ТИКВЕШ ПРИЈАТЕЛСКИ ГО НАМАЧИ ШАМПИОНОТ. „ГЕРМАНЦИТЕ“ ВО САЛА,  СУДИИТЕ НА ТАПЕТ

Фото: gol.mk

Во сенка или во исчекување на неделното дерби, ден порано во Кавадарци, се одигра уште еден важен натпревар, каде домаќинот го пречека шампионот Пелистер. Со мојот пријател Виктор бевме на лице место, и од аспект на атмосферата која ја затекнавме и „инцидентот“ со црните маички за Аир Струга, може да прочитате во неговата колумна. Искрено изненадени или запрепастени од пријателскиот дочек од страна на публиката, па и од клубот-домаќин. Само тренерот на домаќинот, а со тоа и неговите пулени имаа друг есап. Сакаа да земат уште еден „скалп“ на голема екипа, после оној над „двократниот“. И не беа далеку, или нас така ни се гледаше.

А на терен, Ангеловски подготвен да „ја спушти“ агресивната зона на Тиквеш со 7-6, но Стојановиќ подготвен со 6-0 да одговори на предизвикот. Тиквеш „осакатен“ со неиграњето на Симиќ и Обина (кој влезе на 10-тина минути и покажа колку е значаен за тимот), одлично поставен, ја „стапна“ топката и никаде не брзаше (освен доколку имаше директна контра). Пелистер со сериозен ростер се обиде со Василев и Пешевски на „црта“ лесно да го решава нападот, а со многу трчање да ја „издиши“ кратката клупа на кавадарчани. И функционираше додека Василев не доби (не)оправдан црвен картон и формацијата 7-6 на Ангеловски остана пократка за еден пивот. Тогаш на сцена стапи црномурестиот Руди Сери, кој веќе втора година е во клубот, „јаде македонски леб“, играч за кој никој не знае на која позиција игра (освен „специјалец“ во одбрана), играч која нема „Р“ од ракомет, со супер голема доза на недисциплина и одговорност. Играч кој, ако сака да биде дел од шампионски тим, треба да плаќа членарина. А не да чини колку тројца просечни Македонски играчи. „Ваквите“ претходно во Битола не ги „оставаја“ прва плата да земат во клубот. Во Кавадарци не го видовме засилувањето од Полска, за кој насетуваме дека е недостоен да се нарече засилување на тим кој игра во ЛШ, но за него ќе оставиме малку време. Логиката наложува дека истиот со 2.10 не го поминал „ситото“ на Висла и Киелце, а треба да засили друг тим во ЛШ. Малку тешко!

Од самиот натпревар треба да се потенцира моментот на храброст и визија на тренерот, да го внесе „во оган“ Славчо Шулески, младиот стружанец, кој одговори на предизвикот и одигра на солидно ниво, имајќи предвид искуството и противникот. Стојановиќ покажува сериозен квалитет да извлече максимум (и нешто над тоа) од играчи како Мијатовиќ, кој имаше одличен натпревар во два правци, од Мартин Манасков или младиот Коцев. Импресивно делува начинот на кој функционира зоната на Тиквеш, на кој играчите со одредена насока на поставка, имаат слобода во моментот во одредена мера да импровизираат и внесат нешто свое во играта, а сето тоа, на долги патеки (во текот на целиот натпревар со Алкалоид и Вардар) да функционира. Тоа го видовме и со Пелистер, кога битолчани играа во напад 6 на 6.

Тиквеш (играчите и стручниот штаб) оставени сами, без поддршка од публиката која не знаеше или не сакаше да направи атмосфера во која нема да биде пријатно да се игра, имаше два обида на празен гол да го сврти резултатот и сето тоа на 2-3 минути пред крајот. Тренерот и играчите се морални победници на овој натпревар. Колку тоа им значи во моментов, си знаат они!

Еден добронамерен совет за Кавадарчани. Извештај и галерија на друштвени се објавува и кога се победува, ама и кога се губи. За ПР алатки и „хранење“ на медиумите со информации и фотографии, здравје, понатаму. Македонските екипи еволутивно не се созреани за тој сегмент. Засега е важно да се биде прв, трет или да се излезе Европа. Ама Европа не ја пуштаме да „влезе“  во спортскиот маркетинг.

п.с. Викендов „ Германци“ ги запоседнаа салите, третпат во историјата. Дел за да ни регрутираат „војници“, дел за да ни ја превземат „контолната база“. Како жолта штампа во нашите (социјалните) медиуми или реалност?

п.п.с. Цел фронт од екипи (не)организирано „удрија“ по делителите на правдата. Ако РФМ сака мир во куќа, мора уште вчера комисијата да ги разгледа жалбите (а и оние без жалби) и РЕАЛНО да ги отцени судиите за (не)правдата поделена на терен. Својсвено на тоа и хонорарот за натпреварот да се скрати и пренамени таму каде што има највисоки отцени на судии на тековното коло. Не може оние од Пролеќе, и оние од Автокоманда во неделата или од Охрид од минатиот викенд, финансиски да „поминат“ исто. Така во социјализмот, секој според можностите, секому според потребите. Реформи, казни, транспарентност во однос на отцени и „удар“ по џебот. Па нека мислат давпати кога ќе стапнат на терен. Ова не реакција на „вчерашното“ судење, оава е патологија која треба да ја лечиме и третираме.

Ако сакаме фер односи и квалитет!!!

Goran Gjorgonoski

Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...