Како минуваат годините се почесто имам потреба да се навраќам и времето да го поминувам на места или со луѓе за кои како прв синоним ми паѓа на ум зборот култен. Така и вчера во очи на уште едно ново во зародиш македонско ракометно дерби, во култната Автокоманда, решивме да пиеме по една боза во култната Мандарина.
А таму, култните Славе и Џоле (едни од најдобрите ракометни судии на сите времиња Славе Николов и Ѓорѓи Начевски).
Седат, пијат кафе, традиционално пред натпреварот кој ќе го судат, ама не се свои. Во глава ми се вртат стиховите на Прличев…
Се претставил пред Арсења
наша патрика честнаго
и му рек’л слово горко, слово жалостно.
Еј! Слово жалосно.
Да разбрав, пред кусо време, стигнало словото од ЕХФ!
Како одговор или коментар или анализа се послужив со сеприсутните денес алатки, многу брзо најдов тоа што барав. Еве го сублиматот!
Ѓорѓи Начевски и Славе Николов важат за една од најуспешните и најреномираните судиски двојки во историјата на светскиот ракомет. Нивната кариера на меѓународната сцена трае повеќе од 20 години.
Ѓорѓи Начевски и Славе Николов се меѓу ретките во светот кои суделе финалиња на сите четири најголеми ракометни натпреварувања. Нивната кариера на највисоко ниво трае од 2005 година.
Еве ги статистичките детали за нивното учество на големите турнири:
Учество на големи натпреварувања
- Олимписки игри: 4 пати
- Лондон 2012, Рио 2016, Токио 2020 (суделе во машкото финале) и Париз 2024.
- Светски првенства (СП): 7 пати (сениорски)
- Прво учество во 2011 (Шведска), потоа во 2013, 2015, 2017, 2019, 2021 и 2023 (суделе во финалето). Претходно суделе на 4 светски јуниорски првенства (2007–2010).
- Европски првенства (ЕП): 8 пати
- Учествувале на сите шампионати од 2012 до 2024 година (2012, 2014, 2016, 2018, 2020 – финале, 2022, 2024). Беа планирани и за ЕП 2026, но номинацијата им беше повлечена пред почетокот на турнирот.
- Лига на шампиони (ЕХФ): 20+ сезони
- Редовно судат во елитното натпреварување повеќе од две децении. Нивната кариера во ЛШ го достигна врвот со судењето на финалето во 2024 година помеѓу Барселона и Алборг.
Резиме на финалиња
| Натпреварување | Година | Натпревар |
|---|---|---|
| Олимписки игри | 2021 (Токио 2020) | Франција – Данска |
| Светско првенство | 2023 | Данска – Франција |
| Европско првенство | 2020 | Шпанија – Хрватска |
| Лига на шампиони | 2024 | Барселона – Алборг |
Оваа статистика ги прави најуспешниот македонски судиски тандем и еден од најуспешните во историјата на ИХФ и ЕХФ.
Следно што ми лебди низ мислите покрај силниот шум од околината е Прличевиот стих
Меѓу народа ќе сејат
несогласје и раздори,
да се мразат син со татка и со брата брат.
Еј! И со брата брат.
ЕХФ во моите очи е една малодушна, ситна. бедна, корумпирано разрока и кусогледа организација која успева една прекрасна игра како ракометот со децении наназад да ја одржи на дното по популарноста. Органзација која не знае да ги чува и негува своите вредности и своите херои, испраќањето на Лунде во пензија не ја прави оваа игра голема, напротив е доказ дека ЕХФ е крајно селективна и ригидна.
Љубовта помеѓу Европа и Македонија никогаш не била во фаза на симултан бакнеж, за жал, мене ме боли што сето ова повеќе личи на Стокхолмски синдром!
