
Во сенка на големата победа на опозицијата на претседателските и парламентарните избори и натпревар од највисоко ниво за вљубениците на „најважната споредна работа на светот“, најуспешната национална селекција, во обид да избори поволен резултат гостуваше во супер далечните Фарски острови. Натпревар во кој Македонија доживеа (не)очекувано висок пораз.
Имајќи предвид дека ја имав привилегијата да бидам гостин во директниот пренос на националниот сервис, за што сакам уште еднаш да се заблагодарам на довербата, голем дел од работите, во од имавме можност да ги детектираме и нотираме. Затоа, планирам да бидам краток, пред реваншот во Скопје, после кој ќе можеме да изигруваме јунаци и после битка да се правиме генерали. Нели?
Да бидеме реални, ракометот памети „враќања“ и од поголеми порази од оној нашиот во средата, и тука не гледам проблем. Покрај тоа што резултатот делува шокантно, за тие што го следеа натпреварот, играта на противникот, можеме да кажеме дека изгледа и застрашувачки. Застрашувачки, пред се во однос на тактичка поставеност на работите, каде точно се знаеше „кој коси, кој вода носи“, каде можевме и да претпоставиме кој може да направи разлика во играта, кој ќе „троши“ топки, но и застрашувачки (за земја како Фарски острови) во однос на нивната перфектна техничка подготовка. Дисциплината во играта и трпеливоста во истата беа додадена вредност на тимот кој во средата ни одржа ракометна лекција. Особено кога ќе ги земеме во предвид значењето на натпреварот и (не)искуството и возраста на играчите на нашиот противник. Спомнав во мојата колумна, иако не беше тоа измислување топла вода, дека Фараните и географски и административно, но и ракометно се под огромно влијание на Скандинавија. Систем на ракомет кој никогаш не ни лежел и многу тешко сме се справувале. Многу тешко или никако.
Спомнав во првата колумна за двомечот за пласман на СП 2025 дека Фарски острови не се селекција од самиот врв, дека немаат искуство и како национална селекција, но и како поединци, имајќи предвид возраста, а тие со „партијата“ прикажана завчера комплетно ме демантираа. Останува да видиме дали „проблемот“ е во нашите редови или Фараните, после успесите во јуниорскиот ракомет, каде на три последователни турнири успеаја да се пласираат на првите 10 места, и како сениори ќе го „нападнат“ врвот. Бевме сведоци дека ТИЕ знаат кај „удараат“, прашањето е дали ние знаеме кој сме, какви сме, каде сме силни или кои ни се слаби страни?
Веднаш по натпреварот, во глава ми се извртеа три збора кои, според мене ја дефинираа нашата игра, нашиот лик и тоа како ние делувавме. Декадентно, бескрвно и конфузно!
Декадентно, од аспект дека сеуште имаме играчи кои мислат дека во стилот на славниот Славниќ можат да ја држат топката, да ја „малтретираат“ и без залет да направат разлика во играта, а при тоа се исклучително високи и релативно спори. Декадентно, од аспект дека нашите пивоти сеуште мислат дека ќе видиме некое фајде од класиката „два на два“ и поставување каде што е топката, а како резултат видовме „создавање дополнителна густина“ на нашите надворешни играчи. Декадентно од аспект дека сеуште мислиме дека со еден единствен „дуел играч“, кој може да направи разлика (а на истиот не му создаваме простор), ќе се протнеме во европскиот ракомет.
Конфузно, затоа што во ниту еден момент, на двата дела од теренот, не знаевме што сакаме, немавме поставеност која ќе ги истакне нашите јаки страни, и не препознавме кој може да направи разлика во играта. Конфузно или лесно читливо, затоа што комбинираме „баби и жаби“, како Талески и Митев, кои не поради висината, туку поради начинот на игра и размислување не можат да играат заедно, а ние сакаме истите да ни стартуваат натпревар. Конфузно во одбраната, во која само на натпреварот во средата, и само на двете централни позиции продефилираа дури ПЕТ ракометари, барајќи ги „вистинските“. И таму, како и во нападот, спротивно на моето размислување кое е евидентирано во колумната пред натпреварот, стартуваме со играчи кои апсолутно не се адекватни за играта (читај играчите) на противникот. Лекцијата со Маркоски и Швајцарија, очигледно не ја научивме.
И за крај, бескрвно, што веројатно најмногу боли, кај публиката која ја следи националната селекција последните 15-ти на години. Особено во фазата на обраната, каде освен Атанасиевиќ на моменти (притоа со нефункционални исклучувања) и Лазаревски во минутажата која ја доби, не видовме дуел игра која не красеше годините наназад. Видовме недоверба меѓу играчите, видовме ненавремена помош на играчот до себе и видовме страв и чување на „својот“ играч. Не видовме искуство и предвидување на една и пол акција на противникот (ослободување од блокот на домашниот пивот), не видовме хомогеност, густина и тактичка поставеност. Јас од како паметам, со „фините“ Скандинавци, не учеле дека треба да се игра „на нож“, кога веќе технички не можеме да се натпреваруваме. Иако, моето лично искуство е дека има екипи кои не ти дозволуваат да играш на граница на дозволено. Дали нашиот противник во недела е таков, останува да видиме.
Дотогаш, најважно е екипата психички да се подготви, да се убеди тимот дека ова беше само лош ден, дека овие играчи и тоа како можат подобро од она што го видовме на островите.
Но, треба и да се прочешла составот, дебитанти со 0 минути игра не ни требаат, ни требаат играчи, кои ВО МОМЕНТОВ, можат да придонесат, па макар и минорно, во одреден сегмент. Но исто така, одредени (најискусни играчи) во составот, кои уште една потврдија дека не се во натпреварувачки ритам, дека немаат „киселина“ за овој спорт, но и дека се „застарен“ модел на ракометари, треба да ги елиминираме од составот.
За истите да не се претворат во јамка околу вратот на тој што ги води и СЕУШТЕ верува во нив!
Македонија има ракометна традиција, има квалитет и како што покажала и на многу други полиња, кога е најтешко и кога се наоѓа пред амбис, тогаш е најопасна. Пласманот во Хрватска е врвен интерес и приоритет. На националниот тим му треба поддршка и мир. Но, исто така му треба и будење.
п.с Среќен да му биде роденденот на селекторот на националниот тим!
Напред МАКЕДОНИЈА!
Се гледаме и слушаме на МТВ!
Поранешен македонски репрезентативец и координатор на проектот Ракомет За Секое Дете