Внимателно ги бирам зборовите. Денот го одбелжувам, тивко со наведната глава. 151 година од раѓањето на една од најмаркантните Македонски фигури, апостолот на современа Македонија, таткото на нацијата, Гоце Делчев. Со спортски жаргон се обраќам до естабилишментот, Леле луѓе што направивте?
Денот ми беше резервиран за осврт на првите две кола од СЕХА.
Таа СЕХА, колку и да беше недостојна и неконзистентна, сеуште сметам и неправедна, во овие две кола успеа да одговори на неколку интересни прашања.
Клучното прашање за Вардар и Пелистер беше, во каква форма се наоѓаат? По првите дуели видовме два дисфункционални тимови, кои мака мачат да ги поврзат своите редови. Поразите од Војводина и Татран не беа толку фасцинантни, колку што беше лоша крвната слика на овие два Македонски претставници. Малодушност, немотивираност, слаба физичка активност, неорганизираност. Двајца од номинираните од широката јавност, централни бекови кои Лазаров не ги поведе со себе, изиграа во корист на селекторот.
Првите мачиња се фрлале во вода, па ајде така и нека биде. Следеше второто коло, коло во кое тргнавме по потрага на вистината. Дали навистина Вардар и Пелистер се толку слаби?
Не, нема преголемо значење повторно резултатот, нашето пребирливо око бараше други знаци на живот.
Најпрво во Јане. Шокирани бевме од бројноста на Комити, пред се. Најжестоката навивачка група на Вардар се појави во полн состав, комплетирани со патриотска иконографија и порака. Така доаѓам повторно до Апостолот. Не сакам кога спортот се користи како поле за политички натпревар, но моментот и состојбите како да го беа тоа дозволиле.
И Вардар истрча со малку поинаква физиономија. Говорот на телото кажуваше нешто. А и со ротацијата овојпат помалку проблеми. Но Вардар сеуште не блескаше. Дел на искуство, дел на индивидуален перформанс на некои од црвено црните, дел на крилата на одличната публика, Вардар ја однесе победата. Она што заслужува внимание се статистичките податоци на Томовски и Талевски. Како светското да е зад нив дефинитивно.
Пелистер пак не успеа. Иако почетокот тоа не го наговестуваше, битолчани влегоа во една хаотична, лошо организирана и неефикасна партија. Ниту Нексе не блескаше, па слободно можам да кажам дека битолчани пропуштија прилика. Од нотесот ја вадам одличната партија на Костески, мојот струшки авиопревозник, ангажиран, агресивен, мотивиран. Така треба да изгледа секој ракометар. Тоа што е симптоматично за битолчани е катастрофалната реализација, 25/48 или едвај 52%. Нотирам дека на двата натпревари, за улогата на втор голман, Кизиќ остави повеќе од добар впечаток.
На кратко, СЕХА ти простувам. Овие натпревари и тоа како добро ни легнаа на сите. На нас навивачите, на тимовите на играчите. Да сега сите многу подобро знаеме во каква форма се нашите тимови.
Во очекување на стартот на долгоочекуваниот плеј оф, ќе погледнеме малку СЕХА малку Европска лига. Со надеж дека последен пат ќе мешаме политика, историја и спорт !