Ако по утрото денот се познава, можеби, и покрај страшните грмотевици денеска над Јане, за македонскиот женски ракомет има надеж.
Неможам а да не започнам со впечатокот дека гледав тим со глава и опашка. Можеби е рано да се даваат одлични оценки, иако оптимизмот не ми беше на завидно ниво, но сепак она што вечерва го гледавме беше ракомет.
Селекторот постави одлична игра. Борбено во одбраната, силно и бескомпромисно. Прилично брзо а едноставно во нападот. Нашите девојки постигнаа безмалку 40 голови !
Натпреварот го имаше под целосна контрола. Па иако почна прилично нестрпливо и од едната и од другата страна, сепак македонките го поведоа орото. Па во раната фаза веќе беше 5-2. Видовме дека одпоодамна нотиранат Ангела Јанкуловска, капитенот Сара Миновска, Арсениевска па и во одбраната Џатевска и голманката Јовановска се за класа подобри, посмирени и поискусни од девојките во плаво жолта комбинација. Само неколку несреќно погодени стативи на средината од првото полувреме им дадоа малку надеж, се останато беше под контрола на стручниот штаб.
Па така видовме безмалку се што треба да понуди современиот ракомет. Подвижна одбрана, агресивна но без многу исклучувања. Комбинации во нападот, шут, додавање за пикер, вишок на крило. Видовме и брз центар, па во ситуации кога босанките ќе се понадеваа дека ќе врзат неколку голови, црвените девојки казнуваа. Видовме и одбрана 5-1, игра без голман, контри…
Во второто полувреме таличната голманка на босанките беше единствената што ја одложуваше егзекуцијата. Миновска беше незапирлива, Јанкуловска го трасира патот како одличен лев бек шутер, Коларовска се враќа после незгодната повреда посилна, а огромен потенцијал видовме и во играта на Арсениевска, Џатевска, Дамјановска и Ризовска.
Вредно да се напомене дека Савевски во игра ги уфрли и кадетките Пешиќ, Дуковска и Коловска како и најмалата пионерката Ива Младеновска.
Голманите сите три добија шанса и фатија по најмалку еден пенал. Кога во тимот ќе се приклучи и Седловска ќе ја имаме комплетната слика. А кога ќе се судриме со посериозните противници и вистинската сила на оваа нова Макеонија.
За стручниот штаб Савевски, Црвенковска, Станковски и Андреева, сите пофалби за првичниот впечаток.
10.07.2021 Скопје Македонија
ЕХФ Шампионат W19
Maкедонија 39 БИХ 28