Славните денови на Македонскиот ракомет…

Се минато !

И не само како заклучок извлечен по вчерашните очајни претстави на двата и историски гледано најдобри Mакедонски тимови, туку и како дедуктивно извлечен заклучок од активностите на сите Македонски клубови во последните три сезони.

Ќе почнам одзади. Ниту еден клуб сем Вардар и Пелистер, а имаше неколку кои грчевито се бореа за излез во Европа, со ништо не покажаа дека сакаат и можат да изиграат повеќе од еден елиминациски дуел или епизодна улога во групите. Тоа го говорат нивните буџети, ростерите па и тренерите. Mеталург, Пролет, Бутел, Пелистер 2, сите со туристичка агенда. Видовме доста инстаграм постови и “сториња”, за екскурзиите, но ниту еден прес во кој ќе се образложат побудите за излез во Европа.

Значи нема амбиција. Без амбиција нема успех.

Сега за овие големиве. Прво Скопје. По распадот на системот создаден под палката на Самсоненко, никој ама баш никој не сакаше да признае, вклучувајќи ги и навивачите, секоја чест на некои исклучоци, дека како што вели Зоне во своето оплакување на младоста, “Мое беше си”. Спасителот на црвено-црните, Михајловски објасни дека неговата мисија е спас до пронаоѓање на крајно решение. Мисијата трае, решение нема, играчкиот кадар кроен со една единствена цел: Титулата да остане во Скопје!

Вардар нема, и несака, да инвестира во тимот. Вардар верувале или не нема втор тим, нема младинци, една мала група кадети кои достојно го носат дресот и една уште помала група пионери кои се на дното во својата категорија. Во една фаза од транзицијата сите очи беа вперени кон градот, како пандан на битолската опција, за спас, но од таму стигнаа само темни облаци.

Заминувањето на Гаџа и Савревски, епизодата на Борко, шепотењето за заминување на Томо во Германија, на Деки во сериозен клуб, неизвесноста околу времетраењето на кариерата на Капитенот, понудите за кубанецот и Тале, без контра теза, само дополнително ја влошуваат ситуацијата во која денес е Вардар.

И ако сега почнеме да говориме за поразот, поточно за впечатокот за играта во дуелот со Партизан, можеби ќе ни биде и полесно. Една група, со исклучок на Лазовиќ, ракометни за мене анонимуси, му одржаа лекција по модерен ракомет на не така одамна Европскиот Шампион. Ах да, да не заборавам, во Јане веќе нема греење, среќа што зимата беше блага и кратка.

Одиме на југ, Битола. Таму темата уште пожешка. Една теза, која не доаѓа од нашата кујна зборува дека фокусот кон титулата е толку голем што излезот од Лигата на Европа безмалку искалкулиран. Но и да не е така и да е, факт е дека и овој Пелистер се мачи. Неможе да го пронајде својот идентитет, своите доблести. Игра скандинавски или балкански ракомет, за гол повеќе или жестоко во одбраната. Со ротација го крева темпото, ги наттрчува противниците, ги разбива со шут или преку пикер …

Тоа пак што на битолската публика најмногу и смета е недостиг на вистинска машка борба. На Пелистер му недостасува и вистински лидер, по теркот на Периќ од минатите сезони. Му недостасува и домашен материјал, битолски, му недостасува и Костески од последните 4-5 натпревари и Танкоски од вчера.

Агрономот го испративме, данецов сигурно веќе има бланко билет во џебот.

Дали темата со аеродромот, со немањето англиски училишта, со ветвата Младост, каде со најлони се одржува термоизолацијата, дали лошиот скаутинг или нешто сосема друго е во прашање?

Нејсе, иако баш и не ја разбирам етимологијата на зборот, денеска со жалење можеме само да констатираме дека времето на гледање врвен ракомет во Македонија е минато.

Дали, како и кога, ќе бидеме благословени повторно да ужуваме во таква привилегија, одговор нема на хоризонтот.

И како за крај, се обидувам да се сетам кое е е најзвучното ракометно не Македонско име кое во моментов е на печалба во Македонија !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...