Фото РФ Македонија
Просто е невозможно да се опише чувството на задоволство кога твојот тим ја остварува целта. А притоа воопшто не било лесно ниту здодевно.
Единствената спортска светла точка во Македонија, покрај атлетското чудо Дарио Ивановски, во подолг временски период се ракометарите.
Знаат често да не доведат на раб на нервен слом, да се откажуваме од нив со огласи, да ни го расипат крвниот притисок, но знаат и тоа како добро да не направат горди!
Во неделата сите бевме соочени со страшни прогнози. Притисокот врз играчите и селекторот на максимум, но паралелно и поддршката огромна. Уште на влезот на салата се чувствуваше посебна енергија, илјадници облечени во воени бои, фалангата подготвена. Во салата растеше патриотскиот набој, бевме подготвени да ги пратиме Фарците по риба.
Но тие се неверојатно добра екипа, предводени од, од мене малку потценетиот Скипаготу, кој покажа исклучително ниво на ракометна магија, подоцна и за неговата фрустрација, играа како германска машина, под конец и беспрекорно. Во салата имаа и мала група навивачи, па на момент си помисливме, нема белки толку да не понижат?!

Фото РФ Македонија
И тогаш на сцената стапи нашиот пркос, непокор, постепено ја градевме играта, игравме жестоко во одбраната, да се знае кој е дома, стрпливо во нападот, по принципот на ракометниот татко на Кире, Лино, на глава до гол. А тој, Кире, одговори на фрлената ракавица кога најмногу требаше. Со камата се реваншира на Данецот на клупата на Фарски, и самиот поздрав меѓу нив на крајот покажа каков бил напонот на клупите. Кире ја водеше Македонија, како што и самиот изјави во можеби една од најубавите и најжестоки утакмици откако е на чело. Донесе неколку тактички измени, неколку кадровски, ја прифати помошта од Иконата, на клупата, и сето тоа му се врати со камата, позитивна. Македонија е таму каде што припаѓа.
Има еден настан кој мора да се одбележи. Во еден момент, кога во континиутет бевме незадоволни од судењето на Турците, од кои нескриено сите очекувавме малку ветар в едра, кон нив полета импровизирана топка изработена од згужвано знаменце, дел од одличниот декор в салата. Серафимов појде кон него и го подигна од подот, и кога на момент се исплашивме дека ќе го однесе до судиите, незнам зошто воопшто таква мисла ни пролета, тој го отвори го испегла и го бакна Македонското знаме! Знаевме тогаш, овие деца се дојдени овде да победат !!!
Ракометните познавачи веќе ги детектираа и измените кои ги направи тактички селекторот, одбраната 5 + 1 со Џонов клучна, иако играа гостите долго и 7 на 6, Митев и Кузмановски како креатори во нападот, на кои им се додадоа фантастичните Пешевски, безгрешен со 8 од 8, жестокиот во одбрана Лазаревски, но и со 2 од 2 во нападот, препородениот Серафимов, егзекуторот Костески. Малку ротација, најдобрите го понесоа товарот. Талески на клупа, оти стилот негов и формата од поодамна го номинираат за предвремен одмор.
За сепак да имаме тахикардија се погрижија нашите голмани. Тие едноставно немаа ден, но од друга страна пак пресечената контра од Митревски, можеме да ја сметаме за одлучувачки момент во кршењето на отпорот на самобендисаните рибари.
Тие пак, во духот на западната ароганција, која очигледно им ја всадиле нивните господари, Данците, беа дојдени со иронични насмевки и верувам веќе разгледувале дизајн на дресот за светското. Но како што љубопитноста ја уби мачката, нив ги уби ароганцијата, кршењето на столчиња и трескањето на стативите по последниот свиреж, од страна на гореспоменататат ѕвезда во подем, доволно зборуваат за тоа.
Македонската ракометна репрезентација уште еднаш ни приреди трилер возбудувања. Веќе почнаа да се прераскажуваат авантурите од последните собири во Хрватска, таа далечна 2009 и поновата 2018, и со големо нетрпение ќе ја чекаме ждрепката. Ако биде се како што претпоставуваме, јануари и Хрватска не се воопшто далеку. Македонската фаланга во уште еден свој епски поход.
Столе ја имаше рецептата, Брзи Силни Бесни, момците ја прифатија рецептурата и испорачаа.
Македонија ги победи Фарски во Скопје 34:26.
Одиме на светско !!!

Фото РФ Македонија