Фото РФМ
Беше една од првите пораки кои ги примив синоќа, веднаш по победата против Луксмебург.
Е да, дефинитивно, натпревар против ракометен анонимус не може да даде одговор на ова прашање, но може да под открие што се случува под јорганот.
Генерален е заклучокот дека Македонија овојпат навистина има млади играчи. Освен Митревски, Ѓеоргиевски, Манасков, Марковски и Пешевски сите останати се под 26 години. Попрецизно под 25 и многу помали ако знаеме дека Филиповците, Талески и Кузмановски се единствени со 26.
Значи да, со толку млади играчи имаме иднина.
Прашањето е во кој шешир ќе не смести таа иднина?
Па грубо и навивачки, помалку неуко би изгледало, ако одговорот е, таму каде што ни е и досега местото. Но всушност да пробаме малку подедуктивно да анализираме.
Во моментов имаме само 2 играчи кои играат посериозни натпревари. Тоа се капитенот Митревски со Порто и настапи во Португалската, за која и немаме баш прецизно мерило од кој квалитет е и Лигата на Шампиони за која немаме дилеми дека е Crème de la crème. Кузмановски е вториот играч кој настапува во една сериозна лига со сериозна улога и сериозен квалитет. И толку.
Дуелите во Македонската суперлига, без потценување неможеме да ги сметаме за мерило на квалитет ниту за предуслов за развој и напредок. На пример еден Талески кој беше член на Рајн Некар и играше во врвна лига и евро купови сега се гради во Неготино, Куманово, Прилеп, Струга и Охрид. Слично на него Пешевски играше против Кил, Фленсбург, Магдебург, Рајн Некар, а сега силите ги одмерува во Неготино, Радовиш и Кисела Вода. Манасков кој стана синоним за гол машина во унгарскиот гигант Веспрем игра во првата група од супер лигата онаа на Талески.
Да не звучи дека играчите се виновни, но сплетот на лоши околности кај клубовите, најпрво Металург па сега и Вардар, ја стави и репрезентацијата во мачна ситуација. Па ако е повеќе од јасно дека клубовите а не репрезентацијата создаваат играчи а таа само ги афирмира, сега ситуацијата е драматично поинаква. Па така сега репрезентацијата низ своите натпревари треба и да создава и да афирмира играчи. Малку тешко нели?!
Радува фактот дека листата на репрезентативци е широка. На тоа да додеме и одреден број на играчи за кои има забелешки дека не се ни на поширок состав, брифирам, Карапалевски, Аларов. Но загрижува фактот дека на македонските клубови очајно им недостасува учество во европските купови. Па така на пример во првиот состав имаме двајца играчи од тимот на Пролет, за кој имам дилема околу амбициите. Потоа еден куп од Алкалоид и Вардар кои сезонава ќе останат само на домашно тло и мала но светла точка Пелистер, кој вчера партиципираше со 5 играчи ако не грешам, кои за среќа ќе ги гледаме како напредуваат во Евро Лигата.
Вториот аспект на кој ми укажа и еден угледен Македонски кондициски, е количината на артилериско оружје од голем домет. Па така на прва освен Талески кој да не заборавиме долго се бореше сам со себе, во мометов немаме “хаубици” на располагање. Ова секако ја лимитира можноста на секој стартег во подготовката на битката. Дали тука младите сили ќе ме демантираат ќе треба подолго време за да просудиме.
Да, ќе оставам нешто и за во понеделник, веднаш после сигурно, многу посериозниот дуел со турците. Од вчера за нотирање ми остана и катастрофалната изведба на пенали, 1/4 навистина може скапо да чини во пресметки како што ние традиционално имаме, а тоа се дуели со маргина 2.
Охрабрувачки долга беше листата на стрелци синоќа, но само доколку таа се повтори ќе зборуваме за позитивен тренд.
На селекторот Лазаров му предстои многу работа. Зимата брзо доаѓа, а апетитите на македонската ракометна јавност околу божиќ се навистина големи.
Честитки за победата секако, публика имаше доволно за ваков неатрактивен противник, за одбележување и “херојскиот” потег на луксембуржанинот со српска днк кон крајот на натпреварот кога со два жестоки фаули и едн гол ја разбуди летаргичната публика. Беше награден со салва од свирежи и по некоја сочна балканска честитка.
Ама пак нели ние од остатокот на светот токму по тоа сме посебни.
Со срце за Македонија.
По натпреварот Македонија 38:24 Луксембург, прво коло квалификации за ЕУРО 2024