Првичните и не така темелни анализи, сепак велат дека ова светско, иако се игра на бреговите на Балтичкото не така топло море, Македонија ќе плива во длабокото, па дури и со ајкули!
Дали близината на Северното море со Балтичкото или нешто друго, но во моментов Холандија е претставена како втората по смртност Ајкула, која плива во правец на Македонскиот ракометен екипаж.
Холандската ракометна асоцијација е формирана далечната 1935, традиција за респект. Холандија која грубо е десетпати поголема по број на жители од Македонија, има регистрирано безмалку 5 милиони активни спортисти во околу 35.000 различни спортски клубови ширум земјата. Иако ракометот има 50,000 регистрирани ракометари што за нас делува како научна фантастика, тој сепак е само на 9 место по популарност во екипните форми. Доколку ги вклучиме и индивидуалните, позицијата ќе биде прилично полоша. За споредба федерацијата на спортови поврзани со Лизгање на мраз брои 160,000 членови и е само 7 ма по бројност.
Да подвлечам црта, за да се споредиме со холандскиот ракомет ние треба да имаме отприлика 5000 активни ракометари, што во споредба со нашите едвам 1000 ( 33 машки и 15 женски клубови 48×20= 960), делува доста поразително.
Не, ова не е вовед во кој давам изговор за евентуалниот пораз, напротив мојот тип е победа од 1 до 3 гола разлика за Македонија.
Славе, Бице и Џоле, велат ептен навивачки !
Можеби, да се вратам на Холандија. Тие во женскиот ракомет поодамна се етаблираа, додека во машкиот храбро зачекоруваат последниве неколку години. Ама навистина впечатливо.
Првиот пласман на едно Европско првенство во 2020 година го сработуваат во група со Латвија, Естонија и Словенија, како трето пласирани зад Словенија и Латвија. Во групата пак бележат два порази од Германија и Шпанија и победа над истата онаа Латвија. Во крајниот поредок се 17, Македонија пак заврши како 15 та.
Следното европско, 2022 се вистински Хит. Од тука и навниот полет, високите амбиции, симпатии од публиката па и сериозни обложувачки коефициенти. Накратко, во квалификациите по две победи над Турција и Полска и едно реми и пораз од Словенија. Во групната фаза најавуваа сензација, победа над Унгарија и Португалија и тесен пораз од Исланд за влез во главната група. Таму пораз од Франција и Данска, реми со Хрватска и победа над Црна Гора, за освојување на одличното 10 место. Македонија на ова првенство застана на 22 рото место.
На ова првенство брзите и лесно мобилни трупи ги предводеа тројца сега веќе добро познати ракометни фигури, Кај Смитс од Магдебург, Бајенс од Хамбург и најголемата нивна ѕвезда, Лук Стаинс од ПСЖ.
Интересно е дека ова за нив е второ учество на Светските првенства, но првото далечната 1961 година, тогаш без успех и два порази во два натпревари. На ова пак светско не се пласираа преку еден навистина сериозен бараж противник, Португалија, но на нивна среќа добија покана од ИХФ и со тн Wild card се здобија со право на учество.
Дека и покрај се и кај нив не цветаат лалињата постојано, доказ се и новите квалификации за следното европско 2024, таму портокаловите забележаа незгоден пораз од Грција но и тесна победа над Белгија.
На што го темелам отимизмот?
На последното европско Холандија беше хит. Тие тоа го постигнаа со својата исклучително брза игра која никој не ја очекуваше од нив. Овојпат сите ќе бидат подготвени. Тие не располагаат со врвни играчи пред кои се сечат нозете. Да Стаинс и Смитс можеби се на прагот на таков профил, но сепак двајцата се млади играчи, 27 и 25 години. Овој тим нема ниту доволно натпревари во своите раце и нозе па ниту факторот на искуство не е на нивна страна. Рејтингот од ИХФ, 19 ти на светот навистина не знам на кои параметри е граден?
Иако во составот има доста интернационалци, 8 од нив играат во Германија, 6 дома и по еден во Франција, Данска, Швајцарија и Белгија, сепак станува збор за ракометари кои допрва го бараат своето место под ракометното небо.
Нивен можеби најголем адут од сенка е секако и легендарниот Стефан Олсон кој од неодамна е на клупата. Дали неговата величина ќе биде мотив или терет на овие играчи ќе видиме наскоро.
За адутите и недостатоците на Македонија, за факторите кои го билдаат мојот оптимизам ќе пишувам во среда.
Среќни празници !
15 јануари 2023 во Краков со почеток од 18 часот, Македонија-Холандија