два правци, „двократниот“ ќе има што да каже при поделба на трофеите.

Под слоганот „Дали е некој за ракомет?“ стартуваше новата сезона на „Ракомет За Секое Дете“ 🔎🤾‍♂️🏐❤️🇲🇰

Прочитај повеќе тука ⏩ https://tinyurl.com/ydvw5dfe 🔎

Од друга страна, Охрид „забревтан“ после одличната најава на сезоната, и особено бодот во Автокоманда, со голема самодоверба влезе во натпреварот. За изненадување, Ројевиќ, од старт не го користеше Иванковиќ во два правци, а Стрмљан воопшто и не влезе во игра. Можеби и разбирливо до некаде за овој вториот, ако се има предвид дека Јотиќ игра најдобар ракомет, откако е дојден во Охрид, одигрувајќи за себе и за екипата на високо ниво. Изненадувачки за мене, Охрид игра многу добро во напад, имајќи предвид стилот на игра на Ројевиќ, чиј што фокус е на одбраната. Особено, во саботата, одличен во два правци беше Веин, кој иако делува споро и неуверливо, покажа дека има кликер, одлична техника, но и огромно искуство. Охрид нема за што да жали по натпреварот, во ситуација кога имаше егал натпревар, имајќи предвид дека за бодови против Вардар, ќе мора да имаат поголема поддршка од голман. Тоа е општо позната теорема во ракометот.

Она што може да му го забележиме на Ројевиќ е недовербата која ја има кон дел од играчите, во ситуација кога работите не се движат во посакувана насока, гестикулирајќи на начин кој внесува несигурност на тимот и прави играчите да не веруваат во себе. Исто така, на душа на шефтот на стручниот штаб оди начинот на кој Охрид ги заврши последните три напади од натпреварот, без да одигра ништо конкретно, оставајќи ги Јотиќ и Иванковиќ да шутираат од неизградени позиции. Доколку не се работи за полесна повреда, неучеството на Стрмљан, но и на Савревски, е исто така ситуација која останува нејасна. Можеби ќе звучи како „генерал после војна“, но Охрид, на овој Вардар, кој има многу потентни бекови, кои самостојно, тешко создаваат ситуација за гол, требаше да подготви зона која ќе го ограничи Малус и ќе оневозможи „добра топка“ и залет на бековите. Барем парцијално, на одреден период, како фактор на изненадување, од која што ситуација, тимот ќе можеше да ефектуира уште 3-4 „лесни“ погодоци. Доволно за комплетен успех.

Вака Вардар освои важни бодови и е единствен од четирите екипи, без загубен бод.

📸 RK Alkaloid

АЛКАЛОИД СИЛНО МОТИВИРАН, НО И НЕКОНКРЕТЕН, ПЕЛИСТЕР СТАБИЛЕН И УИГРАН

На второто дерби во Автокоманда, домаќинот, без право на грешка (иако е многу рано) и силно мотивиран, го дочека шампионот Пелистер, кој само пред неполни 70-часа, во името на мак ракометот, биеше битка во центарот на Европа, кај супер богатиот ПСЖ. Ситуација, која заедно со онаа која следува (натпреварот од големо значење за битолчани, против дански ГОГ) налагаше, максимално штедење на ресурсите и игра која не му одговара на тимот на Лазаров. Пелистер, уште еднаш покажа сериозна хомогеност, уиграност, и квалитет на одредени позиции, иако бројот на играчите кои можат да го следат системот на Гарабаја, во моментов не е доволен за настап на два фронта. Кажавме и пред сезоната, Пелистер веќе има база и „банда“ од 7-8 играчи, кои се надополнети со убави засилувања на голман, пивот и десно крило. Пелистер го има играчот број еден во лигата, кој прави разлика во секоја смисла. Пелистер го има Манасков, оној Манасков кој го знаеме, со фокус и амбиција да покаже кој е кој во моментов на таа позиција во мак ракометот. Но, Пелистер го има и Тајник, кој технички и моторички може да ги исползува квалитетите на Пешевски и особено Кузмановски. Ваков Пелистер, воден супер прибраниот Гарабаја од клупата, тешко може да „изгуби глава“ и да влезе во „лош филм“.

На другата страна, и дефинитивно, Алкалоид, без разлiка на желбата која беше неспорна, делува многу не самоуверено, во отсуство на „Брус Ли“, без лидер на тимот, на самиот терен, без играч кој може „да удри на маса“ и да смени терк на натпревар. Системот постои и носи резултат, во одредена мера, но очигледно, недовербата на „шефот“ кон некои, веќе профилирани македонски репрезентативци, влијае негативно на тие истите, во моменти кога треба да се скрши противникот. Хановер и сезоната без Европа, барем засега остава траги на играта, веројатно поради нервозата во тимот, која доаѓа од луѓето кои го водат спортскиот дел, не помирени со фактот дека, после првиот трофеј минатата година, Алкалоид нема да игра Европа. За подвлекување е солидната партија на Мартин Иваноски, кој беше заборавен во вториот дел, на напредокот на Даме Митев, кој покрај седмерците, каде беше непогрешлив, имајќи предвид возраста и искуството, одигра солидно. Факт е дека, познавајќи ја играта на Лазаров и ростерот со кој располага, противниците не дозволуваат натпреварот да оди во насока на „брканица“ по теренот и игра на гол повеќе. Особено беше тоа очигледно на натпреварот со Пелистер, каде мирниот и сталожен гостински тренер, поттикнат од фактот дека со Фитиљ, Тајник и Пеше има добитна комбинација на поставен напад, постави игра без натрчување со противникот.

Во таква ситуација, повторно, домашниот тренер, требаше да најде начин да го принуди противникот да игра побрзо, особено кога истиот тој е во напад, а не да остави Фитиљ, Тајник, Пеше, па и Хосни, на искуство, да „се влечат“ и да доаѓаат до посакувана позиција за погодок. Со агресивна зона, за која можеби нема доволно играчи со добра спецификација, но има многу широк ростер, да наметне висок ритам. На тој начин, и „големите“ Галец и Кизиќ ќе имаа повеќе работа од позиции кои нив им лежат. Вака, Гарабаја го одмори Фитиљ, а со тоа и Деки (како зависен од играта на овој првиот на позиција пет, кога треба да менува на т.н долга страна), во поголем дел од вториот дел, оставајќи ги колку што е можно по одморени за она што следува утре, во Битола, кога доаѓа данскиот гигант, најдобрата фабрика за играчи во светот на ракометот, ГОГ Гудме.

Пелистер е пред уште еден натпревар, на кој може да се надева на бодови, кои уште повеќе ќе го доближат до долго посакуваното 1/8 финале во ЛШ. Натпревар, кој според мене ќе го одлучи нападот (не одбраната!!) на битолчани. Доколку биде успешен нападот, Данците нема да можат да постигнат доволен број погодоци од транзиција, и уште ако голманите имаат двоцифрен број одбрани, Пелистер ќе игра егал натпревар, во кој се може да се случи.

Гарабаја го има рецептот, играчите, пред преполн „Боро Чурлевски“ ја имаат мотивацијата. Топката „под дрес“ и со Господ напред.

Среќно ракометна Битола!!!

Се гледаме во сала!

Автор: Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...