Алиса во земјата на чудата

ФОТО РК ВАРДАР

Решив овој текст да им го посветам на двајца млади Македонски тренери. Зборувајќи за нив,
застанувам во одбрана на сите, посебно млади Македонски тренери.

Сведочам во подолг временски интервал на еден по мене социолошки феномен, систаматична на
моменти и хистерична хајка, по главите на Владо Недановски и Бранислав Ангеловски. Два лика
кои огромен дел од својот живот го дале на ракометот, на Македонскиот ракомет пред се. Тие
двајца и како долгогодишни играчи а потоа и внимателни ученици на клупата, трпеливо ја чекаа
својата шанса. Шансата да водат тим и шансата се што низ својот ракометен живот научиле, сега
да го вратат на големата сцена.

Во целокупната слика го додавам и ликот, на најдобриот Македонски спортист воопшто, Кирил Лазаров, кој исто така беше цел на говор на омраз, омаловажување, а се поврзано со неговата одлука по завршувањето на играчката кариера да продолжи како тренер.

Тажно е што најчесто и најдраматично повиците за нивна егзекуција доаѓаат токму од редовите на
симпатизерите од нивните клубови.

Тука сакам и да се задржам. Дали симпатизерите го сакаат својот клуб само кога победува? Дали е
спортска категорија поразот? Дали постојат клубови кои не забележале пораз? Дали постојат
ситуации кога противникот е подобар, посилен, помотивиран, или можеби има спортска среќа
повеќе, можеби и благонаклоност на судија?
Дали клубот се сака само во победа ?

И не случајно, го искористив насловот на едно епско сега веќе четиво од средината на 19 тиот век, во кое Луис Карлј со невидена фантазија се обидува да ги опише различните човекови карактери. Меѓу нив и суетната и длабоко исфрустрирана Кралица, која со невидена леснотија, донесува пресуди и отсекува глави!
Дали масата на џелати посветиле барем десетина минути на анализта на широката слика во
клубовите, на сликата во државата, на минатиот труд и на сите влезни фактори ?

Доаѓам до теза, всушност публиката и не ги бара нивните глави, таа е несвесна, живеејќи долги
години во општествена мизерија во која владеат корумпирани, најчесто нелегитимно избрани
политичари, години на мрак и криминал, таа барајќи ги главите на виновниците за состојбата во
која се наоѓа напатена Македонија, главите на корумпираните и криминалните структури, а не ги
добива, излезот го наоѓаат во спортот, и тука лесно вршат притисок, а неретко и ја задоволуваат
својата глад.

Да, јас не велам дека Бутин и Пурин се најдобрите тренери на светот, но во низа ситуации
видовме дека и тоа како добро знаат да го постават својот клуб, тактички да одговорат на
предизвиците, да бараат конкретни решенија за во нападот и одбраната. Знаат да освојуваат
титули и знаат да признаат пораз кога потфрлиле.

Да, боите на Вардар и Пелистер се тешки за носење и притисокот е голем, но во ситуација во која 3
Македонски клубови се слични по буџет, по состав и по квалитет и кога нијанси одлучуваат
навистина е нејасно како може да се бара од еден тим постојано да победува.

Ако го земам в предвид саботното дерби во Скопје, тезата ќе ми се потврди! Двајцата излегоа со
цел победа, играа жестоко во одбрана, детектираа слаби точки кај противничката одбрана и таму
напаѓаа, ротираа со цел на паркет да ги имаат најдобрите, физички, тактички и ментално
подготвени ракометари. Друга тема е перформансот на самите ракометари. Повеќе од јасно
видливо беше дека црвено-црните гризеа повеќе и беа погладни за победа. Тие носени на
крилата на своите навивачи имаа за нијанса повеќе расположени ракометари а го имаа и X
факторот Вуко Борозан, па заслужено победија. Во редовите на зелено белите, повеќе залутани од
фокусирани, па упорните и исклучително квалитетни Кузмановски, Митревски и Пешевски, со
повремена поддршка од Хосни не беа доволни за победа.

Јасно е дека Пелистер не добива тоа што очекува од Тајник, Манасков, Радивојевиќ и Борзаш, а во
Вардар добар дел од новаците допрва сознаваат каде се дојдени, но за тоа тренерите
дефинитивно не се виновни.

За двата клуба престои период на самоспознавање, на барање на грешките во сопствените
структури. На пример, во саботата Вардар сериозно потфрли организациски и маркетиншки па
така најголемото спортско Македонско дерби се играше пред полупразна сала, без содржина
пред и по натпреварот, без вентилација во салата, со доминантно агресивно присуство на
вооружени полициски структури, нешто што е комплетно невкусно и што ги брка вистинските
љубители на ракометот, просто колку само да се изигра.

Ако сите сме согласни дека ракометот е спорт број 1 во Македонија, тогаш така и треба да се
однесуваме, Клубовите, Федерацијата, Министерството за спорт, Македонската национална Телевизија, навивачите, медиумите…

Со силен апел за поддршка на Македонскиот спорт, Македонските спортисти и конечно Македонските тренери !!!

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...