Македонија покажа став !

Фото РФМ

Полесно дури и од очекуваното, но блиску до асоцијацијата од насловната во пресрет на натпреварот , Македонија ја преслуша Турција. Имено редакцијата на САМО РАКОМЕТ одлучи да го обележи градот домаќин Ван, преку најпрепознатливиот белег, ЌЕБАП. Па така еден гол недостасуваше да го заокружиме денешниот наслов: Десетка со кромид.

Во ракометните аматерски анализи кои ги спроведуваме со голема страст и жестина, како влезна информација значаен дел зазема и реториката на двата табора. Така овојпат не помина не забележана изјавата на турските официјални лица дека ова за нив е натпревар од историско значење! Хм, ајде да размислиме, тие никогаш не играле на европско, никогаш не ја победиле Македонија, Португалија ги понижи, немаат елитни играчи, ниту елитен тренер, нивниот жежок терен полн со основци и гимназијалци. На што ја базираа оваа изјава?

Како и да е, огромниот притисок врз тенките турски ракометари, им овозможи на нашите момци со сериозен пристап на почетокот веќе во првите десетина минути да ја одгатнат загатката и со 9:0 да објаснат кој е кој во ракометниот свет.

Што може да научиме или согледаме од овој дуел?

Македонија ја забрзува својата игра, нема некој значаен поединец врз кого се базира посебно играта. Делува дека во игра се користат сите расположиви сили. Надворешната линија за момент делува дека е посвежа и покреативна кога Талески и Кузмановски не се заедно. На десен Јагуриновски со дрскоста, одлучноста и ефикасноста сериозно се наметнува. Петров доби премалку минути, можеби можеше повеќе.

Се повторува доживувањето дека шутеви од далечина немаме. Дали немаме и шутери или новиот стил на игра нема да се потпира на тоа оружје времето ќе покаже. Ми недостасуваа акции за крило, таму имаме извршители од светска класа. Во одбрана сме подвижни и добри додека сме свежи. Како одминува натпреварот се појавува по некоја дупка. Голманите ни се одлични. Фактот дека одреден број играчи ќе се формираат преку репрезентативните а не првенствените дуели останува.

Заклучокот кој ни провејува еден извесен период, резултати посериозни може да очекуваме во сезоните 2024/2025/2026. Најмалку една сезона откако нашите клубови кои даваат репрезентативци ќе играат во европските купови. Пример сега го имаме само Пелистер, а догодина би ги имале повторно Вардар, се разбира Пелистер и можеби посериозно Тинекс Пролет, Бутел па секако и Алаклоид. Се разбира ова е хипотетички под услов никој од репрезентативците да не направи трансфер.

Резимираме дека и покрај желбите да видиме посериозен дуел и посериозен тест за нашиот тим, сепак остануваме со резерва и велиме. Ова не е вистинското мерило за квалитетот.

Вистинското ќе биде во јануари кога ќе се соочиме со неколку сериозни тимови на Светското.

Македонија се сака и во добро и во зло !

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...