Ете го видовме и тоа чудо. Додуша чудо имаше и пред натпреварот кога Бабиќ ја смени реториката, па од жалопојките дека “буџетот е тој”, дека “играчите се тие кои што се “ и сето тоа еднакво на “не барајте и не очекувајте многу од мене”, се помина на изјави од типот “Грците ќе удрат во нашиот одбрамбен ѕид”. И среќа што даде таква изјава, затоа што така и беше.
Инспиративниот и полетен тим, од тотално не ракометната земја – сосед (тој де, јужниот), навистина се удри во битослкиот ѕид.
Пелистерци се покажаа во едно сосема ново светло, впрочем како и во самиот наслов, видовме еден нов Пелистер.
Го видовме стандардниот и според мене се подобар Периќ (стрелец на 8 голови), кој ја држеше целата игра и тим под свое. Доказ за тоа дека Периќ командуваше и беше креатор на играта е и судискиот тајмаут, некаде на 4-5 минути до крај, при сигурно водство на Пелистер од 6 гола при што Периќ ја искористи таа пауза и го договори нападот со своите соиграчи. Но Жељко не би бил Жељко, ако не го извлече од ракав својот стандардно – енигматичен потег со нетипични измени. Го повика тој својот тајмаут и му ги помеша плановите на Периќ. Ги извади од игра клучните Периќ и Табоада и за првпат во игра го уфрли Танкоски, кој веројатно го извади од под туш. Ги испомеша и позициите и со неколку грешки во нападот и одбраната на битолчани, овие другиве, атињаниве набрзина направија серија од 3:0. Среќа за него и за неговата македонска лична карта за привремен престој во Македонија, времето беше при крај, па резултатот остана таков каков што и требаше да биде 30:27
Во играта на Пелистер секако за издвојување е и кубанецот Табоада со 6 голови и на голот Секељи со 10 одбрани, сите во клучни моменти. Пелистер имаше разновиден напад, непредвилив, со чести варијации во играта. Головите доаѓаа без никаков ред преку шутеви од 9 метри, од крила и од пикерите. Видовме и луцидни шутеви од место помеѓу двете линии, а и скокотливи седмерци. Радува фактот дека и прераните две исклучувања на Обрадовиќ (во 8-та минута од првото полувреме) воопшто не го разнишаа концептот на играта на тимот.
Заклучокот е дека Атињаните или имале спортска среќа, па имаа две големи победи во првите две кола, или пак нашиве, битолчаните навистина ја дигнаа формата. Во секој случај гледавме убав, допадлив и разновиден ракомет. Пред се благодарение на Пелистерци.
από την Αθήνα, о Μέγας Αλέξανδρος
Александар Бицевски
16.11.2021
АЕК 27 ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР 30